НИКОЛА ГРУЕВСКИ

Изминаа четири изборни циклуси (два парламентарни, едни локални и претседателски) и на сите нив, со сосема убедливо мнозинство победата ја однесе политичката групација концентрирана околу ВМРО-ДПМНЕ, поточно нивниот водач Никола Груевски.

Јавноста во многу наврати се занимаваше со неговата биграфија, кариера, приватниот живот, политичкото дејствување, намерите, резултатите и што сè не! Но, со оглед на логиката и динамиката, пред сè, на медиумите, на крајот на краиштата испадна дека со Груевски досега најдобро се занимавал Тој самиот, што и под тоа да подразбираме.

Имено, уште кога застана на чело на ВМРО-ДПМНЕ беше јасно дека станува збор за ПРОЕКТ чиј што креатор е или Тој самиот, или пак станува збор за потфат во којшто се вклучени, сега засега, анонимни и неброени асистенти, поточно експерти. Не секогаш и не по секоја цена, само домашни. Како и да е, сликата („ликот и делото”) со кое се соочува(ше) македонскиот граѓанин, особено гласач на изборите, говореше дека тоа е токму Тој, најдобриот избор за него. Така се случи да Груевски, освен што тотално ја деструира „легендата Георгиевски”, во ВМРО-ДПМНЕ се стекна со статус на неприкосновен водач, а кај дел од членството дури и до размери на божество.

Едноставно, калкулирајќи токму со тоа дека македонската јавност, академската којашто е пасивна, уплашена, комформистична, корумпирана, а медиумската воглавно површна и под силно влијание на „газдите”, Груевски, со помош на асистентите и експертите во “Проектот Груевски”, на јуриш ги освои сите пори и канали и скоро непречено се всели во свеста на граѓаните! Со гигантска пропагандна машинерија, со пари чија што бројка одамна се брои со повеќе од шест нули (во евра), со војнички организирана партиска инфраструктура, со тајни служби на располагање и ред други механизми Груевски не остави простор за ништо друго, а тоа „другото” секако беше во безсознание што заради последователните порази, што заради (понекогаш со апаратурата наметната од Груевски) нечистата совест, што заради, сепак, потрошеноста на секако кревкиот (“тенок”) идеолошки концепт. Груевски, или она што веќе слободно може да се рече, концептот на една Македонија која е во секакви видови на бунила, цврсто чекори и на повидок нема нешто што, барем заради здравјето на демократијата, може да му се спротивстави.

Форум-ЦСИД во многу наврати се занимаваше со овој феномен и во таа насока, охрабрен од некои донатори, го формулира и стартува проектот: ДОСИЕ ГРУЕВСКИ. Што тој проект, во кратки црти, колку за најава, подразбира?

Најнапред, документирање на целата животна и работна биографија на Никола Груевски, највлијателниот политичар во последните три години, а соодветно и креатор на доминантните општествени процеси.

И потоа, разработка на елементи на таа биографија, сè со цел, не само да се „дешифрира” феноменот, туку низ целиот тој процес на истражување да се откријат патиштата преку кои македонското општество-држава ќе прооди со поцврст, посигурен од, кон она што беа идеите водилки при дизајнирањето на слободна и независна држава.

 

ПРИЛОГ: ИЗЈАВА НА ЃУНЕР ИСМАИЛ ЗА НЕДЕЛНИКОТ ГЛОБУС БР.119-120 ОД 28.07.2009

ДА СЕ СКЕНИРА БИОГРАФИЈАТА НА ПРЕМИЕРОТ

Од септември Груевски ќе треба подлабоко да размислува што точно (ќе) прави, оценува Ѓунер Исмаил за неделниот магазин Глобус, сугерирајќи дека досега никој не направил детален преглед на биографијата на премиерот.

Како што наведува нашиот соговорник, таа биографија, главно е сконцентрирана на четири пункта.

Првиот е неговата брокерска фаза и “…тоа е приод кога тој го учи занаетот и токму сега можеме да се посведочиме што точно и како научил, ако само малку подлабоко се загледаме околу сите аспекти на она што се нарекува државно задолжување со некакви прилично мистериозни обврзници, поточно, мистериозни купувачи на државните обврзници!” Втората етапа е неговото министерување во Министерството за трговија, “… кога покрај кампањите за купување на македонски производи, се случи ОКТА и на неа фрапантно блиски и слични случаи. Тука мислиме пред се на купувачите и “изведувачите на операциите”!”

“Третата фаза е веќе кога Тој беше министер за финансии и важното е тоа што, покрај контролата на сите дејанија на царината, сите воено-полициски набавки за време на кризата во 2001-та одеа токму преку министерството кое што го контролираше Груевски, што ќе рече со негово знаење, ако не и потпис! Тоа никој досега не го гледаше, освен некои парцијални наводи, но и обиди за зашеметување, какво што е ‘фрлањето прашина бо очи’, со случајот ‘Пауновски’ преку кој се прави обид за дефокусирање на вниманиетоо на јавноста, токму на 2001-та и токму на улогата на Груевски во тие настани”

“Четвртиот период е од 2006-та па наваму, од кога Тој е Премиер. Тоа е период за кој што и децата би требало да знаат што се случува(ло)”