Во изминатите десет месеци, Форум ЦСИД го спроведе проектот „Зајакнување на влијанието на граѓаните при одредување на приоритетите на ЕЛС“ во рамки на Проектот за креирање на овозможувачка околина во земјите од Западен Балкан за мониторинг на реформите на јавната администрација од страна на граѓанското општество (WeBER). Овој проект тргнува од премисата дека само со зајакнување на невладините чинители и со јакнење на партиципативната демократија на национално и на локално ниво може и понатаму да се врши притисок врз владите да продолжат да ги спроведуваат реформите во јавната администрација, кои се често болни и непопуларни и најчесто продолжуваат и во периодот по пристапувањето во ЕУ. Со активностите, Форум ЦСИД се обиде да помогне да се зајакне учеството на граѓанското општество, медиумите, бизнис-секторот и на локалните заедници организирани низ форми на месни и урбани заедници, активно да влијаат врз донесување на одлуките и одредување на приоритетите на локалната власт во три општини во Македонија (Охрид, Тетово и Центар). Сметаме дека само така локалната администрација може инклузивно да ги спроведува и да ги дефинира на што е можно потранспарентен начин политиките важни за квалитетот на животот на граѓаните. Воедно, сакавме преку прoектот да се воспостави поцврста врска и да се подигне капацитетот на граѓанскиот сектор, како и на месните и на урбаните заедници, и тие да влијаат единиците на локалната самоуправа да станат простор за иницијативи и активизам.  Во рамки на проектот издадовме прирачник кој треба да им овозможи на граѓанските здруженија, неформалните групи, претставниците на месните и на урбаните заедници, медиумите и на бизнис-заедницата во целост да се запознаат со можностите и начините на кои подобро ќе можат да влијаат врз одлуките на локалната администрација, посебно кога е во прашање одредување на приоритетите за тоа како и за што ќе се потрошат парите на граѓаните и кои проблеми ќе добијат приоритет при решавањето. Но, исто така, доколку е потребно, и да се здружат и заеднички да побараат нови решенија, кои долгорочно ќе овозможат успешно функционирање на овие основни клетки на локалното организирање.

Прирачникот можете да го преземете тука.