ОДРЖАНА II СЕСИЈА НА ШКОЛАТА ЗА ПОЛИТИКА
Од 26-29 март, во Кочани се одржа втората сесија на Школата за политика. Генерална тема на овој семинар беше Македонија и изборите: Историја на порази и успеси. За време на интензивниот четиридневен семинар, триесетмината слушатели на шестата генерација на Школата за политика, имаа прилика да прослeдат предавања на врвни експерти од Македонија, како и предавањата на гостите г-ѓа Мери Ен Хенеси која е политички советник во Советот на Европа и г-дин Мартин Дасон, заменик раководител и советник во одделението за Република Македонија при Генералниот директорат за проширување на Европската комисија.
Гостин говорник на втората сесија на Школата за политика беше и НЕ г-дин Ален Брајан Бергант, Амбасадор на Република Словенија во РМ, кој зборуваше за словенечкото искуство во процесот на Европските интеграции и за поуките кои Македонија би требало да ги изведе.
Другите теми кои беа обработени на втората сесија се однесуваа на парадоксот на изборниот процес во РМ, изборниот закон и изборната пракса, медиумите и изборите, важноста на предизборните политички кампањи и најчестите манипулации, јазикот на оружјето и историјата на изборните нерегуларности во Република Македонија како и разните аспекти на негласањето.
Следната сесија на Школата за политика ќе се одржи во мај во Охрид.
