За грст ситни пари
Слушнам ли дека Премиерот-во рубрикава, на галено наречен Пастир- се подготвува, или веќе е кинисан на некој од оние off road турнеи, само ми се потврдува јанѕата дека барабанот на кој што ќе заврши Македонија е се поблиску и поблиску. Така и со последново патување, во Катар. Катарците, верувам, одамна не виделе таква група на очајници, а државничкиот, а и други интереси, им налагаше да бидат “на ниво“, особено ако работите се гледаат од еден друг агол. Чистиот интерес. Но, за тоа нешто подоцна.
А не дека не се знаеше до кај ни е алот. Се знае, се чувствува, а похрабрите познавачи, особено на економските теми, дали “одоколу“, дали директно, предупредуваа за огромната дупка во која се наоѓаме, а преродбениците со сите расположиви средства за манипулација, се трудат да ја сокријат. Приказната дека живееме во најдобриот од сите можни светови е мантрата на полу-светот од Ленинова, напикан по медиумите на коалиционите и бизнис партнерите и се вергла без престанок. Но, дупката, сакате политичката, сакате идентитетската, сакате институционалната, сакате во секојдневниот живот на најобичните граѓани е толку многу голема, та веќе не можат да ја сокријат ниту со ќотек, кој им е секогаш (пред)последен аргумент на неранимајковците. Последниот аргумент, но и засолниште им е, дури се во земјава, знаете веќе, наци-национализмот!
Бидејќи мангупаријава знае до каде е стасана работава ја обзема страв, треперење, тресење. Затоа оваа трка по пари е така трескавична. Апетитите на арамииве беа, а зачудивачки, се уште се големи, па во меѓувреме на аукциите кај државата и централната банка сумите кои ги/се позајмуваат достигнуваат цифри од неколку стотици милиони евра-месечно! А не стасува за се‘ што нивниот налудничав гангстерски ум ќе смисли.
Сепак, освен реалните пари за трошење “по дома“, таа трка по пари во странство има и една друга димензија. Имено, преродбеничкиве арамбаши живеат во заблуда дека ТАМУ каде што ќе успеат да “уновчат“ нешто од ова што по нивното шестгодишно пустошење остана, ќе биде местото за нивно засолнување, сосе парите се разбира, а дека новите партнери, сакале-нејкеле, ќе мораат да го распнат заштитничкиот чадор врз нивните глави!! Така ја имаат смислено, одамна, сопствената светла иднина, најтесниот круг на преродбениците, или како што опозицијата ги нарекува-Фамилијата!
Инаку, нивниот талент за прибирање на пари, но и трошење, надалеку е познат. Се истакнаа уште во далечната 2001-ва, при набавките на оружје и слично, а покриени со паролата “ја браниме земјата“! Тој талент го усовршија и надоградија од 2006-та навака. Ама, во државава пари веќе нема! Се испразнија сите каси, се наштелуваа сите возможни и невозможни тендери, се изрекетираа сите за кои се знаеше, или се мислеше дека имаат некакви пари. Останаа уште некои ситници кај тнр. Олигарси, ама преродбениците се свесни дека тоа не ќе можат да го однесат ТАМУ каде што наумиле да бегаат. Всушност она што како лустрација го подметнуваат, само е вревата која ја дига секој квалификуван арамија, при бегството од местото на злосторот. Тоа е истата врева која се обидоа да ја направат со “тепачките“ ама по се изгледа, им стигна некој “лош абер“ и, сега-засега таа операција, напоменувам, ја одложија за некои други времиња и да не се олабавуваме предвреме. Препоставувам дека Македонија ќе се соочи со “пакет“ на такви, арамиски операции, а се со цел ЗАДАЧАТА (Македонија да ја снема!) да се исполни, а во метежот Тие да си заминат (така Тие си мислат) во обезбедените засолништа. Запенавените елаборации на нивните главни говорници се токму тоа. Врева како подготовка за реализација на планот, во историјата познат како “Немци у повлачењу“!
Кој од ова нешто разбра, разбра. А кој не разбра, или пак не сака да разбере, ќе му се објасни. Ќе има белки некакви “групи за објаснување“. Преродбениците докажаа дека немаат намера ништо добро да сторат за земјава. Да имаа намера немаше да не зае****аат со Панорамски Тркала, Коњи, Кочии, Рингишпили, Бродови, Палми, Врби. Или пак нивните загари немаше интензивно да работат на поделбата на нацијата кој никогаш не била вака поделена како што е денес.
Значи, одкако испродадоа се‘, според формулата “едно евро за…“, за било што де, а кај да е и неколкуте “загубари“ ќе заминат за “едно евро вкупно“, им преостанаа уште неколкуте “златни кокошки“ и сега им се токмат. Да ги приватизираат исто така како што тоа го сторија во “славните и патриотски“ години 1998-2002. Тогаш “заминаа“ најдебелите златни кокошки: ОКТА, Телеком, а во сите тие зделки, некогаш видливо, некогаш невидливо, учествуваше Пастирот. Ете ги сега повторно со проверениот рецепт.
ЕЛЕМ е една од тие кокошки и во “Катарската Приказна“ е носечкиот столб. Потоа следи остатокот од акциите во Телекомот и можеби најдрагоценото, водните ресурси (исто така дел од Катарската Приказна!), а како што се нарекуваат со збирно име неколкуте, се уште чисти, реки! Реки, Ве молам, затоа што езерата не се во целост во посед на Македонија, односно на преродбениците. Ги делиме со комшиите, а таму, како што е познато, не пијат нафта и немаат намера да “бегаат“ од државите кои во моментов ги управуваат. За разлика од нашиве. Овојпат, ако не успеат со баснословни провизии, очајниците се подготвени да продадат СЕ‘ за ситни пари, за “неколку сребреници“, само за гаранции дека ќе им биде дадено засолниште. Дотаму е стасана работата.
Тоа е едноставната тајна за големите приказни за невидениот интерес на странците, за нивните пари кои, само што не дошле, а особено појачани во овие денови кога се случуваат последните подготовки за НАТО-самитот во Чикаго, но и изборите во Грција и Србија. Не го споменувам Блискиот Исток оти тој е, нели, далеку. А празната каса, новите отпуштања од работа, затворањето на фирми, баснословните долгови на државата за сите намерни глупости правени во годиниве зад нас не се веќе пред врата. Внатре се. Подземниот сојуз со “бизнис ориентираните“ стопанственици се покажува како недоволен, за капацитетите на стопанственициве, но и за апетитите на преродбениците, та така и тој извор полека но сигурно, пресушува. Она што како странски пари (којзнае зошто?) влезе, или влегува сепак се пари кои не е лесно да бидат изрекетирани. Странецов, освен оние кои се дојдени за подолго, не се така лесни на трошење заради “подмачкување“ на овој-оној. Таму има пазарења и на преродбенициве во тие релации домашниот есап (толку мене, толку за Оној, толку за партијата) не им излегува. Никогаш не им се случило (така барем тврдат сведоците на овие “преговори“) да добијат толку колку што барале.
Се‘ на се‘, кога ќе се стави на купче состојбата во земјата, случувањата во соседството, а особено (пре)распоредувањето на силите и интересите по белиот свет, летото, а особено есента, на преродбениците нема да им биде воопшто лесно.
Тие многу добро знаат дека не само што се идентификувани како закана кон внатре (што до скоро беше “мало гајле“ за заинтереираните кои, на галено, ги нарекувавме Гаранти) туку и во регионов можат да бидат употребени и тоа од “било кој“, како запалка за некаков пожар што, во никој случај нема да им биде дозволено.
Та затоа, илузиите на очајните преродбеници дека Таму Некаде ем ќе испазарат уште некоја пара за нив, ем ќе се засолнат многу брзо кје им бидат разбиени. Такви држави нема! А “инвеститорите“, особено оние кои тука веќе создале/купиле имот се многу прилагодлива сорта. Ќе се прилагодат на идните околности и тие први ќе ги заборават сите ортаклуци,брендирања, ребрендирања и сл. Интереси, што да се прави, ќе биде нивниот одговор.
А преродбениците, заедно со паричките, недвижнинете, тајфите (потенцијалните сведоци за нивните недела) ќе си седат тука и ќе се соочат со народот кого, можеби успеаја да го “поминат“ под Триумфалната Порта, сосема е сигурно нема да успеат да го качат на рингишпил, или пак на Панорамското Тркало. Уште помалку на Брод!
Каде тие ќе бидат качени не знам, ама знам дека некој од нив ќе учествува во поставувањето на челичната сајла околу вратот на Оној, качениот на коњ.
Една револуционерна латиноамериканска песна вели:
“Обединетиот народ никој не може да го победи“. Можно е некое време да го понижува, да го пљачкосува, да го лаже, да го тепа, ама на крајот таа работа завршува со пораз, на насилникот.
Пиноче пред лицето на правдата го исправија без мислење иако имаше деведесет години.
Ѓунер Исмаил, политички аналитичар
