Се одржа работилница за претставници на Пелагониски регион во Крушево
Во рамки на Проектот „Активни граѓани за добро владеење“ во периодот од 05 -07 јули 2019 година во хотелот „Монтана“ во Крушево се одржа работилница на која учествуваа учесници Пелагонискиот регион. Работилницата беше отворена од страна на извршниот директор во Форум ЦСИД, Слаѓан Пенев, кој ги запозна присутните учесници со проектот, целта, предвидените активности и периодот за нивна реализација. Како прв предавач се обрати Ѓунер Исмаил, претседател на УО на Форум ЦСИД кој со присутните учесници разговараше за структурата на општеството, местото на граѓанинот и граѓанскиот сектор во него. Напомена дека процесот на функционирање на државата е со помош на механизми (закони, институции и органи за присилба), а истите се спроведуваат од страна на законодавната, извршната и судската власт. Понатаму, преку работа во групи учесниците имаа можност од понудена листа на карактеристики да рангираат што според нив е добар граѓанин, што сметаат дека владата може да направи за да ги охрабри граѓанските иницијативи, како и што можат граѓаните да направат за да поттикнат граѓански иницијативи. Резултатот од оваа задача укажа дека секое општество е составено од различни идентитети кои имаат различни карактеристики и способности, но сепак, секој од нив има свое место во општеството и секој од нив, одделно, но и заедно, треба да се труди да го подобрува истото.

Во вториот дел од денот, предавачот Астрит Реџепи, со присутните учесници зборуваше за градењето и значењето на добрата соработка помеѓу граѓаните и граѓанските организации со локалната власт. На самиот почеток предавачот ги дефинираше поимите соработка и учество, па потоа детално ги објасни механизмите за соработка, односно институционалниот механизам, стратешките документи и другите механизми кои се користат (база на податоци, веб страни…), а се во согласност со легислативата на РСМ. Посебен акцент беше ставен на стратешките документи, како еден од најчесто користените механизми за соработка помеѓу граѓаните, граѓанските организации и Општините, односно за што се подготвуваат овие документи, која е нивната цел, кои се фазите низ кои треба да се помине за да се изготви еден стратешки документ и итн. Во текот, но и на крајот од неговото излагање, се отвори дискусија во која дел од присутните учесници наведоа кои форми најчесто ги користат, кои се нивните лични искуства за соработка со локалните власти и преку примери дел од нив во кои иницијативи би учествувале. Претставниците од Општина Могила и Општина Крушево со останатите учесници споделија за кои прашања граѓаните најмногу барат да се вклучат и со помош на кои форми го прават тоа, како и колку општините обезбедуваат услови за вклучување на граѓаните во процесите на донесување одлуки. Вториот ден од работилницата беше предводен од експертот за децентрализација и локална самоуправа, Зоран Јачев. Овој ден беше поделен во три работни сесии. Првата сесија беше посветена на дефинирање на поимите транспарентност и отчетност, односно кои се начините, средствата и алатките за постигнување отчетност и транспарентност, кои се придобивките и предизвиците во остварувањето на транспарентноста на локалната самоуправа и кои се видови на транспарентност постојат (активна и пасивна). Во втората сесија учесниците беа поделени во две групи и тоа едната група беше составена од претставници на локалната самоуправа, а другата од претставници на невладините организации. Целта на оваа работна задача беше и двете групи да состават план со мерки и активности преку кои невладините организации ќе успеат да станат дел од подготовката на буџетот на локалната самоуправа, а од друга страна локалната самоуправа преку своите мерки и активности од една страна да спречи учество на невладините организации, а од друга страна да овозможи транспарентност и отчетност кон граѓаните. Спроведената задача од страна на учесниците беше успешна.

Во третата сесија Јачев со присутните учесници разговараше за учеството на граѓаните во процесите на донесување одлуки, напоменувајќи дека за создавање конструктивна врска помеѓу граѓанските организации и јавните власти потребно е и кај двете страни процесите за учество да бидат отворени, инклузивни и достапни. Исто така, како клучен принцип кон кој треба да се придржуваат и двете страни Јачев ја наведе довербата помеѓу двете страни, која во себе вклучува целосна траснапрентност, почит и заедничка увереност во целта. Во текот на трите сесии, како и при завршувањето на третата сесија беше развиена дискусија во која присутните учесници поставуваа прашања поврзани со транспарентноста, отчетноста, предизвиците и можностите за нејзино остварување. Дел од присутните учесници споделиа свои искуства на соработка со локалната самоуправа, предизвиците со кои се соочија, како и обемот на транспарентност овозможен од нивна страна. Третиот ден започна со предавањето од страна на програмскиот директор на ФРЛЗ Штип, Борис Шарковски. Истиот со присутните учесници разговараше за принципот на здружување, како еден од најважните алатки за активизам. Со помош на краток историски преглед на граѓанскиот активизам, истакнувајќи позитивни примери базирани на постигнувања успешно ги објасни клучните поенти на граѓанскиот активизам. Низ призмата на македонското законодавство детално ги објасни видовите на здружување, како и разликите (предностите и слабостите) помеѓу формалното и неформалното здружување. Преку конкретни и делумно познати случаи Борис успеа учесниците да ги воочат придобивките, но и можните начини за градење алијанси како еден од клучните принципи на граѓанскиот активизам. На крајот од неговото излагање имаше дел во кој што присутните учесници имаа можност за поставување прашања, каде што некои од нив и споделуваа практични примери на здружувања, но и свои размислувања за неуспешноста на некои од веќе преземените акции. Дел од нив даваа предлози за можни нивни идни акции. По завршувањето на работниот дел следуваше дел во кој две локални граѓански активистки, Петра Поп Ристова и Софија Бејковска, со присутните учесници го споделија своето искуство на полето граѓански активизам. Истите несебично го раскажаа патот низ кој поминаа, предизвиците со кои се соочуваа, како и механизмите кои ги користеа со цел да ја остварат својата цел и да придонесат за доброто на општеството. Имено, Петра успеала сама да се избори да добие донации за набавување прочистувачи на воздух кои ќе се постават во детските градинки низ Општина Битола. Напомена дека патот не бил воопшто лесен, наидувала на многу препреки и не поддржувања, меѓутоа благодарение на големата волја и поддршка од нејзините најблиски успеала да се избори и да ја оствари својата цел, а тоа е да обезбеди барем една третина од денот децата кои одат во градинка да дишат чист воздух. Софија посочи на тоа дека вољата и целта се најбитните работи за реализирање успешна граѓанска акција. Имено, Софија уште како дете имала голема желба да спортува пливање, но со оглед на фактот дека во нејзиниот роден град Битола немала таква можност, се организирала и со сопствени средства успеала да обезбеди лице кое ќе ја спрема за да може истата да го преплива охридското езеро. Со напорен тренинг и преголема желба за успех успеала во својата цел, а со тоа испратила и голема порака за потребата од затворен базен во кој што граѓаните ќе имаат можност да спортуваат и да се рекреираат. Пристапот на двете активистки беше целосно мотивирачки, реален и искрен. Нивните препораки и совети беа охрабрувачки и насочени кон тоа истите да не се плашат од препреките и предизвиците, туку напротив да имаат силна желба и да се залагаат за реализирање на својата цел.
Разноликоста на обучувачите, нивното искуство во областа во која предаваа, различниот пристап на пренесување на нивното знаење, добрите практични примери кои несебично ги споделуваа од една страна придонесоа кон задржување на вниманието на учесниците, а од друга страна го поттикнаа нивното максимално учество во текот на целата работилница.

