Централната власт да се посвети на продолжување на процесот на децентрализацијата
Во Општина Велес се одржа регионалниот форум „Процесот на децентрализација во Македонија“, организиран од Форум – Центар за стратешки истражувања и документација – Скопје, Центар за економски анализи – Скопје и Институт за развој на заедниците – Тетово, како дел од програмата Цивика мобилитас.
На форумот учествуваа стотина претставници на граѓанскиот сектор, локалната самоуправа, регионалните центри, академската заедница и државни институции, а го отворија меѓународниот лидер на програмата Цивика мобилитас Петруш Тоинес и Амбасадорката на Швајцарија во Република Македонија, Сибил Сутер Техада.
Во рамки на форумот беа презентирани клучните заклучоци и препораки од истражувањата спроведени од грантистите на програмата Цивика мобилитас: Форум–ЦСИД, ЦЕА и ИРЗ. Истите се однесуваат на политиките за рамномерен регионален развој и успешноста на ЕЛС во испорака на законските надлежности и услуги кои ги вршат; децентрализираниот развој на граѓанското општество во Македонија; местото и улогата на општинските комисии за односи меѓу заедниците, потенцијалите за ревитализација на месната самоуправа.
Претставникот на програмата Цивика Мобилитас Петруш Тоинес подвлече дека овој форум е одличен пример за меѓусебната активна соработка на граѓанските здруженија, како и на соработката на граѓанскиот сектор и јавните институции, на кои што оваа програма особено инсистира и на што се особено горди.
Амбасадорката на Швајцарија во своето обраќање истакна дека граѓанското општество во Македонија е предводник во процесот на децентрализацијата, особено во инсистирањето за поголема транспарентност и отчетност на локалната самоуправа. Според неа, децентрализацијата ќе биде важен сегмент од очекуваните преговори за членство на државата во ЕУ и дека швајцарската поддршка на процесот преку Цивика Мобилитас ќе донесе дополнителна вредност.
Во рамките на трите панели кои беа организирани на Форумот, се обратија претставници на локалните самоуправи и на Владата, како и голем број учесници од граѓанскиот сектор кои ги претставија своите анализи и препораки од истражувањата за подобрување на состојбите во рамките на локалната самоуправа, како еден од клучните предуслови за развој на демократијата во Македонија.
Слаѓан Пенев од Форум ЦСИД ја водеше првата сесија на која се дискутираше за состојбите со фискалната децентрализација и со месната самоуправа и политиките за рамномерен регионален развој, а на која главни говорници беа заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, градоначалникот на Велес Аце Коцевски, директорот на Бирото за регионален развој Рамиз Реџепи и раководителката на Центарот за развој на Источниот плански регион Драгица Здравева.
Во воведното обраќање Пенев побара поголемо вклучување на граѓанскиот сектор во креирањето на политиките на локалните, регионалните и националните институции, со оглед на големиот интерес на граѓанските активисти за учество во овие процеси, а и токму на овој форум. Тој апелираше и до претставниците на државните и локалните власти да ги земаат предвид посериозно препораките кои произлегле од нивните истражувања, а се однесуваат на предлози за менување на законските и програмските решенија кои го отежнуваат функционирањето на месната и локалната самоуправа, како и посериозни промени во пристапот на Владата кон политиките за рамномерен регионален развој.
Заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески порача дека Владата ќе продолжи да биде посветена на исполнувањата на ветувањата за одблокирање на општините за да можат да функционираат нормално и да можат градоначалниците да ги реализираат ветувањата и изборните програми со кои победија на локалните избори. Тој исто така најави продлабочување на процесите на децентрализацијата, особено во зголемување на капацитетите на администрацијата, транспарентноста на министерствата и локалната самоуправа, како и промени во статусот на месната самоуправа. Во однос на политиките за рамномерен регионален развој Павлески истакна дека преку Министерството за локална самоуправа се реализираат 4,5 милиони евра за финансирање на 98 проекти за развој на планските региони и на подрачјата со специфични развојни потреби и дека има тенденција овие средства да се зголемуваат секоја година.
Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски во своето обраќање инсистираше централната власт по речиси цела деценија на запоставување на темата децентрализација да се врати на продолжување на процесот за кој токму државата добиваше најдобри препораки од меѓународната заедница во првата фаза на децентрализацијата, по носењето на легислативата и почетните трансферирања на надлежностите од централно кон локално ниво.
„Со нетрпение чекам да почнеме да ја остваруваме програмата за локалната самоуправа која ја ветивме пред граѓаните на последните парламентарни и локални избори, а се уште не сме почнале да ја реализираме“, рече Коцевски, посочувајќи дека еден од главните проблеми за профункционирање на децентрализацијата е изборот на личноста која ќе биде министер за локална самоуправа, функција која што во изминатите години секогаш била речиси незабележлива.
Претставниците на граѓанските организации и на локалната самоуправа беа единствени во ставот дека досегашните реформи во однос на фискалната децентрализација се уште не обезбедуваат доволно средства и услови за поголем развој на потенцијалите на локалната и месната самоуправа, со кои ќе се инвестира повеќе во локалниот и регионалниот развој и ќе се овозможат подобри услови за живеење во сите делови од земјата, а особено руралните средини.
Дел од препораките на форумот се однесуваа на менување на законите поврзани со децентрализацијата со кои ќе се овозможи враќањето на правниот статус на месните заедници, овозможување на функционирање на двостепена локална самоуправа и зајакнување на регионалните институции, како и поголема волја на властите за вклучување на локалните граѓански организации во носењето на програмите и стратегиите на јавните институции.