Излезе од печат најновото издание на списанието Форум Аналитика во кое може да се прочитаат седум анализи посветени на дел од проблемите со кои се соочува македонски политички и економски систем по промената на власта во 2017 г.

Како што вели во воведот на изданието главниот уредник на Форум Аналитика, Сашо Орданоски, реформите се прават на почетокот на мандатот на новата власт, бидејќи нема продуктивни промени без за нив да мора да се плати некаква политичка „цена“.  Нужноста од реформи се истакнува во речиси сите студии за областите чии јавни политики се анализираат во петнаесеттиот број на ова издание на Форум ЦСИД, кое е поддржано од Фондацијата Отворено општество Македонија и програмата Цивика мобилитас.

Во него Александар Литовски ги анализира можностите за идеолошка доследност на левичарските политики кои планираат да ги спроведуваат новите власти, Александар Нацев ги споредува досегашните политики на властите кон земјоделството и приоритетите за реформи во земјоделството на новата Влада, Беса Арифи се осврнува на состојбите во правосудството, Борче Треновски ги лоцира главните економски предизвици на новата Влада и дава препораки за нивно решавање, Слаѓан Пенев ги разгледува перспективите на актуелните политики за рамномерен регионален развој, Снежана Трпевска ја скицира новата медиумска политика, а Соња Ристевска се фокусира на главните проблеми со кои се соочува секторот енергетика во Македонија и што ѝ престои на новата Влада во однос на овој сектор.

Форум Аналитика 15 можете да ја преземете тука.