Три работилници за ментално здравје
Родителите се соочуваат со огромен стрес и двоен предизвик како последица од пандемијата – Covid 19. Домот одеднаш стана и работно место и училница за многумина. Како главен модел за своите деца за справување со стресот и однесувањето низ оваа криза, грижата за себе и своето психо-физичко здравје треба да е на највисоко ниво, и секако може да се превенира овој период да не биде трауматско искуство, како за возрасните, така и за децата.
Во септември, Форум ЦСИД организираше три on-line работилници (вебинари), каде целни групи беа родителите и децата и нивното ментално здравје.
Првата работилница „Останете силни – Грижа за менталното здравје на родителите“ се одржа на 03.09.2020 година, на 10.09.2020 се одржа втората работилница „Моето дете, моето сè – детекција и справување со стрес, анксиозност и депресија кај деца и адолесценти“, а третата работилница „Од конфликт до поврзаност – како да го одржите и зајакнете контактот со вашите деца“ се одржа на 17.09.2020 година. на платформата Zoom.
Работилниците ги водеше М-р Ивана Хаџиванова Психолог, Гешталт Психотерапевт, основач на НЕОКОРТЕКС- Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација, преку платформата Zoom. Бројот на учесници беше ограничен на 100, избрани од апликациите примени преку обрасците на Google. Вебинарите беа промовирани на социјалните медиуми, преку настани на Фејсбук, каде што бројот на пријавени за учество или заинтересирани беше над 2.000 за секој настан. Според статистичките податоци, околу 95% од апликантите беа жени, а повеќето од нив на возраст помеѓу 35 и 45 години. Повратните информации и коментари по секој одржан вебинар беа одлични во однос на организацијата на вебинарите и стручноста на предавачот.
Бесплатните работилници наменети за родители се одржаа во рамки на проектот на Форум ЦСИД „Активни граѓани за добро владеење“ поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.