Центарот за Економски анализи (ЦЕА) и ФОРУМ-Центар за стратешки истражувања и документација, во рамки на проектот „Коалиција за буџетски мониторинг“, поддржан од ЕУ, на 27 август 2015 година ги презентираа наодите од едногодишниот мониторинг на буџетската транспарентност на општините во земјата. Коалицијата ја сочинуваат уште 10 организации од Македонија: Фондација Фокус (Велес), Фондација за развој на локалната заедница (Штип), ДРОМ (Куманово), Акција Здруженска (Скопје), Клеа (Битола), Младинска Алијанса (Тетово), Центар за одржлив развој на заедницата (Дебар), ЕХО (Штип), ЗИП Институт (Скопје) и ЦЕД (Теарце).

Методологијата врз основа на која е спроведено истражувањето опфаќа повеќе сегменти кои ја засегаат фискалната транспарентност на локално ниво. Покрај активностите и документите поврзани со транспарентноста кои се опфатени со законската регулатива, земени се предвид и активности, информации, документи кои не се опфатени во постојната легислатива, а се неопходни за добро владеење и учество на граѓаните во буџетскиот процес. Имено, станува збор за следните параметри: Достапноста на документите кои се однесуваат на локалниот буџет и буџетски процес; Структурата и адекватноста на буџетските документи; Соработка на организациите кои вршат мониторинг со општинските власти; Перцепцијата на членовите на Советот на општината во однос на буџетскиот процес (донесување, имплементирање и мониторинг); Перцепцијата на вработените во општината кои се директно вклучени во буџетскиот процес; Перцепцијата на граѓаните, граѓанските асоцијации и медиумите.

Дел од наодите од извршениот мониторинг на транспарентноста на буџетскиот процес кај општините во Македонија укажуваат дека постои широк простор за унапредување на транспарентноста на буџетскиот процес, но и дека постојат значителни бариери кои ја ослабуваат врската и комуникацијата помеѓу локалната власт и граѓаните и тоа:

–              Законската регулатива остава можност, но не ги обврзува општините за целосно обелоденување на информациите и документите поврзани со буџетскиот процес;

–              Постојат општини кои се уште немаат функционални официјални веб страници (три општини), општини кои имаат веб страници само на албански јазик (осум општини), веб страници без ажурирани информации, страници кои воопшто немаат документи поврзани со буџетот, итн.;

–              Општините ретко објавуваат Предлог буџет, истиот за 2015 година на веб страните на ЕЛС бил достапен само кај 9 општини, кај 33 општини е добиен на барање, а кај останатите 38 општини не бил достапен или не бил добиен;

–              Усвоениот Буџет за 2015 е добиен кај речиси сите општини и тоа преку веб страните на општините, од службените гласници или пак по пат на поднесено барање за добивање на документот;

–              Завршна сметка за 2014 година била достапна на веб страните кај 24 општини, кај 17 општини истата е објавена на веб страната во склоп на службен гласник, за 30 општини се добиени на барање, додека за 9 општини истата не е добиена.

–              Кај поголемиот број на веб страниците на општините во Македонија не постојат контакт информации за членовите на Советот на општината, голем број на општини не ги објавуваат на своите веб страници дневните редови или пак дискусиите од седниците на Советот, а често присуствата на седниците на советите за граѓаните се проследени со процедури за одобрување на присуство;

–              Речиси половина од членовите на советите на општините ретко користат буџетски документи, додека 10% воопшто не користат буџетски документи;

–              Медиумите, граѓаните и граѓанските организации поретко ги користат буџетските документи на општините, и тоа 13% изјавиле дека често користат буџетски документи, 43% ретко користат буџетски документи, додека останатите 44% воопшто не користат никакви буџетски документи;

–              Поголем дел од граѓаните сметаат дека општините многу ретко преземаат активности за да ги поедностават буџетските информации и трошењето на јавните пари, а според нив најчести причини за тоа се недостатокот на интерес на ЕЛС за обелоденување на овие информации, „криење на информации“ или пак непостоење свесност за потребата од транспарентност.

Главни препораки кои ги издвојуваме за унапредување на буџетската транспарентност на локално ниво се:

  • Промена на законска регулатива со цел општините да се обврзат целосно и навремено да ги објавуваат Предлог буџетот, Буџетот, Завршната сметка и кварталните извештаи за извршување на буџетот;
  • Целосно и детално објавување на документите и на редовните извештаи за извршување на буџетот, со податоци кои овозможуваат споредба со минати, како и планирани и проектирани буџети за следен период;
  • Овозможување на почеста надворешна ревизија за сите општини;
  • Воспоставување на механизми и процедури за редовно организирање на јавни дебати за планирањето и реализацијата на буџетот на општините;
  • Подготовка и пракса на редовно објавување на Граѓански буџет;
  • Преземање на мерки за зголемување на свесноста, интересот и активноста на граѓаните за нивните права и форми на партиципативност во работењето на општинските власти;
  • Едукација на членовите на Советот на општината во делот на јавни финансии, буџетски документи, буџетирање и слично, со цел носење на одлуки базирани на знаење;
  • Активирање во граѓански организации, мрежи и коалиции кои имаат цел поголема транспарентност и отчетност, но и воспоставување на врски (соработка и контакти) со носителите на одлуки кај локалната власт и на советите преку кои граѓаните ќе имаат удел во носењето на одлуки.

 

Целосното истражување, и подетални информации за наодите и препораките може да се најдат на веб страницата www.kbm.mk.

 

Проектот се спроведува со финансиска помош од Европската Унија, како дел од програмата IPA Civil Society Facility(CSF) 2012-2013.

Презентации:

Bekim Imeri – World Bank Macedonia Transparency & Financing

Borce Trenovski – CEA BP Transparency Methodology

Sonja ST UNDP Macedonia Transparency of BP

Transparenca e pb tek komunat

Vesna Garvanlieva – BP Monitoring Findings&Recommendations

Презентација Акција Здруженска,Скопски регион

Презентација КЛЕА, Пелагониски регион

Презентација Фондација ФОКУС, Вардарски регион