Листа на кратенки

РРР – Регионален рамномерен развој

ППР – Полошки плански регион

ЦРППР – Центар за развој на Полошкиот плански регион

ГО – Граѓанска/и организација/и

МЛС – Министерство за локална самоуправа

БРР – Биро за регионален развој

За Авторот

Астрит Реџепи, магистер по дипломатија и меѓународни односи, е активен во граѓанскиот сектор од 2003 година, првично како волонтер, учествувајќи во разни активности и проекти, а во 2010 година стана раководител на секторот за образование во организацијата Центар за едукација и развој – CED (Center for Education and Development). Освен креирање и спроведување на програми на различни теми, како што се: вештини за барање на работа, креативно решавање на конфликти, менаџирање со проектен циклус, комуникациски вештини, тимска работа и лидерство, социјално претприемништво, и водење на проекти во национално ниво, авторот досега учествувал и во пишување на стратегии и разни анализи. Анализата за родово одговорно буџетирање во секторот спорт и рекреација во Општина Боговиње е последниот продукт на авторот. Учествувал и во подготвување на „Стратегија за млади на Град Скопје 2013–2017“, а ги подготвил и документите „Стратегија за развој на младите во Општина Теарце“, и „Креирање на Стратегија за климатски промени во Општина Теарце“. Исто така, посветува внимание и на креирање на локалните политики на ЕЛС кои гравитираат во Полошки плански регион, следење на локалните буџети, како се трошат јавните пари и отчетноста и транспарентноста на ЕЛС.

Кратко резиме

Еден од носителите на политиката за поттикнување на рамномерен регионален развој се центрите за развој на планските региони, кои што се основани од сите единици на локална самоуправа според Законот за регионален рамномерен развој од 2007 година. Една од главните активности на центарот е обезбедување на професионална и техничка поддршка за сите ЕЛС и за граѓанскиот сектор, за спроведување на активности и проекти од сферата на регионален развој.

Преку оваа анализа ќе се обидеме да одговориме на неколку прашања што се детерминантни за регионалниот развој, како што се: Колку граѓанскиот сектор е вклучен во спроведување на проекти како носители и/или во партнерство со центарот и со општините? Колку центарот и општините ги консултираат граѓанските организации за потребите и проблемите од сферата на регионалниот развој? Каква е улогата на граѓанските организации во спроведување на Програмата за развој на Полошки плански регион? Колку граѓанските организации се вклучени и консултирани во подготвување на стратешки документи и креирање на политики од сферата на регионален развој? Колку општините финансиски ги поддржуват граѓанските организации, општо или, пак, од сферата на регионален развој?
Информациите се обезбедени преку разни методи: интервју, анкета, пристап до информации од јавен карактер и преку анализа на законите и законските одредби поврзани со РРР.
Согласно добиените податоци се гледа дека соработката на центарот и општините со граѓанскиот сектор е многу слаба, и овој триаголник не е ефикасен и ефективен.

Вовед

Рамномерниот регионален развој (РРР) е исклучително важна алка во намалување на регионалните разлики и поттикнување на локалниот економски развој, преку соработка на општините со централната власт и другите чинители. Поради фактот дека главниот град по своите економски и други општествени карактеристики значително се издвои од другите региони и се создаде моноцентричен систем на развој, во мај 2007 г. се донесе Законот за рамномерен регионален развој, со кој се уредуваат целите, начелата и носителите на политиката за поттикнување на РРР, планирањето на регионалниот развој, финансирањето и распределбата на средствата за поттикнување на РРР, следењето и оценувањето на спроведувањето на планските документи и проекти и други прашања поврзани со регионалниот развој.[1] Согласно законот, за вршење на стручни работи од значење за развојот на планскиот регион, ЕЛС што влегуваат во состав на планскиот регион го основаат Центарот за развој на планскиот регион. Една од работите што спаѓаат во компетенциите на Центарот се и подготвување и спроведување на проекти за развој на планскиот регион и обезбедување стручни услуги на здруженија на граѓани за подготовка и спроведување на проекти од областа на регионалниот развој.[2]

Токму поради фактот дека  триаголникот: Центар за развој на Полошки плански регион (ЦРППР)–општините–здруженијата, е многу важен за исполнување на стратешките цели, во првиот дел се презентирани податоци за Полошкиот плански регион, во бројки, а во вториот дел детално се анализира соработката на општините со граѓанскиот сектор, колку тие се вклучени во подготвување и спроведување на разни активности и документи. Третиот дел е посветен на ЦРППР и граѓанскиот сектор, каква е нивната соработка, колку тие се вклучени во заеднички проекти, квалитативно и квантитативно, и кои се плодовите на таквата соработка. Последниот дел е резервиран за заклучоци и препораки кои што се извлекуваат од целокупната анализа.

Полошки плански регион во бројки

Полошкиот плански регион опфаќа површина од вкупно 2.416 километри квадратни, или 9,7% од територијата на Република Македонија, односно Северозападниот дел, од долината на реката Радика, преку планинскиот масив Бистра, Мавровската висорамнина, до Полошката котлина. Со вкупно население од 320.560 жители, или 15.5% од вкупното население на Република Македонија, ППР претставува втор најгуст регион, по Скопскиот, со 132,7 жители на километар квадратен.  За 10 години, од 2006 г. кога бројот на жители во ППР беше 310.178, има зголемување на населението од 10.382 жители. Високи осцилации во период од една деценија се забележуваат во процентот на населението според возраста. Драстично намалување има на бројот на населението на возраст од 0 до 15 години, од 23,3% во 2006 г., на 16,7% во 2016 г., а зголемување има кај населението на возраст од 15 до 65 години (од 68.5% во 2006 г. на 74.2% во 2016 г.) и над 65 години (од 8.2% на 9.1%). Од ова можеме да заклучиме дека за 10 години има помалку новороденчиња, а се зголемува стареењето на населението.

Табела 1. Демографски карактеристики на Полошки плански регион

  2006 година 2016 година
Број на жители 310.178 320.560
Население на возраст 0-15 год. 23,3% 16,7%
Население на возраст 15 – 65 год. 68,5% 74,2%
Население на возраст 65+ 8,2% 9,1%
Природен раст 1.366 1.197

Извор: Државен завод за статистика на РМ – Регионите во Република Македонија 2017, http://www.stat.gov.mk/PrikaziPublikacija_1.aspx?rbr=675

Во последните три години има економски раст на национално ниво, но и на ниво на Полошки плански регион, а тоа го потврдуваат неколку параметри. За разлика од 2014 г. кога имало 7.323 активни деловни субјекти, во 2016 г. бројот на активни деловни субјекти е зголемен за 709. Уделот на ППР по овој параметар во однос на вкупниот број на државно ниво, расте од 9,6% во 2008 г. на 11,2% во 2016 г., и тоа е добар показател за развојот на регионот. Има и намалување на корисниците на социјална помош, од 31,5% во 2014 г. на 11,6% во 2016 г. и намалување на стапката на невработеност, од 30,7% во 2014 г. на 26,4% во 2016 г., а зголемување на стапката на активност на населението за 1.1% и стапката на вработеност за 2,7% во истиот период. Разликите во стапките на вработеност и невработеност помеѓу регионите води до заклучок дека сепак остануваат огромни развојни разлики помеѓу регионите. Податоците за БДП по жител покажуваат дека ППР има остварено 117.284 денари по жител во 2014 г. Според овој параметар регионот има остварено 46% од националниот просек, кој за таа година бил 255.206 денари по жител. Анализата на уделот на регионите во вкупните инвестиции во основни средства, покажува загрижувачки податок дека повеќе од половината инвестиции се лоцирани во најразвиениот регион, а во Полошки регион, од 2012 до 2014 година имаме пад на инвестициите од 2.001 милион денари.

Табела 2. Економски и социјални карактеристики на Полошки плански регион[3]

  2014 г. 2015 г. 2016 г.
Корисници на социјална помош 31,5% 10,7% 11,6%
Стапка на активност 46,1% 47.1% 47,2%
Стапка на вработеност 32% 33,2% 34,7%
Стапка на невработеност 30,7% 29,6% 26,4%
Број на дипломирани студенти 906 1.047 1.022
Број на активни деловни субјекти 7.323 7.554 8.032

Развојниот, економско-социјалниот и демографскиот индекс се параметри кои покажуваат дека во 2012 г. има развој на ППР во однос на 2007 г.

Индексите (развоен, економско-социјален и демографски) на планските региони покажуваат колку регионите отстапуваат во развојот споредено со просекот на земјата, при што:

Индекс 1 означува дека нивото на развој на планскиот регион е еднаков на просечниот развој на ниво на Република Македонија;

Индекс поголем од 1 означува дека нивото на развој на планскиот регион е повисоко од просечниот развој на ниво на Република Македонија, и

Индекс помал од 1 означува дека нивото на развој на планскиот регион е пониско од про- сечниот развој на ниво на Република Македонија.[4]

Табела 3: Индекси за развојот на Полошки плански регион според класификациите за развој на регионите во периодот 2008-2012 и 2013-2017[5]

Развојот на Полошки плански регион по индекси Според развојниот индекс Според економско- социјалниот индекс Според демографскиот индекс
2008 – 2012 година 0.72 0.18 1.05
2013 – 2017 година 0.82 0.50 1.07

Исто така, секоја година се зголемува и бројот на граѓански организации што се основаат во ППР, но мал број од нив се активни или имаат развиени човечки капацитети. Според некои проценки од луѓето вклучени во граѓанскиот сектор, се претпоставува дека бројот на активни граѓански организации во ППР е помеѓу 30 и 40

Соработката на општините кои гравитират во Полошки плански регион со граѓанскиот сектор во спроведување на проекти за развој на регионот

ППР има вкупно 9 општини, од кои 2 се урбани и 7 рурални, и 184 населени места, од кои 182 се рурални. Општина Тетово е најголема според бројот на жители, а според површина најголема е Општина Маврово и Ростуше. Повеќе од половина (54.7%) од вкупното население е концентрирано во општините Тетово и Гостивар, а регионот се карактеризира со доминантно учество на рурално население (71%).[6]

За да се пристапи пообјективно кон темата и да се добие реалната слика за соработката на општините кои гравитираат во ППР со граѓанскиот сектор, беше креиран прашалник и истиот беше доставен до сите општини. Од вкупно девет општини, повратна информација добивме од шест општини, од кои пет одговорија на прашалникот, а една општина одговори дека немат сектор/одделение за локален економски развој и нема кој да ги пополни побараните информации. Повратни информации добивме од две урбани општини, Тетово и Гостивар, и од три рурални општини, Теарце, Боговиње и Јегуновце.

Според добиените наоди можеме да заклучиме дека територијалната поделба (рурална/урбана) не игра голема улога во развојот на општините. Постои рурална општина која привлекла инвестиции од 10.000.000 евра за период од 5 години и се чека инвестиција од 400.000 евра во 2017 г., и општина која што досега има привлечено само 100.000 евра инвестиција од странски донатори. Кај урбаните општини, Тетово и Гостивар, нема многу големи разлики во однос на привлекувањето инвестиции, бидејќи и двете општини искористиле многу финансиски средства за спроведување на нивните развојни проекти. Евидентно е дека разликите кај руралните општини не соодветствуваат на квантитетот на човечките ресурси, туку на нивните капацитети и квалитет. Скоро сите рурални општини имаат по двајца вработени во секторот/одделението за ЛЕР, а од друга страна имаат различен број на спроведени проекти. Во општините Тетово и Гостивар има сосема поинаков број на вработени во секторот/одделението за ЛЕР, односно 17 вработени во Тетово и 6 вработени во Гостивар, но бројот на спроведени проекти и донесени финансиски средства е скоро ист.

Разликите продолжуваат и со соработката со граѓанскиот сектор. Од добиените наоди може да се види дека Општина Гостивар и Општина Теарце се најмногу отворени кон граѓанскиот сектор, и можат да служат како позитивен пример во оваа насока. Со само двајца вработени во одделението за ЛЕР, Општина Теарце успеала да спроведе 6 проекти во партнерство со ГО и да потпише меморандум за соработка со над 30 ГО. Добар пример е и Општина Боговиње, која што иако има помала вклученост на граѓанскиот сектор во спроведување на развојните политики, има спроведено 3 проекти во парнерство со ГО и потпишала меморандум за соработка со 2 ГО, и во период од 5 години има инвестиции од над 10.000.000 евра. Општина Тетово е најзатворена во овој поглед. Таа нема потпишано меморандум со ниту една ГО, ниту има спроведено проект во партнерство со ГО.[7]

Вклученоста на ГО во процесот на донесување на одлуки и подготвување на стратешки документи во ППР е многу слаба. Од интервјуата спроведени со претставници на ЛЕР од анкетираните општини, дознавме дека тие сепак ги покануваат на различни активности и настани претставниците на ГО и граѓаните, но тврдат дека заинтересираноста од страна на граѓанскиот сектор е на ниско ниво.

Истото мислење не го делат претставниците на ГО, кои за оваа проблематика кажуваат дека тие никогаш не биле контактирани директно од претставниците на општината, но имало јавна покана која што била залепена на врата на општината и која стоела 3-4 дена.

Во овој случај фали механизам за зајакнување на комуникацијата помеѓу претставниците на ЕЛС и ГО, но исто така фалат и активни граѓански организации. На територијата на Општина Боговиње нема регистрирано ниту една ГО, а во Општина Јегуновце има само една, која е регистрирана како подружница.

Табела 4: Соработка на општините со граѓанскиот сектор

  Општина Теарце Општина Јегуновце Општина Боговиње Општина Тетово Општина Гостивар
Број на вработени во секторот/одделението на ЛЕР 2 2 2 17 6
Соработка со граѓанскиот сектор Добра Добра Добра Добра Одлична
Спроведени проекти во партнерство со ГО 6 / 3 / 7
Потпишан меморандум за соработка со ГО Над 30 1 2 / 5

Извор: Одговори на прашалник доставен до општините од ППР

Соработка на Центарот за развој на Полошки плански регион со граѓанскиот сектор во спроведување на проекти за развој на регионот

Иако Законот за РРР се донесе во мај 2007 година, сепак основањето на Центрите започна подоцна. Центарот за развој на ППР е основан во мај 2008 година, од девет единици на локална самоуправа (ЕЛС) што влегуваат во состав на ППР, со седиште во Општина Тетово, како општина со најголем број на жители. Со ЦРППР раководи раководител кој се избира по пат на јавен конкурс, со мандат од четири години.[8] Целите и стратешките определби на ЦРППР се зацртани во Програмата за развој на ППР 2015 – 2019 година.[9]

Во оваа насока многу е битно да се знае како се финансира регионалниот развој. Изворите на финансирање се дефинирани согласно Член 27 од Законот за РРР, и тоа:

  • Буџетот на Република Македонија;
  • буџетите на единиците на локалната самоуправа;
  • фондовите на Европската унија;
  • други меѓународни извори;
  • донации и спонзорства од физички и правни лица;
  • други средства утврдени со закон.

Во точка 2 од истиот Член се наведува дека за поттикнување на РРР од Буџетот на Република Македонија годишно се издвојуваат средства во висина од најмалку 1% од БДП.[10] Сепак ова очекување никогаш не е реализирано. Податокот од 2015 година кажува дека средствата биле во износ од 0.3% од БДП.[11]

Средствата кои што се обезбедуваат од Буџетот на РМ за поттикнување на РРР се делат според овој терк:

  • 70% за финансирање на проекти за развој на планските региони,
  • 20% за финансирање на проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби,
  • 10% за финансирање на проекти за развој на селата.

За собирање на предлог проекти, Бирото за регионален развој објавува јавен повик каде што можат да аплицираат центрите и ЕЛС. Според Член 62 од Законот за РРР е предвидено оперативните трошоци на центрите да бидат покриени на начин 50:50, каде што половина од тие трошоци ќе ги покрие Владата преку МЛС, и половина ЕЛС што гравитираат во одредениот плански регион.

Центарот за развој на Полошки плански регион во последните три години, 2015, 2016 и 2017 има реализирано вкупно 26 проекти, од кои поголемиот дел од финансиските трошоци ги покриваат МЛС и БРР, со вкупно 34.504.028 денари. Во последните три години, голем удел даваат и ЕЛС, со вкупно 29.879.110 денари, со што имаме големо зголемување од претходните години кога уделот на општините изнесувал само 5%. Центарот има обезбедено средства и од другите извори, вкупно 15.089.000 денари, конкретно од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и финансиски средства од странски донатори во висина од 2.817.100 денари.[12]

Графикон 1: Извори на финансирање на ЦРППР од 2009 до 2014 и од 2015 до 2017

Графикон 1.1: Извори на финансирање на Центарот за развој на ППР за периодот 2009-2014[13]

Графикон 1.2: Извори на финансирање на Центарот за развој на ППР за периодот 2015-2017[14]

Зголемувањето на уделот од страна на ЕЛС дава јасен сигнал дека процесот на децентрализација секоја година се подобрува и дека општините се заинтересирани за подобрување на квалитетот на животот и развојот на регионот. Заедно со тоа се зајакнува и соработката на ЦРППР со општините. Но, од друга страна, се намалува процентот од изворите „донатори“ и „други извори“, а тоа е показател дека ЦРППР тешко доаѓа до тие финансиски средства кои се многу важни за одржливоста и постигнување на стратешките цели и програмата. Причини за ова можат да се бараат во недоволно подготвениот кадар или пасивните вработени кои што имаат фиксна плата и не се трудат повеќе да придонесуваат за центарот и регионот.

Загрижувачки е и фактот дека од реализираните проекти на ЦРППР во последните три години, од вкупно 26 спроведени проекти, само во еден бил во партнерство со граѓанска организација, преку Кластер за туризам на Полошкиот регион „ШАРРИ“, а има потпишан меморандум за соработка со само 2 граѓански организации.

И за време на процесот за креирање на Програмата за развој на Полошки плански регион 2015 – 2019, само четири граѓански организации биле вклучени во процесот,[15] од вкупно 23 претставници од различни чинители, претставници од општината, бизнис секторот, земјоделци, активни граѓани, итн. На прашањето, зошто толку мал број претставници на граѓанскиот сектор имало во процесот, одговорот од страна на претставник од ЦРППР беше дека сите биле поканети и навреме известени за настанот.

Заклучоци

По 10 години од донесувањето на Законот за рамномерен регионален развој и поставување на основата на политиката за регионален развој, не е постигната задоволителна ефективност од реализацијата на политиката за РРР. Првично, никогаш не се исполнило законското решение за издвојување на 1% годишно од БДП од Буџетот на РМ за поттикнување на РРР, и второ, „бирократскиот“ пристап за префрлување на средствата од Буџетот на РМ до Бирото за регионален развој, преку Министерството за локална самоуправа, не е ефикасен затоа што тие средства се губат низ тој процес.

Општините немаат доволно подготвени човечки ресурси за да ги отворат можностите за финансирање, особено со странски фондови. Исто така, дел од општините се затворени и немаат доволна соработка со граѓанскиот сектор за искористување на нивните капацитети за привлекување на странски донации. Во некои општински администрации граѓанските организации се доживуваат и како ривали. Граѓанскиот сектор, исто така, не е вклучен во подготвување на стратешки документи на општините и во процесот на донесување на одлуки.

Проблемот со квалитетни кадри е воочлив и кај ЦРППР, и квантитативен и квалитативен. Бројката од 5 вработени во Центарот за развој на ППР е малку за да се постигнат поставените цели и да се зголеми развојот. И од тие што се вработени, сите немаат капацитет за ефективно и ефикасно да ги завршуват работните односи. Преовладува мислењето дека фиксната плата што е гарантирана од оперативните трошоци од Буџетот на РМ ја создава таа пасивност на вработените во ЦРППР.

Што се однесува до соработката со граѓанскиот сектор, може да се заклучи дека и ЦРППР, како и општините, се затворени во оваа насока. Од вкупно 26 проекти, само еден е аплициран со ГО како партнер и само со две други организации има потпишано меморандум за соработка, што покажува дека соработката со граѓанскиот сектор не е ниту најмалку на задоволително ниво. ЦРППР тешко доаѓа до други извори на финансирање, како што се донатори и други средства, кои што се неопходни за одржлив развој на центарот. Но, од друга страна, добар знак е фактот дека се зголемува уделот на општините во буџетот на ЦРППР, а со тоа и уделот на општините во решавање на проблемите и потребите на граѓаните преку спроведување на разни проекти и активности за регионален развој.

Препораки

  • Државата е должна да ги зголеми финансиските средства за поттикнување на политиката за рамномерен регионален развој, за да го достигне законското решение за издвојување од 1% од БДП годишно од Буџетот на РМ. Исто така, доколку во меѓувреме се предлага ребаланс на Буџетот, оваа ставка да не трпи промени.
  • Да се зајакне соработката на општините со граѓанскиот сектор, со тоа што преку обуки и работилници одржани од страна на ГО ќе се зајакнат и капацитетите на вработените во општините за пишување на проекти и аплицирање кај меѓународни донатори.
  • Општините да ги вклучат најподготвените ГО во процесот на пишување на апликации и спроведување на активности поддржани од странските фондови.
  • Општините да ги вклучат ГО во подготвување на стратешки документи и спроведување на акционите планови.
  • Зголемување на бројот на вработени во Центарот за развој на ППР е неопходен за ефективно и ефикасно постигнување на поставените цели и стратешки правци.
  • Оперативните трошоци на ЦРППР да не се чекаат само од МЛС и БРР, туку вработениот да има една основна плата, а другиот дел да го добие по учинок.
  • Зајакнување на капацитетите на вработените во ЦРППР, преку обуки и работилници, особено за ИПА фондови и други европски проекти е неопходно за осигурување на одржливост на центарот.
  • Вклучување на граѓанските организации во подготвување на потребните документи и отворање на ЦРППР за пошироката јавност, давајќи можност на сите заинтересирани да учествуваат во процесот на донесување одлуки.
  • При оценка на работата на центрите покрај критериумот за ефикасност и ефективност, треба да се имаат предвид и отчетноста, транспарентноста и задоволството на граѓаните.

Библиографија

  1. Закон за рамномерен регионален развој, Службен весник на РМ, бр.63 од 22.05.2007
  2. Стратегија за регионален развој на Република Македонија 2009 – 2019 год.
  3. Програма за развој на Полошки плански регион 2015 – 2019
  4. Програма за развој на Полошки плански регион 2009 – 2013
  5. Сулејмани Р. – “Ефектите и предизвиците на политиката за рамномерен регионален развој – Презентација на комперативна анализа на регионалните политики“, 02.03.2017, Тетово
  6. Државен завод за статистика на РМ – Регионите во Република Македонија 2017, http://www.stat.gov.mk/PrikaziPublikacija_1.aspx?rbr=675

[1] Член 1 од Законот за РРР, Службен весник на РМ, бр.63 од 22.05.2007

[2] Член 26 од Законот за РРР, “Службен весник на РМ“, бр.63 од 22.05.2007

[3] Државен завод за статистика на РМ – Регионите во Република Македонија 2017, http://www.stat.gov.mk/PrikaziPublikacija_1.aspx?rbr=675

[4] Пенев С. и Треновски Б., “Политиката за рамномерен регионален развој во Македонија“, стр. 31

[5] Пенев С. и Треновски Б., “Политиката за рамномерен регионален развој во Македонија“, стр. 33

[6] Програма за развој на Полошки плански регион 2015 – 2019

[7] Наодите се добиени од прашалникот кој што беше доставен до сите општини оd Полошки регион. Прашалникот може да се најде на следниот линк: https://docs.google.com/forms/d/1gKCsDRPVzU4cmGpnusxE7uLyNWN9Rj8s3yGRMTY6bs8/edit

[8] Член 24 и 25 од Законот за РРР, Службен весник на РМ, бр.63 од 22.05.2007

[9] Програма за развој на Полошки плански регион 2015 – 2019 година

[10] Член 27 од Законот за РРР, Службен весник на РМ, бр.63 од 22.05.2007

[11] Интервју со директорот на Бирото за регионален развој, Џемали Елмази, реализирано на 02.07.2017 година.

[12] Податоците се ажурирани од прашалникот што беше доставен до Центарот за развој на ППР и од интервјуто со директорот на Бирото за регионален развој, Џемали Елмази.

[13] Ризван Сулејмани, „Ефектите и предизвиците на политиката за рамномерен регионален развој“, Јавна презентација на комперативна анализа на регионалните политики во рамки на проектот Алијанса за регионален развој, 02.03.2017, Тетово

[14] Податоци добиени од доставен прашалник до Центар за развој на Полошки плански регион поврзани со конкретни проекти реализирани во периодот 2015-2017 и од Биро за регионален развој http://brr.gov.mk/mk/%D1%82%D0%B5%D0%BA%D0%BE%D0%B2%D0%BD%D0%B8-%D0%BF%D1%80%D0%BE%D0%B5%D0%BA%D1%82%D0%B8/

[15] Листа на присуство од ЦРППР од процесот на креирање на Програмата, обезбедена преку доставување на Барање за пристап до информции од јавен карактер.