Регионалниот развој согласно приоритетите/програмите на Североисточниот плански регион
За авторот
Авторот на оваа анализа, Јорданчо Миневски, основното и средното училиште го завршува во родната Крива Паланка, а потоа се запишува на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде се стекнува со звање дипломиран економист на департманот Електронски Бизнис.
Уште како студент се интересирал за различни области во врска со подобрувањето на квалитетот на животот на луѓето, особено преку подобрување на економскиот развој, кој го смета за клучен, и смета дека со развој на економската компонента, се развиваат и сите други, креирајќи дополнителни вредности, кои во еден спирален круг водат кон забрзан регионален развој.
По завршувањето на академското образование, се насочува кон неформалното образование и досега има посетено неколку десетици домашни и меѓународни обуки од различни области (од оддржлив развој па сè до социјална вклученост на маргинализирани лица).
Авторот е активен член на невладината организација Граѓански центар за оддржлив развој ЕГРИ од Крива Паланка, а своето искуство го има стекнато преку неколку истражувачки анализи на тема економски развој, како и низа други проекти финансирани преку фондовите на Европска Унија и конзуларните претставништва на дипломатскиот кор во Република Македонија.
Резиме
Североисточниот плански регион (СИПР) е статистички најнеразвиен во сите три компоненти (демографски, социо – економски и развоен индекс), преку кои се одредува степенот на развиеност на регионите.
Во Североисточниот плански регион во периодот 2013-2016 требало да се инвестира 17.3% [1]од средствата од државниот буџет наменети за Рамномерен регионален развој (РРР).
Анализата покажа дека средствата кои СИПР ги добива како процент од БДП врз основа на Законот за РРР се многу мали во однос на законски пропишаниот процент на средства. Имено, за периодот 2013-2016 г. регионот добил во просек само 16.581.776 денари во вид на инвестиции, или 0,018% од БДП, пропорционално поставен на ниво на СИПР. Во регионот главно се инвестираат и средства од страна на други државни институции, но и со тие инвестиции повторно не се достигнува законскиот праг, доаѓајќи до само 0,083%. Дополнително, и самите инвестиции кои доаѓаат од страна на државните институции главно се од локален, а не од регионален карактер.
Како дел од анализата произлегоа и препораки за тоа на кој начин да се подобри регионалниот развој. Беа направени интервјуа со клучни актери во процесот на спроведување на Законот за РРР, како и он-лајн анкети со претставници на граѓанскиот сектор.
Вовед
Регионален развој е процес на идентификување, поттикнување, управување и искористување на развојните потенцијали на планските региони и подрачјата со специфични развојни потреби.
Во врска со дефиницијата за регионален развој, битно е да се нагласи дека регионален развој е развој преку проекти кои се од заеднички интерес на ниво на регионот. Како примери за регионален развој може да се наведе железничка пруга, автопат, гасовод и сл., односно проекти кои се од интерес на регионот и опфаќаат повеќе од една општина, додека, на пример, изградба на локален пат кој го користи само локалното население за сопствени потреби не е пример за регионален развој, туку се смета за развој од локален карактер.
Имајќи предвид дека осумте плански региони во Република Македонија имаат различен степен на развиеност, донесен е Закон за рамномерен регионален развој кој генерално има за цел да оствари рамномерен и оддржлив развој на целата територија на Република Македонија, намалувајќи го диспаритетот меѓу и во рамките на планските региони. Утврдена е и методологија според која се одредува степенот на развиеност на регионот и согласно Законот, најнеразвиениот регион добива најмногу од средствата, додека најразвиениот најмалку.
Од предвидените средства, како процент од БДП, 70% се за развој на планскиот регион. Општините во регионот преку советите за развој на планските региони аплицираат за овие средства, и согласно на тоа колку квалитетни проекти има, толку проекти ќе бидат финансирани, но не повеќе од предвидените средства за самиот регион. Доколку предвидените средства за регионот не се искористат заради недостатокот на квалитетни проекти, вишокот на средства се распоредува на проекти од другите региони според бодовната ранг листа на погодни проекти.
Од друга страна пак, останатите 20 % за финансирање на проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби и 10% за финансирање на проекти за развој на селата, се средства за кои можат да аплицираат општините, без разлика на тоа во кој регион се наоѓаат.
Средствата кои се доделуваат на регионите, согласно Законот за регионален развој, се распределуваат преку Бирото за регионален развој, како дел од Министерството за локална самоуправа на Република Македонија.
Според податоците прикажани во главниот дел од анализата, средствата кои се трансферираат до регионите врз основа на Законот за регионален развој се далеку од 1% од БДП кои му припаѓаат на регионот согласно овој закон.
Од друга страна пак, преку програмата на Владата, но и преку различни линиски програми на ресорните министерства, се инвестираат значителна сума на пари кои Владата ги смета дека го достигнуваат бараниот 1%, а дури и како што велат од таму, одат и над овој процент.
За предмет на истражување на овие недоследности ќе се земе Североисточниот плански регион, како статистички најнеразвиен.
Анализата воглавно треба да покаже:
- Дали средствата кои државата ги вложува се во согласност со стратегијата и програмата за регионален развој, која е сумата која се вложува, и колку е блиску до законскиот минимум од 1% од БДП, а од тоа 17,3% во Североисточниот плански регион;
- Јазот помеѓу средствата кои се добиваат преку Бирото за регионален развој и директните инвестиции кои државата ги прави;
- Колку средства во апсолутен и релативен износ добива секоја општина во Североисточниот плански регион;
- Препораки за остварување на поголем рамномерен регионален развој.
Анализа
Североисточниот плански регион (СИПР) е статистички најнеразвиен во сите три компоненти (демографски, социо – економски и развоен индекс) преку кои се одредува степенот на развиеност, што со години го остава на последно место по развиеност меѓу сите осум плански региони во државата. Од тука потребата за „фаќање на приклучок“ со останатите региони и постигнување на поголем развој е клучно за негово заживување.
Во склоп на регионот сместени се следниве општини: Куманово, Крива Паланка, Старо Нагоричане, Липково, Кратово и Ранковце. Овие општини покрај тоа што имаат стратегии и приоритети за локален развој, имаат пред себе и една генерална стратегија и програма за развој на ниво на регион.
Според податоците на Државен завод за статистика на Република Македонија, Бруто домашниот производ[2] според ЕЦЦ 2010 моделот на пресметка за годините 2013,2014 и 2015 изнесува 499.559 милиони денари, 525.620 милиони денари и 558.240 милиони денари соодветно.
Во Табела 1 и Табела 2 прикажано е колку средства се предвидени, а колку реализирани согласно завршната сметка на буџетот на РМ и процентуалното учество на реализираните средства во однос на годишниот БДП:
Табела 1: Инвестиции преку Биро за регионален развој во однос на БДП (во илјади денари)
Година | Биро за регионален развој | |||
БДП* | Предвидени ** | Реализирани ** | Процент | |
2013 | 499.559.000 | 49.043 | 42.545 | 0,008% |
2014 | 525.620.000 | 58.043 | 55.472 | 0,01% |
2015 | 558.240.000 | 60.043 | 45.889 | 0,008 |
Просечно | 527.803.000 | 55.709 | 47.969 | 0,009 % |
* Извор: Државен завод за статистика
** Извор: Завршни сметки на буџетите на РМ, Министерство за финансии за годините 2013-2015
Табела 2: Инвестиции преку Министерство за локална самоуправа во однос на БДП (во илјади денари)
Година | Министерство за Локална Самоуправа | |||
БДП* | Предвидени ** | Реализирани ** | Процент | |
2013 | 499.559.000 | 49.992 | 9.116 | 0,0018% |
2014 | 525.620.000 | 58.526 | 58.495 | 0,01 |
2015 | 558.240.000 | 78.680 | 78.649 | 0,014 |
Просечно | 527.803.000 | 55.709 | 47.969 | 0,009 % |
* Извор: Државен завод за статистика
** Извор: Завршни сметки на буџетите на РМ, Министерство за финансии за годините 2013-2015
Табела 3: Вкупни инвестиции преку МЛС и БРР во однос на БДП (во илјади денари)
Година | Вкупно МЛС и БРР | |||
БДП* | Предвидени ** | Реализирани ** | Процент | |
2013 | 499.559.000 | 99.035 | 51.661 | 0,001 |
2014 | 525.620.000 | 116.569 | 113.967 | 0,021 |
2015 | 558.240.000 | 138.723 | 124.539 | 0,022 |
Просечно | 527.803.000 | 55.709 | 118.109 | 0,0176 % |
* Извор: Државен завод за статистика
** Извор: Завршни сметки на буџетите на РМ, Министерство за финансии за годините 2013-2015
Од Табела 3 може да се забележи дека во овие три години, првично предвидените средства не се реализираат, туку преку одлуки на Владата, овие средства се кратат. Може да се заклучи и дека за РРР за годините 2013, 2014 и 2015, согласно завршните сметки на Буџетот на РМ, просечно за трите години се инвестирало само 118.109 илјади денари или 0,0176 % од БДП, што е далеку од законскиот 1%, според кој просечно требало да се инвестира по 5.278.030 илјади денари по година.
Факт е и дека во последните години средствата предвидени за РРР растат, па така според одлуката на Владата објавена во Службен весник бр. 86 и бр. 99 за 2016 година, беше предвидено да се доделат 255.667.185 денари за РРР. Со оглед на тоа дека БДП за 2016 година изнесуваше 607.452 милиони денари, или 6.074.520 илјади денари како 1%, излегува дека доколку се усогласеа проекциите, ќе се оствареше околу 0,042%, што е мал напредок, но сè уште е далеку од законската определба. Завршната сметка на Буџетот на РМ за 2016 година, објавена на веб страната на Министерството за финансии, покажува дека за РРР биле предвидени 228.444.000 денари, додека реализирани биле 225.406.433денари, што е 0,037% од БДП.
Согласно одлуката за класификација на планските региони според степен на развиеност за период 2013-2017 година (Сл. весник на РМ бр. 88/13), Североисточниот плански регион стекнува право на користење на средства од програмите за регионален развој во износ од 17,3%.
По години е прикажано во следната табела:
Табела 4: Реализирани средства на Центарот за развој на СИПР (во денари)
Година | Средства кои би требало да му се доделат на ЦРСИПР | Реализирани средства на центарот[3] | Процент на оствареност |
2013 | 6.256.231 | 9.385.315 | 150% |
2014 | 13.801.512 | 5.705.614 | 41% |
2015 | 15.081.697 | 13.470.431 | 96% |
2016 | 27.296.719 | 25.070.294 | 94% |
Вкупно | 62.436.159 | 55.631.654 | 88% |
Просечно | 15.609.039 | 13.907.913 | 88% |
Во табелата се наведени сумите кои би требало да му се доделат на СИПР преку Бирото за регионален развој и Министерството за локална самоуправа кои регионот ги добива врз основа на проекти за развој на планскиот регион. Сумата на средства кои му припаѓаат на регионот се добиени со формулата: реализирани средства за рамномерен регионален развој во тековната година за сите плански региони преку МЛС и БРР * 0,70, средства кои се наменети за центрите за развој на планските региони * 0,173, средства кои му припаѓаат на Североисточниот плански регион врз основа на класификацијата за степенот на развиеност.
Со оглед на тоа дека одлуката за класификација на планските региони според степенот на развиеност за периодот 2013-2017 г. е донесена на крајот на 2012 г., а акцискиот план, како и фактичкото буџетирање при поднесување на апликации за проекти е со стапка од 2012 г., стапката за 2013 година изнесува 16,6%[4], додека за сите други години стапката е 17,3%.
Доколку ја анализираме Табела 4, може да се забележи дека има одлична реализација по оваа основа од 88% за периодот 2013-2016 г. Поголеми отстапки во однос на реализацијата има во 2013 г., кога средствата кои регионот ги реализирал одат до 150% заради подобрите проекти кои ги имале за сметка на останатите региони кои не ги искористиле нивните средства, но и слаба реализација во 2014 од 41%. Во регионот за истиот период, по оваа основа влегле вкупно 62.436.159 денари или околу 1 милион евра. Просечно, на ниво на периодот 2013-2016 г. на регионот му се доделени 15.609.039 денари, од кои просечно се искористени 13.907.913 денари или 88% .
Од табелата, исто така може да се забележи дека вкупната сума на доделени, а во исто време и искористени средства, бележи раст низ годините, па така од 6.256.231 во 2013 година, доаѓа на 27.296.719, односно со раст од 336,3%.
Табела 5: Реализација на средства за финансирање на проекти за развој на подрачја со специфични развојни потреби (во денари)
Во Табела 5 се наведени сумите кои му следуваат на регионот преку Бирото за регионален развој и Министерството за локална самоуправа, средства кои сите плански региони заеднички треба да ги добиваат врз основа на проекти за развој на подрачја со специфични развојни потреби. Средствата се пресметани како 20% од реализираните средства за РРР во тековната година. Од табелата може да се заклучи дека општините од СИПР имаат реализација од 7,55% за разлика од 92,45% успешност на останатите региони заедно. Табела 6: Реализација на средства за финансирање на проекти за развој на селата (во денари)
Во табелата 6 се наведени сумите кои им следуваат на регионите преку Бирото за регионален развој и Министерството за локална самоуправа, средства кои сите плански региони треба да ги добиваат врз основа на проекти за развој на селата. Средствата се пресметани како 10% од реализираните средства за РРР во тековната година. Од табелата може да се заклучи дека СИПР, за проектите за развој на селата котира слично како со проектите за развој на подрачја со специфични развојни потреби, со 8,4 % на успешност, за разлика на останатите 7 региони, кои сите заедно имаат 91,6%. Табела 7: Добиени средства за СИПР преку трите начини на финансирање на Рамномерниот регионален развој ( во денари)
Според Табела 7, во СИПР по основ на трансфер од БРР и МЛС, за периодот 2013-2016 г. влегле вкупно 66.327.107 денари, што во просек за истиот период претставува 16.581.776 денари годишно. Со оглед на тоа дека за РРР се одделуваат средства од централниот Буџет на РМ, анализата ќе направи споредба на трансферите од Буџетот на РМ кон регионот во однос на БДП, односно колку проценти од БДП се вложуваат во регионот. Имајќи предвид дека се располага со информации само од СИПР, потребно е бруто домашниот производ на ниво на држава да се сведе процентуално на ниво на регион. За да го пресметаме процентот кој го добива или кој треба да го добива регионот во однос на БДП на државата ќе ја искористиме следната формула: од вкупниот БДП се пресметуваат 0,70% за сите 8 центри за развој на планските региони, а од добиената сума се пресметуваат 17,30% како сума која би требало да му припаѓала на Центарот за развој на СИПР според формулата. Останатите 30% од 1% од БДП ќе се поделат со 8 (бројот на региони во Македонија), под претпоставка дека сите региони подеднакво ќе ги искористат овие средства. Пример за пресметка на процентот од БДП кој се трансферирал за регионален развој за 2016 г. на ниво на СИПР би бил по формулата: – 607.452 милиони денари (БДП) *0,70 = 425.216,4 илјади денари * 0,173 = 73.562,4 илјади денари – 607.452 милиони денари (БДП) *0,3 = 182.235,6 илјади денари / 8 = 22.779,45 илјади денари или вкупниот трансфер на средства од Буџетот на РМ кон СИПР за РРР би требало да биде 96.341,85 илјади денари (73.562,4 илјади + 22.779,45 илјади) Табела 8: Однос на средствата кои требало да бидат трансферирани од Буџетот на РМ во СИПР и реализирани средства (во илјади денари)
Извор: Пресметки на авторот Ако се навратиме на претходно споменатото, дека 1% од БДП треба да биде инвестиран за РРР, и процентуално по споредбата на трансферираното на ниво на СИПР, може да се заклучи дека просечно за периодот 2013-2016 г. од страна на Бирото за регионален развој и Министерството за локална самоуправа во СИПР се трансферира само 0,018% од БДП. Најмалку инвестиции има во 2014 г. (0.009%), а најмногу во 2016 г. (во износ од 0.033%). Освен овие, во регионот влегуваат и други инвестиции кои се спроведуваат преку Владата на РМ, преку различни линиски министерства и програми. Табела 9: Инвестиции од државни институции, по години[9] (во денари)
Во Табела 9 се прикажани инвестициите во регионот направени преку Владата на РМ, линиските министерства и програми. Вкупно во регионот за период 2013-2016 г. инвестирани се 222.120.956 милиони денари (околу 3.600.000 евра), од кои 86.910.794 денари или 39% се за проекти од регионален карактер. Како проекти со регионален карактер се наведени: Ø Изградба на пат на потег с. Варовиште –Mанастир Св. Јоаким Осоговски во износ од 17.632.120 денари, од кои 15,3% од инвестицијата е од буџетот на Општина Крива Паланка, а другите се од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Ø Изградба на општински пат од с. Никуљане, Општина Старо Нагоричане до с. Четирце, Општина Куманово, во износ од 19.768.858 денари, финансирани од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Ø Изработка на техничка документација за пречистителна станици за третман на комунални отпадни води во Општина Кратово, во износ од 347.751 денар, финансиран преку Министерство за животна средина и просторно планирање. Ø Изградба на фекална канализација во Општина Крива Паланка и Општина Липково износ од 6.689.061 денари, преку Министерството за животна средина и просторно планирање и преку Бирото за регионален развој – проекти за развој на селата. Во периодот 2013-2016, само 5 државни институции инвестирале во регионот, а најмногу од нив Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, со 86% од вкупните инвестиции. Во податоците не е вклучен проектот за реконструкција и опремување на градинка во Општина Ранковце, финансиран преку Министерство за труд и социјална политика, проект за кој Општина Ранковце не располагаше со точен податок. Графикон 1: Процентуално учество на инвестициите од државните институции во СИПР во периодот 2013-2016 (во проценти)
Графикон 2: Инвестиции од државни институции во СИПР по години (во илјада денари) Графикон 3: Споредба на трансферите за РРР до СИПР преку БРР и МЛС, наспроти инвестициите од државни институции (во илјади денари) Графиконот 3 го покажува односот на средствата кои влегуваат во регионот преку БРР и МЛС, наспроти средствата од останатите државни инстититуции. Според приказот, најголемата разлика е направена во 2015 г., а најмала во 2016 г., кога износите по двете основи се скоро идентични. И покрај тоа што средствата кои влегуваат во регионот преку Владата на РМ, линиските министерства и нивните програми го подигаат процентот на инвестиции како процент од БДП, сепак реалната бројка е далеку од законскиот минимум што регионот треба да го добие по закон. Од Табела 10 се гледа дека вкупните инвестиции преку Бирото за регионален развој и Министерството за локална самоуправа, заедно со инвестициите од останатите државни институции, за период 2013-2016 г. се во просек 72.112.015 денари, односно 0,083% од БДП. Од табелата исто така може да се забележи дека има осцилации низ годините, а најголемо остварување е забележано во 2015 г. кога процентот на реализација е 0,12%. Табела 10: Вкупни инвестиции во СИПР како процент од БДП на ниво на регион (во илјада денари)
|
Ако се анализира Табела 11, ќе се забележи дека најмногу средства по сите основи влегуваат во Општина Крива Паланка, со сума од 92.717.460 денари или 31% од вкупните инвестиции во регионот, и тоа најмногу благодарение на високата реализација на средствата од Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој. Во делот пак на искористени средства од МЛС и БРР, Општина Крива Паланка се наоѓа на четврто место по искористеност. На прво место е Општина Куманово со средства од 21.597.460 или 30% од вкупните средства на регионот добиени од МЛС и БРР.
Табела 11: Инвестиции по општини[10] (во денари)
Општина | Добиени средства (МЛС и БРР) | Добиени средства од други државни институции | Вкупно | Процент |
Куманово | 21.597.460 | 120.000 | 21.717.460 | 7,4 |
Крива Паланка | 9.775.517 | 82.543.402 | 92.318.919 | 31,6 |
Ранковце | 5.371.108 | 29.898.571 | 35.269.679 | 12 |
Кратово | 8.946.502 | 32.076.285 | 41.022.787 | 14 |
Старо Нагоричане | 4.857.059 | 56.832.738 | 61.689.797 | 21,1 |
Липково | 19.214.785 | 20.649.960 | 39.864.745 | 13,6 |
Вкупно | 69.762.431 | 222.120.956 | 291.883.387 | 100% |
Се поставува прашањето, колку од проектите кои се финансираат од страна на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој имаат регионален карактер, односно колку од проектите, за кои одлука е донесена од Советот за развој на планскиот регион во кој членуваат градоначалниците, се од интерес на барем две општини од регионот.
На ова прашање со сигурност не може да се одговори, меѓутоа ако се следат имињата на проектите,евидентно е дека не се сите проекти од регионален карактер.
„Факт е и дека скоро секоја година Република Македонија се наоѓа во предизборие, па градоначалниците некако и се одалечуваат од регионалниот карактер на проектите и во листата на одобрени проекти може да се најдат и голем број на проекти кои се од локален карактер и се поврзани многу повеќе со локалниот, а не толку со регионалниот развој. Дополнителна отежнителна околност е тоа што проектите кои се од регионален карактер бараат поголеми средства што регионот реално ги нема”, вели Атина Мургашанска,[11] помошник на раководителот на Центарот за развој на Североисточен плански регион. Според неа, проблем е и што генерално општините не му трансферираат средства на Центарот за развој на Североисточен плански регион, но нема како да се натераат да плаќаат законски, со оглед на тоа дека не се примарни корисници.
Во однос на тоа дали проектите се согласно Стратегијата[12] и Програмата[13] за регионален развој на Североисточниот плански регион, може да се заклучи дека сите проекти се согласно стратегијата, односно програмата, со оглед на тоа дека и во самата стратегија, и во програмата и акцискиот план, се содржат скоро сите компоненти на развојот на еден регион.
Како дел од истражувањето направени се анкети и интервјуа со клучни актери во процесот на спроведување на рамномерниот регионален развој. Опфатени се шест невладини организации, еден градоначалник, како член на Советот за развој на Североисточниот плански регион, двајца претставници на локална администрација и еден претставник на Центарот за развој на Североисточен плански регион.
Со невладиниот сектор се разговараше за нивното познавање на концептот за рамномерен регионален развој и начинот на којсе спроведува. Одговорите генерално беа дека невладините организации не се запознаени, или имаат малку познавања за концептот и дека не се консултирани. Од друга страна пак, помошникот на раководителот на ЦРСИПР, Атина Мургашанска, вели дека невладините организации постојано биле дел од работилниците на кои се изработувала Програмата за развој на Североисточниот плански регион. На прашањето на кој начин ги контактираат и известуваат организациите, Мургашанска вели дека тие се контактирани врз основа на претходна соработка, но имало и такви кои сами се интересираат и сами иницираат воспоставување на контакт, и таквите организации секако се вклучени. Мургашанска воедно упатува и апел сите невладини организации кои имаат желба да се вклучат во процесот да пристапат на центарот со цел да се види начинот на кој може да се направи соработка.
И Јован Трајковски[14] од невладината организација „Еко Славишки“ од Општина Ранковце вели дека има соработка со Центарот. „Во неформална комуникација со Центарот за СИПР понекогаш сме дискутирале на теми кои го засегаат регионот. Дискусиите обично биле при наша неформална посета на канцеларијата на Центарот во Куманово, а почесто комунициравме во периодот 2014-2015 г. Најчесто се дискутираше за теми од земјоделски и социјален карактер и начините за нивно решавање преку конкретни дејствија од страна на граѓанскиот сектор“, вели Трајковски.
Во делот на начинот на донесување на одлуките за тоа кои проекти треба да бидат аплицирани, здруженијата на граѓани се единствени дека треба и тие, но и јавноста, да бидат вклучени во креирање на листата на проекти за кои треба да се бара поддршка од државата.
Според Трајан Димковски[15] од организацијата „Рурална коалиција“ од Куманово, постапката треба да овозможи и директно вклучување на здруженијата на граѓани, кои би можеле да имат удел во креирањето на политиката преку комисии.
Борјанчо Мицевски[16] од Регионалниот центар за одржлив развој од Кратово и Јован Трајковски од „Еко Славишки“сметаат дека треба да се осигура поголема транспарентност и партнерски пристап во процесот на донесување на одлуки. Според Мицевски, градоначалниците сами одлучуваат без консултација, и тоа е сегашниот начин на донесување на одлуки, кој е со голем процент на политичко влијание.
Според Елеонора Маџовска[17] од здружението „Центар за младински иницијативи Цик –Цак“ од Крива Паланка, треба да се направи еден вид на пресек за тоа што досега е направено и кој е ефектот од тоа и да се види дали регионот се движи во добар правец или треба да има некои промени. Треба да се направат длабински анализи и истражувања за проблематиката, добро да се дефинираат условите кои ги бараат донаторите за да може да се искористат што повеќе средства од разни извори.
Останатите две организации со кои стапивме во контакт за потребите на ова истражување, „Центар за интеркултурен дијалог“ од Куманово и „ЕКО ТИМ“, еколошка канцеларија на Старо Нагоричане, не беа запознаени со концептот за регионален развој, ниту пак се консултирани на некој начин.
Сите здруженија на граѓани кои се дел од оваа анализа на некој начин учествувале во изработка на разни стратегии и програми на локално и регионално ниво, и како што велат, дел од нивните предлози биле прифатени.
За начинот на одлучување за тоа на кој начин функционира Советот за развој на СИПР, направено е интервју со Градоначалникот на Општина Ранковце, Момчило Алексовски,[18] кој вели дека одлуките се носат со консензус, во претходна консултација со локалните администрации, и според него нема ниту еден друг регион каде имало толку слога и солидарност во одлучувањето. На прашањето зошто во последните години се инсистира да се аплицира само со инвестициски проекти, вклучително и изработка на техничка документација, Алексовски вели дека не е запознаен со тоа и дека откако тој е член на Советот (2013 г.) таква одлука не е донесена, и доколку постои таква одлука, таа е донесена пред тој да стане член на Советот.
Во врска со подготвеноста на регионот да искористи многу поголема сума на пари доколку хипотетички веднаш би се ставиле на располагање на регионот, Алексовски вели дека сега е полесно, бидејки за разлика од порано, сега општините во регионот полека почнале да ја сфаќаат потребата од урбанизација и изработка на техничка документација. Истиот став го дели и Атина Мургашанска од Центарот за развој на СИПР.
Градоначалникот Алексовски смета дека за да се зголеми регионалниот развој на СИПР, од клучно значење е да се направи инфраструктурно поврзување на општините, како и да се работи на развој на туризмот и креирање на квалитетна регионална понуда, со оглед на тоа дека има многу атрактивни места кои не се промовирани или се со слаба промоција. Во однос на претходните четири години смета дека има напредок во регионот во однос на туризмот и животната средина, со оглед на тоа дека прашањето со регионалната депонија е решено и до 2020 г. е предвидено да се расчистат сите диви депонии.
Според еден од вработените во Одделението за Локален економски развој во една од општините во Североисточен регион, кој сакаше да остане анонимен,[19] проблемот е во тоа што нема доволно техничка документација, има недостаток на човечки ресурси, а градоначалниците си одлучуваат сами врз политичка основа. Вели дека има недостаток на мотивација и кај самите вработени да пишуваат квалитетни проекти, а и да дојдат одеднаш големи средства во регионот, тешко дека ќе може да се изменаџираат, па според тоа треба да се работи на јакнење на човечкот потенцијал. Тука се и европските процедури кои не се баш едноставни, вели вработениот во одделението за ЛЕР.
Според Радмила Стојкова Китанова,[20] секретарка на Општина Кратово, за зголемен регионален развој треба да се работи на зголемување на институционалниот капацитет. „За да се осигура зголемен раст треба да се работи на зголемување на институционалниот капацитет на општините, заради потребата соодветно да се одговори на сложените процедури и обемната документација која ја бараат донаторите при поднесувањето на проекти. Техничката документација која е досега изработена полека застарува и затоа треба да се забрза процесот и овие проекти да се аплицираат. Треба да има здружување на бизнис секторот, затоа што, на пример, кај нас во регионот нема стопанска комора. Треба да се направи и промена во методологијата за одредување на степенот на развој на регионот бидејќи досегашните 17,3% се малку за да се направи нешто повеќе”, вели Стојкова Китанова.
Атина Мургашанска од Центарот за СИПР смета дека со досегашната соработка со Советот за развој на СИПР се направени добри резултати, со оглед на тоа колку пари им се оставаат на располагање, но вели и дека секогаш може повеќе. За начинот на одлучување во Советот, вели дека е на принцип на солидарност и дека многу често помалите општини добиваат многу повеќе отколку што вложуваат, но дека тоа било идејата на регионалниот развој, дека севкупниот развој на ниво на општини ќе доведе до раст на ниво на регион. За односот помеѓу градоначалниците како дел од Советот вели дека има џентлменски фер плеј и дека многу подобро соработуваат, за разлика од Советите во останатите региони.
За капацитетот на Центарот вели дека досега успешно се справувале со предизвиците, иако има потреба за вработување на уште едно или две лица. На прашањето дали регионот е спремен да одговори на предизвикот ако хипотетички одеднаш дојдат голема сума на пари, Мургашанска верува дека можеби во првите години од работењето тоа ќе претставувало проблем, но сега сите региони се кадровски спремни, а и дел од општините веќе располагаат со прилично подготвена проектна документација. Во делот на начинот на подобрување на работата на Центарот, вели дека можеби треба повеќе да бидат вклучени невладините организации и бизнис секторот, но дека не е баш така лесно да се вклучи бизнис секторот со оглед на тоа дека за нив времето е пари, и ретко се појавуваат на настани кои ги организира Центарот, но се согласува дека треба да се направи повеќе напор за да се анимираат и тие.
Заклучоци и препораки
Концептот на рамномерен регионален развој е од клучно значење за остварување и на поголем локален развој преку принципот на синергија. СИПР како најнеразвиен регион, од Бирото за регионален развој и од Министерството за локална самоуправа добива незначителна сума на средства со која не може за да се осигура зголемен и забрзан раст. Средствата кои регионот ги добива по оваа основа се само 16.581.776 денари или 0,018% од пропорционалниот БДП.
Во делот на способноста на регионот да ги искористи и тие средства кои му се ставени на располагање, анализата покажа дека има голема искористеност на средствата наменети за развој на планскиот регион, од 88%, како и за проекти за финансирање на селата, со 8,4% на успешност, додека успешноста во проектите за финансирање на подрачјата со специфични развојни потреби има успешност од 7,55%.
Во регионот освен средствата за рамномерен регионален развој влегуваат и инвестиции кои преку Владата и линиските министерства се инвестираат во општините од регионот. Од овие проекти, најголемиот дел од нив се во функција на локалниот развој, но дури и да ги сметаме како проекти од регионален развој, повторно тоа е далеку од законскиот процент од БДП, со оглед на тоа дека заедничките средствата од БРР и МЛС, заедно со инвестициите од останатите државни инситуции, достигнуваат само 0,083% од пропорционално сведениот БДП.
Како дел од анализата беа направени и интервјуа со претставници на невладиниот сектор, претставник на Советот за развој на Североисточниот плански регион, вработени во општинските администрации, како и со претставник на Центарот за развој на СИПР.
Анализата понуди заклучоци дека:
- Средствата кои државата ги вложува се во согласност со приоритетите на стратегијата и програмата за регионален развој, но имаат локален карактер.
- Сумата на средства кои се вложуваат во регионот е 16.581.776 денари, односно 0,018% од пропрорционалниот БДП преку средствата на МЛС и БРР и 288.448.063 денари, односно 0,083% во однос на пропорционалниот БДП, преку вкупните инвестиции.
- Направена е паралела за тоа колку средства се добиваат преку Бирото за регионален развој и Министерството за локална самоуправа и директните инвестиции кои државата ги прави;
- Издвоено е колку средства во апсолутен и релативен износ добива секоја општина во Североисточниот плански регион и
- Дадени се препораки за остварување на поголем рамномерен регионален развој.
Главни препораки кои излегоа од анализата се:
- Да се направи редефинирање на методологијата според која се одредува степенот на развиеност, пресметката да биде на база на поголема солидарност и регионот да добие многу поголема стапка од сегашните 17,3%;
- Докрај да се имплементира Законот за рамномерен регионален развој, со цел регионите да ги добијат вкупните средства како 1% од БДП;
- Треба да се работи на зголемување на институционалниот капацитет и на човечкиот капацитет во целина во делот на менаџирање на проекти и пишување на квалитетни проектни апликации;
- Да се зголеми соработката на ЦРСИПР со невладиниот сектор и со бизнис заедницата;
- Изготвување на поголем број на технички проекти со цел регионот да биде спремен кога ќе се почне претпристапниот договор со ЕУ за влез во унијата, кога ќе се отворат можностите да се аплицира на поголеми проекти, бидејќи со започнување на преговорите стануваат достапни и нови големи европски фондови;
- Напуштање на концептот на развој од локален карактер и да се размислува повеќе на проекти од регионален карактер;
- Општините треба да работат заеднички на креирање на регионални понуди, а најмногу во областа на туризмот.
Мора да се напомене дека анализата ги користи податоците добиени преку 6 барања и (соодетно одговори) за слободен пристап до информации од јавен карактер до општините од СИПР како и барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до Центарот за развој на СИПР. За точноста на податоците одговараат службите кои ги имаат изработено одговорите на барањата.
Библиографија
Закон за рамномерен регионален развој
http://brr.gov.mk/wp-content/uploads/2015/09/Zakon_za_regionalen_razvoj_642638876.pdf
Износи на БДП по години http://www.stat.gov.mk/PrethodniSoopstenijaOblast.aspx?id=32&rbrObl=7
http://www.stat.gov.mk/OblastOpsto.aspx?id=7
Завршни сметки на министерство за финансии
http://www.finance.gov.mk/files/u6/Zavrsna%20smetka%20za%202015_0.pdfhttp://www.finance.gov.mk/files/u6/Zavrsna%20smetka%20za%202014.pdf
http://www.finance.gov.mk/files/u6/Zavrsna%20smetka%20za%202013.pdf
Центар за развој на Североисточен плански регион
http://www.northeastregion.gov.mk/Default.aspx?LCID=217
Стратегија за регионален развој на Република Македонија http://arhiva.vlada.mk/registar/files/STRATEGIJA_ZA_REGIONALEN_RAZVOJ_NA_REPUBLIKA_MAKEDONIJA_2009-2019_GODINA.pdf
Програма за регионален развој на СИПР за период 2009-2014 http://www.northeastregion.gov.mk/userfiles/files/REV_Final_Programa_za_Razvoj_na_SIPR.p
Програма за регионален развој на СИПР за период 2015-2019
[1] Одлука за класификација на плански региони објавена во Службен весник на Рм Бр. 88/13
[2]http://www.stat.gov.mk/PrethodniSoopstenijaOblast.aspx?id=32&rbrObl=7
3 Барање за пристап до информации од јавен карактер до центарот за развој на Североисточен плански регион: поднесено на 01.06.2017, одговорено 06.06.2017
4 Акциски план на Центарот за развој на СИПР за 2013 г.
[5] Извор: Завршни сметки на Буџетот на РМ (20% од средствата предвидени за РРР)
[6] Извор: Барања за слободен пристап до информации од јавен карактер поднесени до општините од СИПР на ден 01.06.2017, со одговори во период 07.06.2017-20.07.2017
[7] Извор: Завршни сметки на буџетот на РМ (10% од средствата предвидени за РРР)
[8] Извор: Барања за слободен пристап до информации од јавен карактер поднесено до општините од СИПР на ден 01.06.2017, со одговори во период 07.06.2017-21.07.2017
[9] Извор: Барања за слободен пристап до информации од јавен карактер поднесено до општините од СИПР на ден 01.06.2017, со одговори во период 07.06.2017-21.07.2017
[10] Извор: Барања за слободен пристап до информации од јавен карактер поднесено до општините од СИПР на ден 1.06.2017, со одговори во период 07.06.2017-20.07.2017
[11] Интервју со Атина Мургашанска, направено на 24 јули 2017 година
[12]http://arhiva.vlada.mk/registar/files/STRATEGIJA_ZA_REGIONALEN_RAZVOJ_NA_REPUBLIKA_MAKEDONIJA_2009-2019_GODINA.pdf
[13] Програма за регионален развој на СИПР за период 2009-2014 http://www.northeastregion.gov.mk/userfiles/files/REV_Final_Programa_za_Razvoj_na_SIPR.pdf
Програма за регионален развој на СИПР за период 2015-2019 http://www.northeastregion.gov.mk/userfiles/files/01.01.2015%20%D0%9F%D1%80%D0%BE%D0%B3%D1%80%D0%B0%D0%BC%D0%B0%20%D0%B7%D0%B0%20%D0%A0%D0%B0%D0%B7%D0%B2%D0%BE%D1%98%20%D0%BD%D0%B0%20%D0%A1%D0%B5%D0%B2%D0%B5%D1%80%D0%BE%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%BE%D1%87%D0%B5%D0%BD%20%D0%9F%D0%BB%D0%B0%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B8%20%D0%A0%D0%B5%D0%B3%D0%B8%D0%BE%D0%BD_2015_2019.pdf
[14] Интервју со Јован Трајковски од НВО „Еко Славишки“, направено на 12 јули 2017 г.
[15] Интервју со Трајан Димковски од НВО „Рурална коалиција“ од Куманово, направено на 15 јули 2017 г.
[16]Интервју со Борјанчо Мицевски од НВО „Регионален центар за оддржлив развој“, направена на 17 јули 2017 г.
[17]Интервју со Елеонора Маџовска од НВО „Центар за младински иницијативи Цик – Цак“, направена на 17 јули 2017 г.
[18] Интервју со Градоначалникот на Општина Ранковце, Момчило Алексовски, направено на 21 јули 2017 г.
[19] Телефонски разговор направен со вработен во Одделение за Локален економски развој во една од општините во СИПР, направен на 24 јули 2017 г.
[20] Интервју со Радмила Стојкова Китанова, секретарка на Општина Кратово, направено на 26 јули 2017 г.