Продолжуваат активностите од проектот за поддршка на месните и урбаните заедници
Заврши првата фаза од реализацијата на проектот за зајакнување на капацитетите на месните и урбани заедници, кој го реализираат организациите Форум ЦСИД и Европски центар СН7 со финансиска помош од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) преку програмата Цивика мобилитас.
Во досегашниот тек од спроведувањето се посетени сите осум плански региони, анкетирани се скоро осумстотини граѓани и осумдесет претседатели и членови на советите на урбаните и месни заедници. Организирани се осум фокус групи на кои учествуваа претставници на месни и урбани заедници, единици на локалната самоуправа, невладини организации и претставници на Министерството за локалната самоуправа.
Првите резултати покажуваат дека месните и урбаните заеднции не ја остваруваат целосно функцијата да бидат сервис на месното население и врска помеѓу граѓаните и единиците на локалната самоуправа.
Во градските средини голем процент на граѓаните не знаат дека во нивното место на живеење постои урбана заедница, а огромен процент на анкетираните граѓани не знаат кој им е претседател на урбаната заедница. Таму граѓаните не се многу заинтересирани за работата на урбаните заедници и сметаат дека нивната функција е решавање на инфраструктурни проблеми, кои според организацијата на градовите се воглавно решени.
Во руралните средини најголем дел од населението знае дека во нивното населено место постои месна заедница и го познават претседателот на месната заедница. Често од претседателот на месната заедница и советниците очекуват да им се решаваат проблеми кои одамна би требало да бидат надминати, како што се снабдување со вода, електрична енергија, патишта, канализација.
Првите согледувања укажуваат дека секоја месна и урбана заедница индивидуално се обидува во не толку прецизниот Закон за локалната самоуправа да делува во полза на граѓаните. Забелешките на претставниците на заедниците се однесуват најмногу на нерешениот правен статус, бидејќи со законот тие се најдоа во своевидна „вакуум“ ситуација. Не се правни лица, што им претставува голема сопирачка во работата и решавањето на проблемите на терен.
Анализирани се и причините зошто мал број на граѓани се заинтересирани да ја прифатат функцијата претседател или член на советот на месната или урбаната заедница. Забележливо е дека најголем проценти на претседателите на месните или урбаните заедници се во старосна граница помеѓу 55 и 65 години, додека помладите се многу малку заинтересирани за вршење на оваа функција.
Од разговорите со претставниците на месните и урбаните заедници и од фокус групите произлегоа интересни предлози за подобрувањена функционирањето на овие форми на локално организирање, на што ќе се стави акцент во наредната фаза на реализирање на проектот, преку неколку работилници со поголем број на учесници.




