ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ПРОЕКТОТ „ЕДУКАЦИЈА ЗА УРБАНО ЗЕМЈОДЕЛСТВО ЗА ОДРЖЛИВА ИДНИНА“ ВО ОПШТЕСТВЕНАТА ГРАДИНА „БОСТАНИЕ“
На 29 јуни 2024 г. Форум ЦСИД ги презентираше резултатите постигнати со проектот „Едукација за урбано земјоделство за одржлива иднина“ – низ досегашните активности во Македонија, Хрватска, Србија и Бугарија од страна на партнерските организации : Форум ЦСИД од Скопје, Србија Органика од Белград, Еко-Задар од Задар и Бугарската школа за политика „Димитри Паница“ од Софија, поддржани од Европската Унија преку програмата Еразмус +.
Општествената градина „Бостание“ се наоѓа во паркот Лисиче во општината Аеродром, постои веќе 5 години и изминатиов период стана една од омилените градски локации за многу граѓани, кои сакаат да си го подобрат квалитетот на животот, практикувајќи еколошки прифатливи модели на здруженото градинарство во градското подрачје.
За време на настанот посетителите и градинарите во „Бостание“заедно готвеа закуски од свежо набраните плодови од градината и други локално произведени плодови, и разменија готвачки и градинарски искуства.
Проектот промовира можности за учење за граѓани од сите генерации во основни животни вештини – како да си одгледаат самите храна, како да се зголеми свеста во однос на предизвиците за животната средина, па дури и претставува можности за заработка преку урбаното земјоделство. Исто така, преку создавање ефикасни и иновативни едукативни материјали, како што се прирачник и наставна програма за урбано градинарство која може да се примени и во формалното и во неформалното образование, и едукативни видео материјали подготвени од професионалци во оваа област од четири држави од Југоисточна Европа, создадени во рамки на проектот, се овозможува подобрување на капацитетите на обучувачите и едукативните професионалци во рамките на темите за урбано и регеративно градинарење, подобрување на квалитетот на почвата и водата, зачувување на агробиодиверзитетот и зголемување на зелените површини во урбанизираните средини.
Повеќе информации за проектот „Едукација за урбано земјоделство за одржлива иднина“ и за продуктите на проектот (студијата, прирачникот, наставната програма и едукативните видео материјали) можете да најдете на веб страната www.forum-csrd.org.mk FB-профилот https://www.facebook.com/FORUMCSRD и на youtube каналот https://www.youtube.com/@UrbanFarmingEducationfor-ml5ye/videos