Презентација на анализата за општинската поддршка на граѓанските организации
Во организација на Форум – Центар за стратешки истражувања и документација, на 16-ти јуни 2022 година преку онлајн платформата Microsoft Teams се одржа јавна презентација на анализата за поддршката на граѓанските организации од страна на општините во Република Северна Македонија.
Анализата КОЛКУ ОПШТИНИТЕ ГИ ПОДДРЖУВААТ ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ е првиот документ за јавни политики создаден од членките на Мрежата на граѓански организации за реформи и развој на локалната и месната самоуправа – ЗАЕДНИЦА, која ја сочинуваат седум организации: Форум ЦСИД, Фондација за развој на локалната заедница од Штип, Совет за превентива против малолетничка деликвенција од Кавадарци, Младински културен центар од Битола, Центар за едукација и развој од Теарце, Центар на заедницата на општина Струга и Агора – Центар за промовирање на граѓански вредности од Скопје.
Овој документ ги содржи резултатите од истражувањето за распределбата и искористеноста на средствата за здруженијата од општините од буџетската ставка 463 – Трансфер до НВО од општинските буџети за 2017, 2018, 2019, 2020 и 2021 година во општините во Република Северна Македонија. Со анализата се нагласи фактот дека одржливоста на здруженијата и транспарентноста и отчетноста во трошењето на јавните пари од страна на здруженијата не смее да се остави на волјата на локалните власти.
На настанот се обратија Слаѓан Пенев од Форум ЦСИД, Златко Талевски од МКЦ Битола и Невенка Лонгурова Гирова од ФРЛЗ Штип, која ја претстави анализата, по што следеше плодна дискусија за состојбите во однос на буџетските практики на единиците на локалната самоуправа за распределба на средства за здруженијата. Сите говорници се осврнаа на потребата за создавање соодветна методологија за распределба на буџетските средства кон здруженијата на граѓани, како и нужноста од издвојување на средствата наменети за спортски клубови и здруженија од расходната ставка 463 – Трансфери до невладини организации, за да не се поистоветуваат понекогаш големите суми потрошени преку оваа ставка со реалната поддршка на општинските буџети кон граѓанските организации.
Слаѓан Пенев од Форум ЦСИД ја нагласи потребата од поголема транспарентност на општините во однос на поддршката кон граѓанскиот сектор, посочувајќи дека не постои пример на објавени извештаи на општинските веб страни за проектите на организациите коио биле поддржани од буџетските средства на општините. Тој ги истакна како позитивни примерите за вакви извештаи за користењето средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 и 2020 година наменети за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации објавени на веб страната на Одделението за соработка со невладини организации во Генералниот секретаријат на Владата.
Златко Талевски од МКЦ Битола потсети на постоењето слична анализа за поддршката на здруженијата од страна на општините изработена пред десетина години, со која се побарало најмалку 1% од вкупните буџетски расходи да се потрошат за ставката Трансфери до НВО. Исто така тој го сподели искуството од соработката со Општина Битола на создавање методологија за распределба на средствата од општинскиот буџет за граѓански организации, која сепак не резултирала со напредни практики за соодветна поддршка за здруженијата во согласност со взаемните потреби на општината и граѓанските организации. Таквата методологија требало да резултира со отворање можност да се финансираат поголеми проекти, но досегашната практика покажала дека таа се применува само за поддршка на мали локални проекти.
Авторката на анализата, Невенка Лонгурова Гирова од ФРЛЗ Штип, ги претстави главните наоди и препораки на овој документ, посочувајќи дека се идентификувани голем број недоследности во врска со буџетските практики на ЕЛС за распределба на средства за здруженијата кои можат да се подобрат. Така на пример, претставниците на 12 општини одговориле дека немаат утврдено процедура за доделување буџетски средства за граѓанските организации, а во исто толку општини претставниците одговориле дека здруженијата кои добиле општински средства за реализација на проекти немале формална обврска да достават извештаи за реализацијата на проектите.
Во рамки на дискусијата главната тема беа комплицираните форми за апликација за проекти поддржани од општините, кои според дискутантите не одговараат на реалните потреби на општините и не се прилагодени на капацитетите на поголемиот дел од постојните локални граѓански организации. Според дел од дискутантите, тоа се должи на недоволното познавање на локалните особености на граѓанскиот сектор од страна на надворешните консултанти кои биле ангажирани за создавање на ваквите методологии.
Јавната презентација на овој документ беше дел од Годишниот план за работа на Форум ЦСИД, кој е поддржан од Цивика мобилитас, а анализата може да ја прочитате овде.