Од 18 – 21 април 2024 година во хотелот Праг во Белград се одржа обуката „Урбано земјоделство – Како да одгледувате растенија во град?“ во рамки на проектот „Едукација за урбано земјоделство за одржлива иднина“, поддржан од Европската Унија преку програмата Еразмус +.

На обуката учествуваа претставници од сите земји партнери во проектот, Северна Македонија, Хрватска, Бугарија и Србија. Покрај теоретските предавања одржани од страна на професори на земјоделскиот факултет во Белград, како и експерти од тимот на проектот, на обуката беа презентирани и едукативните продукти креирани во рамки на проектот: базична студија за состојбата со урбаното земјоделство во регионот, прирачник за почетници во урбаното земјоделство, курикулум за организирање на курсеви за урбано земјоделство, и серија на видеа како дигитални алатки кои може да се користат на предавањата во рамки на курсеви и други едукативни активности.
На третиот ден од обуката, учесниците имаа можност и да ја посетат првата ботаничката градина во Белград „Јевремовац“, отворена во Србија во 1874 година која се наоѓа во центарот на градот, и претставува вистинска природна оаза. Градината „Јевремовац“ е единица на Биолошкиот факултет на Универзитетот во Белград.

Обуката се одвиваше во пријатна работна атмосфера. Следната обука е планирана за следниот месец, во Скопје, каде учесниците ќе се запознаат со основите на маркетинг, брендирање и продажба на продукти.