ОДРЖАНА ОБУКА ЗА МАРКЕТИНГ И БРЕНДИРАЊЕ
Во рамки на проектот „Едукација за урбано земјоделство за одржлива иднина“ од 8-11 мај, во хотелот Сити Парк во Скопје беше реализирана обука за маркетинг и брендирање на продукти со претставници од Србија, Хрватска, Бугарија и С. Македонија. Овој проект е поддржан од програмата Еразмус +, кој Форум ЦСИД како водечки партнер го спроведува во партнерсвто со Србија Органика од Белград, Еко-Задар од Хрватска и Бугарската школа за политика „Димитри Паница“ од Бугарија.
Предавач на обуката беше Петар Лазаров, експерт за маркетинг и брендирање, кој во своето портфолио вклучува бројни успешни проекти ширум светот, така што учесниците на обуката имаа можност да се запознаат со основните детерминанти на добриот маркетинг план, столбот на секој успешен деловен потфат. Своето предавање го подели на два дела. Во првиот дел зборуваше за начините како да се брендира производот, да се направи препознатлив, нагласувајќи каква треба да биде почетната идеја – производот да се разликува од другите, да се истакне на пазарот, додека вториот дел беше посветен на начините на приближување кон купувачот и охрабрување да го купи производот, не заборавајќи дека добриот пристап кон купувачот се заснова на знаењето од психологијата како неопходна вештина на секој одличен менаџер за продажба.
Оваа обука беше одлична можност учесниците по суштински да се запознаат со економските бенефиции од занимавањето со урбано земјоделство.
Исто така, во рамки на обуката, учесниците имаа можност да ја посетат првата урбана градина во Скопје „Бостание“.