ОБЈАВЕН ДОКУМЕНТ ЗА ПОЛИТИКИ ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА НА ОПШТИНСКО НИВО
Граѓанскиот сектор во Македонија постојано ја истакнува потребата да му биде дадена можност да ги искаже своите гледишта во креирањето и спроведувањето на политиките на локалните власти. Една од тие политики во која граѓанските здруженија се обидуваат да играат посериозна улога е борбата против корупцијата.
Членовите на проектниот тим на „Младински активизам против корупцијата“ заедно со еден од најистакнатите истражувачи на механизмите за борба против корупцијата, Герман Филков, го подготвија документот за јавни политики кој ги опишува начините на кои локалните заедници и здруженија можат да се вклучат и да придонесуваат во борбата против корупцијата на општинско ниво
Една од појдовните точки на овој документ за јавни политики со наслов „Вклучување на локалната заедница во борбата против корупцијата на општинско ниво“ е дека како одговорни за испорака на основните услуги за граѓаните и за управување со локалните ресурси, општините треба да бидат во првите борбени редови во битката против корупцијата.
Врз основа на препораките и можните повратни информации од дискусиите со целните групи здруженијата Форум ЦСИД, Импетус и ЦЕРИ ќе направат напори да иницираат Комисии за борба против корупција во општините, составени од членови на локални граѓански организации и медиуми со претставници на локалната самоуправа во неколку општини како модели за спроведување на политиките, што треба да се фокусира на спречување на корупцијата на локално ниво.
Публикацијата е достапна на македонски и албански јазик овде.
Проектот „Младински активизам против корупцијата“ е поддржан од програмата Цивика мобилитас.