КРЕАТИВНО РЕЦИКЛИРАЊЕ НАМЕНЕТО ЗА ВОЗРАСНИ ЛИЦА
Во текот на изминатите три месеци Форум ЦСИД организираше две работилници и една јавна презентација наменети за возрасни лица, за едукатори на возрасни лица, за социјални работници, терапевти и членови на граѓанските организациите чии целни групи се постарите луѓе.
Овие три настани беа прилагодени за потребите на повозрасните луѓе, но беа наменети и за секој кој е креативен и сака да рециклира пластични шишиња, стакло, дрвени и метални предмети, стари облеки, хартија, весници итн.
Работилниците се дел од активностите насочени кон подобрувањето на образованието за возрасни лица во областа на екологијата и борбата со климатските промени, кои се спроведуваат во пет европски земји – С. Македонија, Бугарија, Шпанија, Полска и Италија, со поддршка на програмата Еразмус плус, како дел од потпрограмата за стратешки партнерства за образование на возрасни (KA204), во рамки на проектот СЕНГА (Seniors in Green Action – from Hands to Minds to Souls / „Возрасни лица во зелена акција – од рацете до умот и душата“).
Претходно Форум ЦСИД, Бугарската Школа за политика „Димитри Паница“ (како координатор на проектот), Универзитетот Адам Мицкиевич од Познањ (Полска), АССЕТ Базиликата (Италија), СТП Консалтинг (Шпанија) и АРТИЕД (Бугарија подготвија Упатства и Библиотека со ресурси за вклучување на возрасни лица како ученици за еколошки активности, како и шест комплети со 18 практични активности за креативно рециклирање и надградба на стари ЦД/ДВД-а, метални, дрвени и стаклени предмети, пластични шишиња, ткаенина, хартија и картон, кои можат да се најдат на шест јазици на веб страната https://activegreenseniors.eu/
Во рамки на последните активности беа снимени и неколку видеа кои можете да ги видите на youtube каналот на проектот: https://www.youtube.com/@SenGA-eg6pf