По завршувањето на едногодишното истражување кое тимот на Форум – Центарот за стратегиски истражувања и документација го спроведе во сите 84 општини во Република Македонија и градот Скопје, на 17 февруари 2011 година, во Хотелот Континентал беше организирана конференција на која беа претставени резултатите. На конференцијата учествуваа и претставници на администрациите на дваесеттина единици на локалните самоуправи и претставници на невладиниот сектор и медиумите.

На првата сесија од конференцијата беа претставени резултатите од истражувањето за транспарентноста на единиците на локалната самоуправа, според кои најдобро рангирани општини се Струмица, Аеродром, Конче, Гостивар, Охрид, Пробиштип, Штип, Неготино, Јегуновце, Кавадарци и Карпош. Претставниците на поголемиот дел од овие, но и други општини имаа свои обраќања на конференцијата, претставувајќи ги своите методи за зголемување на транспарентноста кон граѓаните, медиумите и невладините организации.

На втората сесија на конференцијата се дебатираше околу можностите за поголема соработка меѓу општинските администрации и локалните невладини организации во правец на зголемување на транспарентноста, при што претставници на неколку невладини организации од Велес, Струмица, Виница, Кратово и Скопје ги споделуваа своите искуства од соработката со локалните самоуправи. Токму локалните самоуправи на Велес и Струмица беа посочени како добри примери за заедничка работа на локалните власти и граѓанскиот сектор во правец на потранспарентно работење на администрациите и во интерес на поотчетно работење кон граѓаните.

На конференцијата беше промовирана публикацијата “Истражување на транспарентноста и отчетноста на единиците на локалната самоуправа во Македонија”, која Форум ЦСИД ја објави на три јазика – македонски, албански и англиски.

Истражувањето беше овозможено со грант од програмата Civica Mobilitas, спроведувана од Центарот за Институционален Развој – ЦИРа и поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка, застапувана од Канцеларијата за соработка во Скопје.