Форум – Центарот за стратегиски истражувања и документација и Tинк тенкот Аналитика од Скопје организираа конференција на тема “Состојбата на истражувањата во општествените науки во Република Македонија”, која се одржа под покровителство на Регионалната промотивна програма за истражувања во Западен Балкан RRPP, управувана од Универзитетот во Фрибург, а финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Конференцијата се одржа на 14 април во Скопје, а на неа учествуваа претставници на истражувачките организации, институти, тинк тенкови и високообразовни институции од Македонија. На првата сесија насловена “Општествените науки и истражувањата во Македонија – каде сме и каде сакаме да бидеме?” говореа Ненад Марковиќ, Асистент на Правен Факултет – Јустинијан Први, Неда Коруновска, Програмска координаторка на Тинк тенкот Реактор и Дитурије Исмаили, Раководителка на Канцеларијата за истражувања на Универзитет на Југоисточна Европа. На втората сесија, насловена “Финансирањето и другите видови поддршка на за истражувањата во општествените науки во Македонија. Која е улогата на политиката?” воведни излагања имаа Емилија Симоска, професорка на Институт за социолошки и политичко – правни истражувања, Виолета Атанасовска, координаторка на ФП7 програмата во Министерството за образование и наука и Дане Талески, докторанд на Централниот Европски Универзитет во Будимпешта.

Обете сесии иницираа плодни дискусии за тоа каде е Република Македонија на полето на научно-истражувачката дејност и каде претендира да биде, како и за тоа на кој начин и од кого најчесто се обезбедува поддршка за истражувањата во општествените науки во државата.

Содржината на излагањата и дискусиите ќе биде објавена во публикација која ќе биде достапна во електронска верзија на нашата веб страна.