ВЕЖБАЊЕ НАРОД

Истражувачкиот тим на Форум-ЦСИД направи систематизација на најупотребуваните методи за фалсификување и за местење на изборите во Македонија. Лошите искуства, за жал, се бројни, а “инвентивноста” на партиските штабови и поединци голема. Во оваа прилика детаљно опишуваме и илустрираме 12 начина за местење на изборите, иако списокот на методите, бездруго, не завршува тука.

БУГАРСКИ ВОЗ

Метод: Системот на овој метод, колку што е едноставен, толку е и генијален. Имено, на денот на гласањето, во раните утрински часови, еден член на изборниот одбор кине и “шверцува” надвор од гласачкото место едно гласачко ливче – тоа негово ливче е “локомотивата” на “возот” што следи: на тоа ливче се заокружува посакуваниот кандидат и, со така заокружен кандидат, му се дава на следниот гласач кој има за задача од гласачкото место да се врати со непополнето гласачко ливче, а во кутијата да го стави она што му е дадено веќе пополнето. За секое важечко гласачко ливче се даваат 500-1.000 денари (цената се зголемува во подоцнежните часови од гласањето) и “композицијата” се продолжува така до недоглед на денот на гласањето, додека има кандидати што за одредена сума пари би донеле празни ливчиња, во замена за пополнетите што мораат да ги стават во гласачката кутија. Најважно е на крајот од изборниот ден сите гласачки ливчиња да се на број, бидејќи доколку недостасува и едно ливче, гласањето на тоа гласачко место се поништува.

Каде: Овој систем функционира секаде, само доколку се работи доволно дискретно и ефикасно.

Жртви: Противничкиот кандидат.

Начин за спречување: Засилено надгледување на самото гласање, засилена работа на мониторите и на МВР околу гласачките места.

“ПРОПОРЦИОНАЛНО” ДОПОЛНУВАЊЕ ГЛАСАЧКИ КУТИИ

Метод: На крајот од денот за гласање се констатира дека на гласање не излегле 40-50 отсто од запишаните гласачи, па голем број гласачки листови останале непополнети. Тогаш, партиските претставници во бирачките одбори – обично од најголемите партии од опозицијата и од власта – се договараат од неискористените ливчиња да си поделат по еднаков број за себе (обично не сите што се останати!) и со заокружување секој на својот кандидат да ги уфрлат во кутиите. Така се постигнува на национално ниво, кај поголемите партии, да се зголеми бројот на освоени гласови за неколку илјади или, дури, десетици илјади, што носи повеќе места во парламентот од пропорционалните листи. За да се спроведе овој метод, професионалниот состав од избирачкиот одбор треба да има “добар мотив” за да ја сврти главата на друга страна кога се врши полнењето на кутиите.

Каде: Овој систем функционира во помали места, каде што има помалку монитори и каде што партиските луѓе, како и другите членови на избирачките одбори, се знаат добро меѓу себе.

Жртви: Најголема штета од овој метод, на национално ниво, имаат помалите партии.

Начин на спречување: Тешко, бидејќи во манипулацијата, доброволно или “со мотив”, учествуваат сите членови на избирачкиот одбор, па нема кој да ја пријави злоупотребата.

PROXI ГЛАСАЊЕ

Метод: За ваков изборен престап се смета кога еден човек доаѓа на гласачко место со повеќе туѓи лични документи, ги зема нивните гласачки ливчиња и гласа за отсутните.

Каде: Особено е распространето во руралните краеви и во места со поголеми етнички малцинства.

Жртви: Самите гласачи чие право се злоупотребува, како и изборните опоненти.

Начин на спречување: Со едукација пред денот на гласањето, со ригорозно спроведување на изборните правила и засилен мониторинг.

СЕМЕЈНО ГЛАСАЊЕ

Метод: Доаѓа главата на семејството со сите негови членови и при гласањето им “помага” со посочување за кого треба да се гласа.

Каде: Во патријархални или средини со пониско образовно ниво, често меѓу одредени групи кај етничките малцинства каде што жените не се вклучени или не ги следат политичките собитија.

Жртви: Самите гласачи кои не ја практикуваат слободата за слободно гласање.

Начин на спречување: Со едукација пред денот на гласањето, со ригорозно спроведување на изборните правила и засилен мониторинг.

ПОДМЕТНУВАЊЕ ИЛИ ПОТКУПУВАЊЕ ЧЛЕНОВИ НА ИЗБОРНИ ОДБОРИ

Метод: Во други партии се подметнуваат свои членови, кои како делови од државната администрација можат да станат членови на изборните одбори; или директно поткупување на членовите на конкурентските партии за да “замижат” при спроведувањето на неправилностите.

Каде: Во помали места, каде што членовите на изборните одбори меѓусебно добро се познаваат.

Жртви: Обично помалите или новите политички партии каде што квалитетот и лојалноста на партиските претставници не се големи и се релативно “евтини”.

Начин на спречување: Заострување на критериумите во самите партии за тоа кој ги претставува низ избирачките одбори.

“ДИГАЊЕ” НА ЦЕНЗУСОТ

Метод: Доколку однапред се знае, или со пребројување на гласовите се утврдило дека одреден “непожелен” кандидат победил во првиот круг на гласање, тогаш од неупотребените гласачки ливчиња се ставаат неважечки ливчиња во гласачките кутии, за да се зголеми процентот на излезени гласачи и да се намали процентот на остварената победа под 50 отсто, по што следи втор круг гласање.

Каде: Во места во кои на големите партии им се спротивставени независни или кандидати на помали партии, со полоша изборна инфраструктура.

Жртви: Независни кандидати или кандидати на помали партии, а поретко и “посериозни” кандидати.

Начин на спречување: Ригорозен мониторинг на изборните места, со претходно лоцирање на местата каде што се веројатни вакви “зафати”.

ПОТКУПУВАЊЕ ГЛАСАЧИ

Метод: Камиони со разни прехранбени продукти се паркираат низ населби и стоката им се дели на гласачките семејства по списоци, а може и дента по изборите, откако ќе се види како гласало односното население. Но, можно е поткупувањето да биде изведено и со пари или со ветувања за вработувања, различни ангажмани, со изведба на инфраструктурни проекти (патишта, водоводи и сл.) итн.

Каде: Низ приградски населби и села или компактни етнички (особено малцински) средини.

Жртви: Конкурентски кандидати.

Начин на спречување: Кога се работи за поткупување со стока на денот на гласањето, неопходна е активност на МВР, како и друг вид мониторинг, со експресни мандатни казни и друг вид ригорозни изборни реперкусии. За другите поткупувања неопходна е активност на политичката и друга јавност, дебати, делување на надлежните државни органи итн.

МАНИПУЛАЦИИ СО ИЗБИРАЧКИТЕ СПИСОЦИ

Метод: Бришење или додавање избирачи на самите избирачки списоци, во зависност од интересите на одредена партија или гласачките преференции на одредено население.

Каде: Во помала мера можно е секаде, а во поголема на многу малку места и не во преголем обем.

Жртви: Конкурентски кандидати.

Наин на спречување: Проверка на избирачките списоци пред започнувањето на изборите.

ЗАКАНИ И ПРИТИСОЦИ ВРЗ ГЛАСАЧИТЕ

Метод: Заканите се најразлични, од најгруби и со оружје до вербални. На пример, пред изборите во цели села поминуваат “аберџии” дека доколку не се гласа за одреден кандидат, заканите се дека целото село ќе сноси последици.

Каде: Низ приградски населби и села или компактни етнички (особено малцински) средини.

Жртви: Поединечни гласачи и конкурентски кандидати.

Начин на спречување: Засилена и ригорозна активност на МВР и на инстанците задолжени за спроведување на изборите. Особено помага и известувањето низ медиумите за подрастичните случаи на закани.

АГИТАЦИЈА НА ДЕНОТ НА ГЛАСАЊЕТО

Метод: Комбинација од неколку претходно опишани методи, кои во помал број случаи може да имаат и насилни елементи.

Каде: Насекаде.

Жртви: Конкурентски кандидати.

Начин на спречување: Активност на МВР, на избирачките органи и на изборните монитори.

НАСИЛНО ПОЛНЕЊЕ ГЛАСАЧКИ КУТИИ

Метод: Најдрско упаѓање на изборни места и насилно полнење на гласачките кутии со лични закани до изборните органи на самото место дека мораат да молчат за тоа што го виделе.

Каде: Низ приградски населби и села или компактни етнички (особено малцински) средини.

Жртви: Конкурентски кандидати.

Начин на спречување: Активност на МВР, на избирачките органи и на изборните монитори.

ПРОМЕНА (ФАЛСИФИКУВАЊЕ) НА ЗАПИСНИК

Метод: Записникот што е потпишан од сите членови на гласачката комисија најдрско се фалсификува, а бројот на гласовите се “прилагодува” според состојбата во “новиот” записник.

Каде: Можно е секаде, но особено таму каде што избирачките кутии подолго патуваат од избирачкото место до местото каде што се предаваат резултатите во општинската изборна комисија.

Жртви: Конкурентски кандидати.

Начин на спречување: Ригорозна контрола на изборните органи и на мониторите, активности на МВР.