Со цел да се обезбеди деконцентрација и децентрализација на културата од центарот на Скопје кон периферните делови на градот, и при тоа да се прошири, збогати и раздвижи културната понуда, Градот Скопје, во рамките на активностите од областа на културата на почеток од годината донесе решение за финансирање на програми и проекти во рамките на програмските активности „Од центарот кон периферијата: културата како алатка за социјален развој” и објави јавен повик за доставување на предлог проекти. Здружението Форум – Центар за стратешки истражувања и документација од Скопје, во чиј домен на работа се и дејности од областа на културата, културни различности и дијалог, граѓанско општество и демократизација, аплицираше на овој повик и укажана му е доверба да направи Истражување на културните потреби и потенцијали на населението од приградските населби на градот Скопје. Резултатите од истражувањето кои се презентирани во оваа студија ја дават глобалната слика на културните потреби, навики и потенцијали на населението од приградските населби на градот Скопје. Воедно укажува кои културни содржини се потребни на одредени категории граѓани, социјални групи, лица со посебни потреби, млади, пензионери, мажи и жени. Тие претставуват добра основа за планирање и подготовка на културната политика и културниот модел кој ќе овозможи децентрализација на културата и нејзиното придвижување од центар кон периферијата. Оваа анализа е првенствено наменета на тие кои ја креират културната политика, на менаџерите од оваа област, но и на новинарите и на сите кои на било кој начин имат допир со културата.

Целото истражување можете да го преземете тука