На 4 септември во Универзитетот Американ Колеџ Скопје се одржа завршната дебата од проектот “Seeing is Believing”. Темата на дебатата беше „Балканските рефлексии на Самитот на НАТО во Вашингтон“ (“Balkan Reflection on the NATO Summit in Washington”), а модератори беа ко-директорите на проектот Сашо Орданоски и Едвард Џозеф.

Воведно обраќање на настанот имаше Арон Хон, советник за односи со јавност на Американската мисија во НАТО, а потоа добивме енергична дебата со главниот говорник Н.Е. Стево Пендаровски, поранешниот Претседател на Северна Македонија, и новинарите Билјана Јовичевиќ и Назим Рашиди, учесници во проектот. На втората дебата учествуваа Н.Е. Радмила Шекеринска, поранешна министерка за одбрана на Северна Македонија, и младинските лидери од шесте држави на Западен Балкан кои ги претставија своите препораки за НАТО доставени до 75-тиот јубилеен Самит на Алијансата во јули во Вашингтон, САД.

Со овој настан беше заокружен едногодишниот проект “Seeing is Believing”, кој што Форум ЦСИД го спроведуваше во соработка со Универзитетот Johns Hopkins од Вашингтон и неговата School of Advanced International Studies (SAIS) – Bologna Institute for Policy Research (BIPR), поддржан од Американската мисија во НАТО.