Едуцирај, преземи акција за почиста средина
Во изминатите три месеци во Тетово се реализираше акцијата „Едуцирај, преземи акција за почиста средина“ . Целта на оваа акција, која се спроведе во рамки на проектот „Активни граѓани за добро владеење“ поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество, беше да се подигне свеста кај учениците во три основни училишта во Тетово за проблемите кои настануваат од загадувањето и како да ја чуваат животната средината од загадување, преку предавања и работилници.
Групата на млади луѓе кои ја спроведоа оваа акција се состоеше од учесници на обуката за Полошкиот регион која се одржа во ноември во Маврово во рамки на проектот „Активни граќани за добро владеење“.
Предавањата се одржаа во основните училишта „Кирил и Методиј“, „Лирија“ и „Наим Фрашери“ во Тетово. Како предавач беше ангажиран Аријанит Џафери, претседател на НВО „Еко герила“. Тој им говореше на младите ученици како да се грижат за животната средина и за последиците од загадувањето. На предавањето им беше објаснето на учениците дека и тие имаат важна улога во изнаоѓање на решенија за загадувањето и им го објасни процесот на рециклирање. На овие предавања учествуваа околу 100 ученици на кои им беа поделени маици и беџови со пораки за рециклирање.
Во втората фаза од акцијата беа спроведени три работилници со учениците од трите основни училишта, каде со нивна помош пред училиштето беа поставени канти за ѓубре означени соодветно (хартија, пластика и стакло), со што ќе се поттикнуваат учениците да рециклираат.
На учениците им беа поделени еко-торби како замена за пластичните.
Учениците исто така донесоа свои стари играчки кои повеќе не ги користат, за да ја пренесат пораката за рециклирање на стари работи, и ги донираа во Центарот за лица со посебни потреби.
Групата која ја спроведуваше акцијата имаше поддршка од локалниот координатор, Астрит Реџепи од Центар за едукација и развој од Теарце кој ја менторираше и помагаше групата во сите фази од спроведување на акцијата.

