Анализа на Форум ЦСИД и Советот за глобална соработка подготвена за дебатата “Глобалниот тероризам и Балканот”, организирана од страна на СГС и Институтот за социолошки и политичко правни истражувања на 14.12.2011
Темата на тероризмот за Балканот никогаш не ја изгубила актуелноста, дури и тогаш кога во континуитет не се случиле негови еклатантни пројави. Актуелноста не е исчезната заради редица причини, а најважната е дека низ Балканот поминувале, а и сега поминуваат, реалните но и имагинарните граници, како на реални империи, така и на интереси, без оглед на повремените поместувања на гео-политичките граници. Тие граници никогаш и никој не ги земал како дефинитивен факт и заради тоа во одредени периоди се случувале како еклатантни политички, воени судири, така и акти на насилие кои, според денешните дефиниции, се сметаат за тероризам.
ПРЕДИСТОРИЈА
Во стогодишниот период (1912-2012) на Балканот, најдолгиот период на мир бил оној од 1945 до 1990 година. Тоа се должело, како на исцрпеноста од двете светски војни, така и на воспоставената биполарна структура на светот. Во таа слика на светот, не треба да се занамерува, ниту пак минимизира, СФРЈ играше активна улога, како балансер меѓу силите на Запад и Исток, но и како повремен медијатор при помали и поголеми спорови низ целиот свет. Биполарниот свет беше резултат на неколку битни договори (Техеран, Јалта) и во таа смисла договорните страни, без оглед на спротивставените интереси и тежината на проблемот, сепак водеа сметка за тоа дека политичкиот договор секогаш е можен, односно нужен. Во овој период светот не оскудеваше од војни. Освен ослободителните војни во колониите на старите империи, неколкуте габаритни воени интервенции, како и низата отворени прашања во “Златниот Триаголник” (нафтата на Блискиот и Средниот Исток-поконкретно!) тоа беа вентилите “за испуштање пареа” и места во кои беа создавани причините за нови договори и нови распореди на интересите. Помалите недоразбирања (како на пример нерешените гранични прашања на СФРЈ со Италија) секогаш, без оглед на вжештеноста на реториката, завршуваа со договор. Со или без посредници. Важното е што говорот на насилието (оружјето), барем на тлото на Европа беше, така барем се мислеше тогаш, исклучен во решавањето на споровите. Исклучоците како ИРА, ЕТА, се дел од правилата на играта воспоставени за тлото на Европа, односно потврда на тоа правило.
Ова движење на Историјата течеше до средината на осумдесттите кога стартуваше глобалниот проект “Распаѓање на биполарниот свет”. Во почетокот на деведесеттите тој распад и се случи и на СФРЈ. На Балканот, на територијата врз која, како што споменавме, се вкрстувале, се допирале гранците на империите, односно интересите. Затоа тој распад се случи на така крвав начин, бидејќи завојуваните страни “не беа оставени сами” и на секоја, дали пред, дали за време, дали потоа и се придружија заинтересираните. Без оглед на тоа како ги објаснија односно јавно ги декларираа нивните интереси. Како и да е, распадот беше платен скапо, со многу човечки и материјални жртви, а опоравокот трае и до денешен ден.
Од интерес на нашата дебата е следното:
- По распадот на СФРЈ, на Балканот една држава исчезна, а се појавија нови седум!
- Новосоздадените држави, воглавно, се слаби структури, со многу проблеми во инсталирањето на државни капацитети, разјадувани од корупција, нискокапацитетни политички елити, а соодветно на темата која е од наш интерес, неспособни да се носат со многуте предизвици на времето;
- Постоењето на вакви држави со слаби капацитети овозможи широко распростирање на организирани криминални активности кои дополнително ги слабеат државните апарати, ги корумпираат, тоа криминално миље исто така е одличен канал за трансфер на идеи, луѓе кои имаат и други, поинакви намери. Разграничувањата внатре во криминалните/терористичките групи понекогаш се невозможни со оглед на тоа што системот на самоодржување припадниците на овие групи ги става во двојна улога;
- Во регионот, покрај неколкуте постигнати договори (Дејтон, Рамбуе, Охрид, резолуции на ООН и др.), повремени или подолги престои на мировни мисии (УНПРОФОР, УНПРЕДЕП, КФОР и сл.) некои прашања останаа нерешени, и што е поважно, се разгоруваат! Се повторува историјата, а тоа е дека на Балканот секогаш кога ќе се издејствува, односно случи мир, всушност станува збор за незавршен мир ;
- Териториите каде невралгичните точки останаа како висок политички и “друг” приоритет можеме да ги лоцираме како: БиХ, Санџак, Косово, Македонија, а доколку бидеме пофлексибилни при класифицирањето тогаш тоа ќе важи и за Србија (Јужна);
- Последно, но исто така важно, е дека во разрешувањето на било кој вид на спор, воената, насилната методологија, а особено по крвавите војни при распадот на СФРЈ, добија скоро еднакво право на граѓанство, како и политичките, што во добата на биполарниот свет, барем во Европа беше незамисливо!
ГЛОБАЛНИ ПРЕТПОСТАВКИ
Тероризмот не е нова појава во историјата. Доколку појдеме длабоко во историјата во секој период можеме да регистрираме многу случаи на насилни акти кои не се воени, туку се резултат на типични терористички активности.
(Нема да навлегуваме во содржината на десетици дефиниции за тоа што е тероризмот бидејќи претпоставката е дека аудиториумот овој поим го има апсолвирано во сите варијанти, деривации и нијанси).
За потребите на оваа дебата ние временски ќе се лоцираме на 20 и 21 век, не само како временски блиски, туку и заради спецификите на Балканот каде терористичките акти скоро никогаш не биле автономни акции на поединци, или пак помали групи на, исто така, поединци-идеалисти. Уште треба да додадеме дека организираните борбени, револуционерни структури на Балканот, никогаш не негувале особени симпатии за актите, односно извршителите, на теоризам, бидејќи ги сметале за штетни, а со оглед на бруталните реакции на државите по случувањата на терористички насилија. Но, како и да е, Балканот, така да се каже, е едно од родните места на тероризмот во овој облик познат и денеска, разбирливо, со нужните “модернизации”. Првата светска војна започна по терористичкиот акт во Сараево од страна на група која била екстензија на тајни служби на најмалку две држави. Ова е една од верзиите на тероризам кој ја ужива подршката на организирани структури, какви што се државите, односно нејзините служби. Понатамошниот тек на настаните на Балканот (пошироката територија на етничка Македонија) сосема ја докажуваат тезата. Во сите колежи во рамките на она што се нарекувало ВМРО, или негови фракции, биле длабоко инволвирани службите на Балканските држави, најмалку, а би било неправедно сиот товар да се натовари само врз грбот на тогашната бугарска држава. Веќе се несомнени некои докази презентирани од страна на историската наука, за учеството на, барем, неколку балкански држави, па и од пошироко и подалеку. Илустрацијата со меѓувоените колежи ја користиме само за да ни послужи за полесно разбирање на заканите кои би можеле да ги идентификуваме по опсежната дебата, но и подоцнежна анализа на состојбите во регионот. Сепак, не само во подготовките на материјалот, туку и во многу студии, произлезе еден недвосмислен заклучок: На Балканот, вклучително и Македонија, невозможни се акти на теоризам, а притоа во нив да не се директно или индиректно (со нечинење!) замешани организирани структури, како што се држави, односно нивните служби. Дали станува збор за свесни политички одлуки, или пак за одметнати фракции на службите, тоа сепак е работа, надлежност, но и одговорност на државите во чии што рамки тие дејствуваат.
Работите околу тероризмот особено се искомплицираа со појавата на тнр. Глобален Тероризам каде целта на терористички акти не се веќе само држави, туку, буквално, цел свет, со приоритети за кои, не секогаш е јасно зошто и според кои критериуми се одбрани. Идеолошката платформа врз која се потпираат овие групи веќе не се некакви намери за ослободување на некоја територија, држава, или пак насилие заради идеолошка спротивставеност со властите на одредена држава. Германските терористи од РАФ, Црвените Бригади, Јапонската ослободителна армија и слични групи, беа насочени против системот, односно неговото олицетворение-државата. Тие во себе немаа интернационални димензии, ако во ова не се сметаат врските кои ги воспоставуваа помеѓу себе, или пак со некои ослободителни движења кои не се стеснуваа од терористички акти (Палестинци)! Индициите за тоа дека на почетокот, но и подоцна биле пенетрирани од страна на разни служби, во случајов се битни само како премиси од кои специјалистите би извлекувале одредени заклучоци и поуки. Но, сето тоа е далеку од ова што денес го имаме пред себе како организација/организации на глобални терористи.
Кога станува збор за Глобалниот Теоризам, зборуваме пред сè за идеолошки чадор, религиски интониран и од таа појдовна точка (станува збор за некоја од верзиите, односно компилациите на било која религија, но во случајов доминираат групите потпрени на Исламот) тој чадор послужува за полесно воспоставување, како на регрутната база, така и за полесно одредување на целите кои би биле нападнати. Прелесен би бил заклучокот дека целта е само христијанскиот свет, во секој случај, но перцепцијата на глобалниот тероризам сепак е таа и за тоа не би требало да се бараат причини во некои од фобиите на западниот свет, бидејќи иако не би било неточно, тоа не би ја осветлило, до крај, суштината на проблемот. Сепак станува збор за сложена структура, а во исто време децентрализирана до ниво на самостојни ќелии и со правила на функционирање и дејствување во кои искуствата на тајно организирање, не само во источниот свет, очигледно добро се проучени и применети. Притоа, бидејќи нивното меѓусебно комуницирање ниту постои, а што е поважно, никогаш не може, до крај да се дознаат сите врски на поедини групации. Било да станува збор за вертикални, било хоризонтални релации.
Врвот на оваа појава светот имаше прилика, во директен пренос, да го види на 11.9.2001 во Њујорк. Не дека свест за тоа немаше, ниту пак соодветните служби и пред тоа не знаеја за постоењето на вакви закани. Токму спротивното. Но акцијата против Кулите Близначки, заради глобалниот ефект, предизвика драстично освестување, прегрупирање и воспоставување на нови доктрини во борбата против, во овој момент, една од најголемите закани за човештвото.
ОКОЛНОСТИ
Постојат повеќе причини за појавата на глобалниот тероризам. Овде ќе се задржиме на некои моменти.
За неговата распростарнетост, жестокост, секако дека придонесе непостоењето, односно исчезнувањето на на механизмите на биполарниот свет во кој, парадоксално, покрај спротивставеноста на блоковите, акциите на терористите спаѓаа во делот на биполарниот фолклор. Откако завршија “воените игри” на сцената настапија автохтони организации кои, случајно или не, како врвни непријатели ги идентификуваа САД и сите нивни екстензии. Било да станува збор за држави, банки, компании, организации, поединци итн. Хаосот на распадот во поедини региони, вклучително и СФРЈ, беше одлична почва за обид (нема податоsци за успешноста, но сериозни индиции има!) за инсталирање на инфраструктура која би била база за дејствување. Според она што е достапно од отворените извори на информации, некои од обидите биле успешно спречени, но поуките од “успешните” акции на терористите не треба да се забораваат.
Во околностите кои можат да им погодуваат на терористичките активности сметаме дека треба да се осврнеме на два моменти:
- 1. Либералниот капитализам помеѓу останатото подразбира висока мобилност на луѓето, особено од земјите на Третиот Свет кои, во потрага по егзистенција, станаа крупен социјалнен и демографски фактор во некои земји од западниот свет. Се разбира со сите тегобности и фрустрации на живот во земји кои во нив гледаат нужно зло, односно работна сила за занимања кои стануваат непривлечни за домородното население. Дојденците се лоцирани во социјалната маргина, а како такви се одлична база за воспоставување на точки од кои може да се поаѓа во акции насочени против светот на оние кои ги тормозат на глобално ниво. Бидејќи станува збор, во најголем број на случаи, за слоеви кои се склони за рудиментарно, црно-бело, интерпретирање на стварноста, секој агитатор со намери кои во себе ги содржат и актите на тероризам се соочува, така да се рече, со отворена врата. На жестокоста и подготвеноста за акција и погодуваат разно-разните фобии на западните општества, како и отвореното манифестирање на истите кон “дојденците” со што комплексот акција-реакција секако дека е подготвен за примена.
- 2. Во деценијава зад нас светот живее во период на финансиска и генерално економска криза која најнапред ги загрозува овие социјални групи, создавајќи слоеви на очајници кои во одреден момент многу лесно завршуваат или од другата страна на законот, или пак на улица во најбуквална смисла на зборот. Притоа, ниту за нив ниту пак за државите во кои се наоѓаат е јасна границата помеѓу кршењето на законот со обичен криминал и со подготвеност за соучесништво во акти кои, во свеста на извршителот имаат третман на одмазда.
Се разбира со ова не се исцрпуваат сите причини, особено не причината со социјалниот статус, со оглед на тоа дека е голем бројот на терористички акти кои ги извршиле сосема солидно етаблирани поединци, а припадници на економската емиграција.
БАЛКАНОТ
На Балканот со закана од тероризам соочувањето беше пред, односно за време на војните во Босна. На муслиманска страна се појавија доброволци (дали некој ги “барал”, дали дошле самоиницијативно, дали некои држави од исламскиот свет ги понудиле, а босанските муслимани не можеле, или не сакале да ги одбијат-сеедно!) од исламскиот свет. Одреден број од нив, останаа и по завршувањето на војната и БиХ до денешен ден не е на чисто што би требало да прави со нив. Некои од нив, во меѓувреме, се огрешија и од законот, некои живеат сосема адаптирани во тоа општество, некои беа протерани-испорачани, а за некои нема сознанија со што точно се занимаваат. Ја уживаат дискретната заштита на некои исламски кругови, но проблемот се јавува токму тука. Дали од шпекулативни, дали пак од реални причини тие, секогаш бидуваат покажувани со прст, а како на потенцијална закана за мирот, односно како терористички потенцијал. И не само тоа. Тие се идентификуваат (основано или неосновано) како носители на радикални верзии на Исламот и дека се врската помеѓу центрите на радикалниот ислам и поединци од локалното население кое им се придружува.
Секако дека многу од материјалите достапни по медиумите се преполни со шпекулации, но сосема е јасно дека “доброволците”, како и кругови во близина на исламскиот клер секогаш се извор преку кој се постигнува ефектот на вознемиривање, но и во тоа може да има добра страна, доколку надлежните власти ги држи во состојба на мобилизираност од потенцијалните закани. Слично е и во Србија – Санџак, каде една одметната фракција, а прилично бројна, па дури и доминантна, инсталира посебна Верска Заедница на муслиманите во Санџак, а нивниот предводник се издигна на ниво на политички фактор, со премолчена согласност на српските власти кои, дали заради коалициони, политикантски причини, се или пасивни, или пак кога дејствуваат, тоа го прават прилично несмасно.
Ако на ова се додаде корпусот на отворени прашања на Северно Косово, проблематичниот ангажман на Србија во настаните таму, ќе видиме дека на Балканот (бивши територии на СФРЈ) состојбите може да се интерпретираат како сосема погодни за воспоставување на она што во времето кога почнуваа војните воената пропаганда на Милошевиќ го нарекуваше Зелена Трансферзала. А сето ова е, во воздушна линија, не повеќе од 200 километри од границите на Македонија.
МАКЕДОНИЈА
Во изминатите дваесет години темата на глобалниот тероризам и тоа како е присутна како во круговите на надлежните служби, така и во академските кругови.
Генерално, стануваше збор за јавни искази за постоење на индиции за присуство на поединци, на инфраструктура, на трансферзали, обиди за конституирање на ќелии и сл. Разбирливо, државните органи беа прилично воздржани и штури во исказот, додека академските кругови во нивните јавни анализи секогаш предупредуваа дека Македонија никако не може да биде имуна од заканите од овој вид и дека треба да се однесува одговорно. На ова треба да се додадат некои реални случувања со групи кои (како за време на воената криза во 2001-та, така и подоцна) изведоа помали, или поголеми терористички акции, со евидентирани ефекти, ама и никогаш, до крај, разјаснета мотивација. Низ јавноста проциркулираа некакви опскурни соопштенија пласирани преку интернет, а кои се повикуваа на некакви ослободувачки намери, или пак бараа причини за нивната активност во постапките на македонската држава и тоа беше сè. Би било наивно овие појави да ги сместуваме во групата на активности кои се автохтоно родени, а водени од криминалци кои во актите на тероризам се аматери. Очигледно беше дека, барем една од намерите, одржување на континуитетот на говорот на оружјето како една од алтернативите во односите, како во Македонија, така и пошироко.
Според официјалните извори на Република Македонија, некои од припадниците на овие групи, беа изведени пред законот, а некои не, а за неколку случаи од осудените, до денешен ден остануваат нејасни околностите на нивната инволвираност. Државата, во рамките на нејзините капацитети, но и во соработка со други држави успеваше да ја сочува безбедноста, барем од овој вид на закани, или пак штетите да ги сведе на минимум.
ГЕНЕОЛОГИЈА НА РАДИКАЛИЗМОТ
За време, но и по распаѓањето, на Југославија во новосоздадените држави растењето на влијанието на десничарските партии не беше некој феномен кој треба да не зачудува. Но, политичките групации кои за себе велат дека се десни според нивната ориентација, многу малку се разликуваат од тнр. левичарски, особено во отежнатото разбирање на околностите кои произлегуваат од мултинационална и мултиконфесионална структура на општетството. Ако на ова се додаде и силната религиска компонента (кокетирање со клерот, инсистирање на религиска компонента на нацијата/земјата, прикриен или јавен анти-секуларизам итн.) во нивното вкупно дејствување, сосема е јасно дека во таков амбиент ќе се родат, инсталираат, развиваат, поттикнуваат разни облици на радикализам, вклучително и насилен. Дали притоа религискиот предзнак ќе биде поистакнат, или во крајна линија дури и ќе го нема, е сосема небитно. Битното е што почвата за виреење на радикали од сите бои е доволно “наѓубрена”. Во ситуација пак кога, дури и само една политичка групација инсистрира на религиските аспекти на општеството, е сосема доволно за манифестација на разни облици на радикализам како акција, но и реакција на поединци, односно групи.
Цената на наметнатиот атеизам (станува збор за земјите на тнр.социјалистички блок) освен со примитивното десничарење е платена со рудиментарен распоред на политичките ориентации, од една страна, а од друга со експанзија на милитантни социјални акции, вклучително и на оние кои се повикуваат на религиски премиси, или уште подрастично, религиско-национални. Таков пример имавме во соседството (Милошевиќ). Воената машинерија која ги водеше војните на териториите на СФРЈ тоа многу добро го разбра. Војните коие се водеа во Хрватска, Босна, Косово се водеа не само против Хрвати, Бошњаци или Албанци. Тие се водеа и против католици и муслимани. Се разбира и “другата страна” возврати со исти премиси против, не само Срби, туку и против православни! Милошевиќ, кој цел живот бил атеист, зајава врз религиско-националистичка реторика и последиците сè уште се чувствуваат, односно тешко се санираат. Ние, до денешен ден, се соочуваме, како во секојдневната комуникација, така и во медиумите со немушти, шпекулативни интерпретации на “православен фундаментализам”, “исламски фундаментализам” и слични “изми”.
Но, кога се во прашање корумпираните балкански политички елити, “духот од шишето” одамна е пуштен, па популистичко-тоталитарниот приод во владеењето, сосема добро ја знае формулата национализам+религија, како идеална платформа за висок рејтинг, соодветно и одржување на власт.
МАКЕДОНСКИОТ АМБИЕНТ
Во случајот на Македонија, сметавме дека треба да бидеме експлицитни, национално-религискиот момент, послужи за градење на позиции кои Македонија ќе ја држат подалеку од НАТО и ЕУ, а притоа, ќе нагласиме и подолу, заради расклатувањето на институциите (партизација, непотизам, корупција, некомпетентност) тие нема да можат да бидат доволно способни да го препознаат радикализмот и против него да изградат соодветни механизми за одбрана.
Тоа е амбиентот во кој реалнните закани од автономни, или пак диригирани терористички елементи би можеле да дејствуваат и на наша територија. Особено ако се имаат во предвид вжештените состојби во северно Косово. Таму, во околности на сосема нејасни дејствија на некои кругови од српската држава, како и тоталната компромитираност на еден дел од косовските политички елити, конфронтациите веќе се доведени до состојби во кои реални воени ефективи се на терен. Имајќи ги пак во предвид проценките на нашите капацитети, не е нереално да се градат претпоставки дека во игра би можеле да бидат и воведени сценарија во кои Македонија би добила “свое место”!
На амбиентот во кој треба да се биде максимално претпазлив, треба да се додаде фактот дека внатрешните односи во општеството никогаш не го достигнаа оптималното ниво на хармоничност, нужност за мултинационалните и мултиконфесионалните општества. Договорот од Охрид обезбеди само појдовна точка, но неговата примена во десетте години доживеа како нагорнини, така и удолнини. Вклучително и последниот период од три-четири години кога примената се формализира до гротескни димензии (правична застапеност!) кое се одразува и ќе се одрази на потполно расипување на институционалните капацитети, вклучително и службите одговорни за безбедноста.
Исто така, нивото на разговор, дијалог, во општеството е доведено до најниски можни гранки и во тој дијалог, ако за дијалог може да станува збор, усвитената реторика, говорот на омраза доминираат. Од тоа ниво, до нивото на насилие не е далеку. Како социјална појава (зголемена агресивност, драматичен пораст на ситен и среден криминал, појава на организирани групи на насилници-навивачи, зголемен број на нерешени случаи на ситен криминал итн.) е регистрирано од страна на објективните набљудувачи и предупредувањата се упатени како до надлежните така и до јавноста.
Исто така, не треба да се испушти од вид дека во Македонија се живее тешко и дека преку 30% од населението е “од онаа страна на сиромаштијата”, што е алармантно, особено во контекст на потенцијал кој би можел на еден, или на друг начин да биде употребен во активности на ќелии кои (нема достапни податоци) или се на поминување, или пак се веќе тука.
Македонската држава, односно нејзините власти, барем според она што го демонстрираат како начин на владеење, одговорност, односно неодговорност, злоупотреба на репресивниот апарат и многу други несоодветни постапки, никако не влеваат доверба дека ќе бидат способни да се носат со вакви предизвици. Тоа е една надолна линија која, за среќа, досега не е ставена на испит.
Сметаме дека предупредувањата треба да се повторат, особено кон властите иако голите предупредувања нема да имаат никаква вредност, ако нештата се случат. Во случајот со тероризам, терористички акти, не треба да се доведеме во ситуации да пост-фестум ги бараме одговорните, а штетите(жртвите) веќе да бидат зад нас. Затоа препорачуваме:
- Зајакнување на соработката со НАТО и ЕУ особено во сегментот на безбедноста и воспоставување на односи на доверба во кое ќе се подразбира дека Македонија ќе ги реафирмира нејзините намери за искрено членство;
- Ажурирање на политиката на вработување, обука и ангажирање на припадниците на сите служби надлежни за безбедноста, со акцент на сегментот на тероризам согледан од најширок можен агол;
- Проверка на досегашните дејствија на службите и органите, како во целост, така и поединечно, во насока на јасна контрола на теренот;
- Воспоставување на уште повисоки стандарди на контрола (внатрешна и надворешна) на работењето на службите надлежни за вкупната безбедност;
- Обезбедување на непречено, но и транспарентно финансирање на опремувањето и активностите на службите надлежни за безбедноста;
- Заради подигање на јавната свест за сите облици на насилие, потребно е одбегнување на кампањски пристап кој досега беше сведен само на ТВ огласување кое не дава никакви ефекти;
- Преобмислување наа сите облици на политиките во социјалната сфера со оглед на огромните бројки на невработени и социјални случаи;
- Ригидна контрола на организираните групи на спортски навивачи, комбинирана со мерки на државата кон организаторите на спортски натпревари, но и други видови на масовни собирања;
- Натамошно реформирање на образовниот систем и системски мерки и политики на Владата и општеството за спречување и решавање на сè поприсутното насилие на младите во училиштата;
- Вклученост на академските кругови во разбирањето и анализата на темите врз крајно професионални и високи научни стандарди;
- Активна улога на невладиниот сектор во превенцијата и унапредувањето на општествената свест за овие појави.
