ВМРО 2006-2009 : ШЧО ТРЕБАШЕ ДА НАПРАЈМE
При доаѓањето на власт во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ наследи ТРИ ПРИОРИТЕТИ од политичката реалност во Македонија:
- Имплементација на ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР – Примена на Уставот произлезен од Охридскиот договор
- Членство во НАТО
- Членство во ЕУ
Пред да го состават својот изборен ПР пред изборите, рејтинг агенциите утврдија дека 78% проценти од македонскиот народ не е задоволен од економските прилики, додека теми како Рамковниот, ЕУ и НАТО ги смета веќе за нормални и секундарни, теми од областа на високата политика. Овие прашања се сметаа повеќе и за работа на самото раководство кое веќе и имаше изградено консензус за овие теми со сите политички партии во земјата.
Пред да го состават својот изборен ПР пред изборите, рејтинг агенциите утврдија дека 78% проценти од македонскиот народ не е задоволен од економските прилики, додека теми како Рамковниот, ЕУ и НАТО ги смета веќе за нормални и секундарни, теми од областа на високата политика. Овие прашања се сметаа повеќе и за работа на самото раководство кое веќе и имаше изградено консензус за овие теми со сите политички партии во земјата.
Аверзиите кон НАТО, ЕУ и Охридскиот градени во Партијата (ВМРО-ДПМНЕ) од конфликтот во 2001 доведоа до тоа Економијата да се стави на прв план не само заради добар рејтинг, туку и со цел да се изместат рационалните Приоритети на државата.
Така произлегоа тие фамозни 100 чекори, новата Економска Библија на Партијата, со која ВМРО-ДПМНЕ успеа да изгради огромно висок рејтинг, пред сè за својот лидер.
ДПМНЕ-овските идеолози, оние на врвот, добро го обработија проблемот на Црвенковски (слабата економија или како милуваат да речат НЕПРАВЕЊЕТО НИШТО) па го заменија со новиот слоган: ПРАВИМЕ, во констелација со ВЕТИВМЕ и ПОСТИГНУВАМЕ. Одличен ПР кој неспособната опозиција на последните избори не успеа да го анулира со реториката за членство во НАТО и ЕУ.
Да не заборавиме дека Црвенковски, Трајковски, Костов и Бучковски повеќе се занимаваа со санирање на ситуациите во постконфликтна Македонија каде после внатрешен конфликт тешко е да се очекува добра економија и некакви големи странски инвестиции. Постконфликтниот период, каде и да е, поминува во внатрешно санирање на ситуацијата и со сизифовска промена на сликата на конфликт во земјата на меѓународен план.
Дури на средината на мандатот на Бучковски може да се рече дека почнавме да се качуваме по некаква нагорна линија, повеќе во однос на НАТО и ЕУ, а помалку економски.
ДПМНЕ – ПАРТИЈА – ИДЕОЛОГИЈА
Партиите во Источна Европа се одамна поделени во два табора – едниот го сочинуваат политички работници, а другиот членови коишто се задолжени за и по економија. Идеологијата која ја користат е најнормална модерна капиталистичка и Европска. Замената на марксизмот, бегањето од социјализмот и аверзијата кон него лесно ја заменија со практикување на дијаметрално спротивната идеологија на Маркс, онаа на Милтон Фридман.
Проблемот стана уште посериозен кога Русија, во економската пракса, отворено застана зад идеологијата на Милтон Фридман, додека во социјалниот живот промовираше политика на еден лидер, цврста рака, бескраен тоталитаризам и идеологија на популизам која вешто ја извезе кон помалите земји со слични социо/економски проблеми.
Идеолозите на ВМРО од прв до последен се следбеници на оваа Санкт петерсбуршка школа, која промовира модерна квази-десничарска идеологија преку градење на посебни аверзии кон НАТО, ЕУ и САД пред сè заради економските интереси на лидерите и партијата, автократијата, приватизацијата и желбата да се наметне сопствена контрола врз економијата и целокупниот општествен живот.
СЕКУЛАРНОСТ, НАЦИОНАЛИЗАМ И ТРОА БИЗНИС
Релациите на Кремљ со Руската православна црква и православниот нео-фундаментализам, како со copy/paste се пренесе и во Македонија. Реториката дополнително се разжешти по изземањето на религијата од основните училишта, со јасно маркирање на неверниците, антихристите и еретиците, соработниците на СВЕТСКИОТ ЗАГОВОР итн. При тоа, со лоша проценка на економско-политичките капацитети на Македонија, побрзаа да изградат партиски монопол врз толкувањето на мултиетичноста, но и на политичката кохабитација.
Заборавајќи на мултиетничноста и мултиконфесионалноста во своето општество, националистичките партии обично секогаш ја доведуваат во опасност унитарноста на државата. Ова пред сè се однесува на новите партии произлезени од комунистичките партии на европскиот Исток, вклучувајќи ја тука и ВМРО-ДПМНЕ без никаков исклучок или некаква оригиналност.
Потсетувајќи го народот дека приватизацијата, суровиот капитализам од деведесеттите и пропаѓањето на средната класа се работи кои се одамна завршени, квази-десничарската ВМРО-ДПМНЕ и онаквиот економист како Груевски (кој, за волја на вистината, може да се класифицира како добар економист, што е сосема недоволно за задачите со кои се нагрбил) побрзаа да градат нова средна класа. Класа по теркот на идеолозите на ВМРО-ДПМНЕ која би требало да има конзервативни вредности, три деца и да биде столб на Новото македонско општество пред сè базирано на демохристијански карактер.
Но, завршената приватизација, која носеше какви такви средства (и профити) при владеењето на ВМРО-ДПМНЕ помеѓу 1998 и 2002 г., побрза да ја замени со друг ресурс на средства: Invest in Macedonia. Средствата кои до денес се исцедени од буџетот за овој проект се далеку повеќе отколку вредноста на донесените странски инвеститори. Во овој момент овие менаџери се пред дилемата дали Invest in Macedonia е добра бизнис понуда до некакви странски партнери или пак за Invest in Macedonia треба сепак некаква политичка одлука … од некаде, како на примерот со Албанија.
НЕМА НАФТА ДАВИДЕ!
ВАКВИТЕ ИДЕИ НА ВМРО-ДПМНЕ, НЕКАКО СТОКМЕНИ ИЛИ УВЕЗЕНИ ВО ЕКОНОМИЈАТА И ИДЕОЛОГИЈАТА, ИМАА НЕКОЛКУ НЕДОСТАТОЦИ:
Главната: Македонија не е ексклузивно христијанска земја, туку е и мултиконфесионална и мултиетничка, каде „останатите“ претставуваат повеќе од третина од земјата. Не разбраа дека Запад национализмот го толкува како баналност и кич, а доказите за нивниот, токму таков, кич-пристап, идеолозите и практичарите на ВМРО-ДПМНЕ секојдневно ги продуцираат. Со настапот во кој емоциите се пред фактите, како далечно, а за европејците сепак познато ехо, на површина ја извлекоа прочуената реченица на Хитлер дека националсоцијализмот не се потпира на ниту еден факт, туку само на емоции.
ДРУГИТЕ ТРИ КОИ НЕ САМО ШТО ГРУЕВСКИ НЕ УСПЕА ДА ГИ САНИРА, ТУКУ СО НИВ И ГО ПОТВРДИ СКЕПТИЦИЗМОТ КАЈ МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА КОН НЕГО И ПАРТИЈАТА, СЕ:
- 1. Обвинувајќи ги социјалдемократите дека ја приватизирале Македонија, заборавија дека производите од таа приватизација подоцна стануваат најтврди капиталисти во секое пост-комунистичко општество. Анти-НАТО и Анти-ЕУ се опции само во случај приватизацијата да не е завршена, каков што е примерот во Србија или Русија, сеедно. Агендите за анти-НАТО или анти-ЕУ во Македонија звучат како сè уште да постои простор што да се приватизира (украде);
- 2. Заборави на себеси и фактот дека испродаде многу компании во времето кога беше во владата на Георгиевски, па курикулумот на лидерот секогаш создаваше резерва за неговите намери во врска со македонската економија;
- 3. Увозот на оружје од Украина, воениот данок, демонстрациите кој што ги организираше во врска со новата територијална организација (обврска од раковниот договор), беа доволни ЕУ и НАТО, уште на почетокот да го стават лидерот на ВМРО-ДПМНЕ под засилен мониторинг. Што се однесува пак до неговите релации со САД, Буш и Рајс никогаш не му заборавија дека во 2001 година лично ургираа до Украина да ги запре доставите на оружје на Македонија. Го зедоа ова за приоритет/репер во односот со него и се однесуваа онака како требаше да се однесуваат, без разлика што измислија мудрите глави на Јолевски и сличните како да го искомпензираат ова во односите со САД.
Одбивањето да се направи коалиција со ДУИ и речиси едногодишното договарање со нив, незадоволството кон Рамковниот договор, преименувањето на скопскиот аеродром, отворањето на теми од историјата во невреме, прекинувањето на релациите со ММФ и Светската Банка до земање на скапи кредити за исплата на вработените по договор во државната администрација само потврдија дека работата не е толку едноставна, ниту пак многу добронамерна.
Последната во низа кавги, онаа со ЕВН, исто така произведува нетрпеливост кон и со Брисел, но и поттик да се направи поголема анализа на Намерата или што точно се крие во цела оваа заврзалама.
ИДЕЛОГИЈА И БИЗНИС
Јас сум скептик дека Груевски е некаков неоткриен талент плус генијалец. Тој е само еден обвичен економист, за разлика од Бранко Црвенковски кој што е политичар, а и на двајцата им е катастрофално лоша другата страна во партијата, на првиот политичката, а на вториот економската. Мислам дека Груевски сакаше да биде само Економски Месија на македонското стопанство, но идеолозите, политичките аналитичари, советниците, геополитичарите ги згреши толку многу како што стори Бранко со себе (промовирајќи се во Прв Економски Комесар) и со другите економски комесари во неговата партија.
Не би сакал да бидам злобен кон Груевски, но заради неговите идеолози и квази-геополитичари ние сме на добар пат нивното лошо поимање за надворешниот свет и ситуациите во Македонија да не чинат барем 10 милијарди евра, во ситуација кога буџетот на земјата е празен, а странските инвестиции непостоечки. Лесно може да останеме со неколку спортски сали, нула развој и нула странски инвестиции, без девизни резерви, презадолжени и што е најстрашно, со уништена демократија.
Прескапо ќе не чини ова опкружување на Груевски, на кое Тој, очигледно слепо му верува. Прескапо!
СЕГА ГРУЕВСКИ ПОВТОРНО Е НА ПОЧЕТОКОТ. ТРИТЕ НАЈВАЖНИ АГЕНДИ ЗА МАКЕДОНИЈА МУ СТОЈАТ КАКО ГРАМАДНИ СТЕНИ ПРЕД НЕГО, А НА ГРБОТ МУ СЕ ТОВАРИ ЧЕТВРТАТА, МОЖЕБИ УШТЕ ПОТЕШКА И ПОПРИОРИТЕТНА:
- а. Македонија е пред банкрот, презадолжена со скапи кредити, а Тој треба да го сочува рејтингот, да преживее до следните избори, а на сето одозгора (заради апетитите на неговото опкружување, не е исклучено и негови) да „изработи“ некоја набавка или поголем тендер.
- б. Да се занимава со Референдумот за Името, кој сам си го наметна, а притоа да ги следи (симулира!) агендите/плановите за членство во НАТО и ЕУ. Опасност по ова прашање претставуваат и последните шпекулации за понуда на одредени финансиски средства од Грција доколку го смениме името, што додатно ќе ни ја оптовари веќе еродираната политичка ситуација во Македонија.
- в. Да не се забавува или шпекулира со потписниците на Рамковниот од албанскиот кампус заради тоа што доколку убаво ги пакува или препакува албанските партии не треба да заборави дека нему најблиските не се потписници на Рамковниот, така да не може да компензира ниту една партија потписник на Рамковниот.
Како и да е, во овие 3-4 години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија се потрошија таква силна енергија и буџетски средства што Идеолозите на ВМРО-ДПМНЕ станаа примарни, а Груевски секундарен лидер на земјата. Не би сакал да го употребам зборот марионета и заложник на глупавите идеи од опкружувањето, но сè повеќе и повеќе заликува на тоа.
Веројатно неговите идеолози не му кажале дека капиталистичките земји во Латинска Америка дури 10 пати банкротираа кога националните емоции (од десничарските партии) имаа предимство во владеењето, па на крајот најголемиот проблем им беше уништената економија и катастрофалните односи со меѓународната заедница.
Колку и да му беше примарна Економската обнова, Груевски сепак влезе во замка од која се надевам нема да проба да излезе со екстремно недемократски средства. Тоа само би одело во прилог на неговите политичко-идеолошки комесари, кои, доколку тој падне, на сите страни би се правдале со познатата безобразна реченица од времето на Хитлер, Сталин или Милошевиќ: „Не знаевме и не бевме информирани“. Тие кои ја измислија оваа Македонска политичка Голгота сега се на добар пат сите промашувања да му ги натоварат на Груевски и да се спасат самите себеси.
Останува не само да гледаме сеир, туку и да помагаме, бидејќи трите главни приоритети на Македонија не се само приоритети на ВМРО-ДПМНЕ или Груевски. Конечно, мораме да го предупредиме да си го разбере лимитот, ама и тајфата.
Даме Чкатроски