Апсорпциона моќ и капацитет на Единиците на локална самоуправа од Североисточниот плански регион за искористување на средства намененти за рамномерен регионален развој
Кратка информација за авторот
Борјанчо Мицевски, роден 14.08.1971 година во Крива Паланка.
Основно и средно образованиезавршува во родниот град, а во 1996 година дипломира на ПМФ – отсек хемија на УКИМ во Скопје. Активен е во цивилниот сектор уште од 1999 година. Во досегашниот период бил ангажиран на неколку работни позиции и тоа:
2001-2002 Администратор на официјалната веб страна на Општина Крива Паланка
2002-2003 Координатор на „Вавилон центар“ во Крива Паланка (проект на Агенција за млади и спорт)
2003-2006 Локален координатор на Центарот за поддршка на НВО Кратово(проект на ЕАР- ФООМ)
2006-2009 Локален координатор на проект „Живеење во мултиетничка средина- граѓани со еднакви права, можности и заштита(проект на ЕК- ФООМ
2007-2017 Активен е во Здружението Регионален центар за одржлив развој Кратово, каде во периодот од 2006-2014 во два мандата бил и претседател на здружението. Во овој период менаџирал и раководел со околу 30 проекти на локално, регионално, национално и интернационално ниво. Има учествувано во подготовка и издавање на поголем број на промотивни материјали и публикации, меѓу кои и:„Транспарентни општини – задоволни граѓани“, „Прирачник за енергетска ефикасност“, „Кратово – Музеј под отворено небо“, подготовката на ЛЕАП за Општина Крива Паланка, ЛЕАП за Општина Кратово, како и поголем број други истражувања и анализи.
Кратко резиме
Законот за Рамномерен регионален развој во Република Македонија е донесен во 2007 година, со што започна процес на идентификување, поттикнување, управување и искористување на развојните потенцијали на планските региони и подрачјата со специфични развојни потреби. Истиот треба да обезбеди баланс и намалување на диспаритетите меѓу планските региони, но и намалување на разликите помеѓу општините во самите региони, а со тоа да се подигне квалитетот на животот на сите граѓани. Притоа, основен акцент е ставен на ревитализација на селата.
За жал, и по 10 години од почетокот на спроведувањето на овој закон, постои огромна разлика помеѓу планските региони, но и помеѓу општините во еден ист плански регион.
Североисточниот плански регион (СИПР), според Стратегијата за рамномерен регионален развој е најнеразвиен во Република Македонија. Дел од општините кои егзистираат во овој регион, напоредно со процесот на децентрализација, наместо зајакнување, секојдневно се соочуваат со сèпоголем број на проблеми од финансиски, урбанистички и инвестиционен карактер, што пак продуцира огромен процент на невработеност и мигрирање на населението во други плански региони, но и надвор од државата.
Во рамки на ова истражување приоритет е токму овој регион, и тоа од неколку аспекти:
- Колку средства има доделено Бирото за регионален развој (БРР) во последните 3 години по плански региони;
- Колку средства се доделени од страна на БРР на подрачјата на специфични развојни потреби во СИПР и развој на селата од овој регион;
- Кој е соодносот на распределба на средства помеѓу Единиците на локална самоуправа (ЕЛС) во рамки на СИПР;
- Колку дополнителни средства имаат обезбедено ЕЛС од Европските и други меѓународни фондови;
- Дали ЕЛС имаат имплементирано проекти преку Јавно приватно партнерство (ЈПП) и
- Колку реално е вклучен НВО секторот во креирањето и имплементирањето на политики за локален и регионален развој.
Со анализата сакаме да добиеме информаци за капацитетите на ЕЛС во рамки на СИПР за искористување на средствата наменети за рамномерен регионален развој, и колкава е апсорпционата моќ на општините и капацитетот за искористување на ваков вид на средства. Со тоа ќе се направи анализа која ќе даде квантитативни и квалитативни показатели кои може да се искористат за преземање мерки и активности за надминување на воочените слабости и недостатоци и општо подобрување на состојбите.
Вовед
Североисточниот плански регион го опфаќа крајниот североисточен дел на Република Македонија, се простира по течението на реките Пчиња и Крива Река, и вклучува 6 општини: Липково, Куманово, Старо Нагоричане, Кратово, Ранковце и Крива Паланка. Североисточниот плански регион се протега долж границите со Република Косово, Република Србија и Република Бугарија. Неговата вкупна површина изнесува 2.310 километри квадратни, односно 8,98% од вкупната територија на Република Македонија. Според податоците од последниот попис извршен во Р. Македонија, во Североисточниот плански регион на Р. Македонија живеат 172.787 жители, во вкупно 192 населени места, а 189 од нив се рурални населени места. Во регионот има вкупно 46.295 домаќинства и 59.488 живеалишта.[1]
Густината на населеност е 76,2 жители/km2 и е приближно до просекот на земјата (83 жители/km2). Учеството на Североисточниот плански регион во Бруто домашниот производ на Република Македонија е на ниво од 5.5%.[2]
Согласно Oдлуката за класификација на планските региони во Р. Македонија и развојните индекси за периодот 2013-2017 година[3], Североисточниот плански регион на Р. Македонија го зазема последното,осмото место,по развиеност.
| Плански регион | Развоен индекс во однос на просекот на Р. Македонија | Коефициент во однос на регионот со најголем просек | Учество во државната помош за регионален развој (во проценти %) |
| Скопски плански регион | 151,0 | 1,000 | 7,2 |
| Југоисточен плански регион | 97,1 | 1,555 | 11,1 |
| Источен плански регион | 96,1 | 1,571 | 11,3 |
| Пелагониски плански регион | 91,2 | 1,656 | 11,9 |
| Полошки плански регион | 82,4 | 1,833 | 13,2 |
| Југозападен плански регион | 81,4 | 1,855 | 13,3 |
| Вардарски плански регион | 73,5 | 2,054 | 14,7 |
| Североисточен плански регион | 62,7 | 2,408 | 17,3 |
Во рамки на истражувањето се прибираа податоци за периодот од 2014 – 2016 година. Со него сакавме да добиеме квалитативни и квантитативни податоци од неколку аспекти. Основното прашање е дали државата издвојува 1% од БДП како што е нејзината законска обврска за регионален развој, а потоа и да се утврди како и на кој начин овие средства се распределуваат по плански региони. Од друга страна, ќе се направи анализа за тоа како планскиот регион врши распределба на овие средства и кој е квалитетот на добиените проекти кои се разгледуваат. Исто така, ќе се согледа која е моќта, капацитетот и посветеноста на општините да работат на подготовка на проекти од оваа област. И сосема на крај, со прашањата до општините сакаме да утврдиме колкав е нивниот капацитет и знаење за искористување на овие средства, колкав е квантумот на апликации кои се поднесуваат, не само по оваа програма, туку и по однос на програмите за средства од ЕУ и други меѓународни извори, користењето на можноста за имплементирање на проекти преку ЈПП и вклученоста на НВО во креирањето и имплементирањето на политиките за рамномерен развој.
Истражувањето е спроведено на неколку нивоа во соработка соБирото за рамномерен развој, канцеларијата на СИПР со седиште во Куманово, шестте ЕЛС (Куманово, Липково, Крива Паланка, Кратово, Старо Нагоричане и Ранковце), како и 20-тина НВО кои егзистираат во овој регион и имаат различни конституенти и искуство на делување. Со тоа ќе може да се согледаат различните нивоа, но и мислењата на различните страни кои се инволвирани непосредно во процесот на креирање и имплементирање на политиките за рамномерен развој. Притоа се добија независни податоци, и се направи споредбена анализа на ниво на регион по општини. Од друга страна, вака добиените податоци ќе можат да се компарираат со податоци од други плански региони и со други истражувања кои се однесуваат на регионалниот развој.
Се користеа неколку методи за прибирање на информации, и тоа: непосредно, преку лично интервјуирање и разговор, со достава на барање за пристап до информации од јавен карактер, преку официјални извештаи и пишани документи, од објавени информации на официјални веб страни на институциите, и преку информациите објавени во печатените и електронските медиуми.
Основни прашања на кои се посвети внимание се: Колку средства се издвојуваат од БРР за СИПР, како истите се распределуваат по општини во регионот, дали има апсорпциона моќ и капацитет за искористување на овие средства од општините, дали ЕЛС имаат други приливи на средства од европски и други меѓународни фондови за оваа намена, дали се искористува можноста за спроведување на проекти со Јавно приватно партнерство (ЈПП) и дали и колку се искористува капацитетот и експертизата на НВО за креирање и спроведување политиките за локален и регионален развој.
Анализа на темата
Според информациите кои ги има објавено Владата на РМ, средствата за развој на планските региони од година во година се зголемуваат.[4] Тие за последните три години изнесуваат:
| година | 2014
|
2015 | 2016 |
| Доделени средства за сите 8 плански региони по години |
700.000 € |
1.500.000 € |
3.000.000 € |
За 2016 запазен е законскиот критериум со кој на најразвиениот,Скопскиот регион, припаднаа 7,2% а на Североисточниот околу 17,3% од средствата за 2016 година.[5]
За 2017 година исто така се предвидени 3.000.000 €, од кои за СИПР се предвидени 21,5 а за Скопскиот 8,8 милиони денари.[6]
Доделени средства по плански региони[7] во последните три години:
| Регион | 2014 | 2015 | 2016 | Вкупно/мкд |
| Скопски | 3.030.878 | 6.549.475 | 12.910.719 | 22.491.072 |
| Југоисточен | 4.672.604 | 10.231.689 | 19.904.025 | 34.808.318 |
| Источен | 4.756.795 | 10.435.584 | 20.262.656 | 35.455.035 |
| Пелагониски | 5.009.368 | 11.029.686 | 21.338.549 | 37.377.603 |
| Полошки | 5.556.610 | 12.188.240 | 23.669.651 | 41.414.501 |
| Југозападен | 5.598.706 | 12.069.318 | 23.848.967 | 41.516.991 |
| Вардарски | 6.188.043 | 13.524.211 | 26.359.384 | 46.071.638 |
| Североисточен | 7.282.527 | 15.248.050 | 31.021.588 | 53.552.165 |
Доделени средства по општини од страна на БРР[8] врз основа на доставени проекти до СИПР:
| Општина | 2014 | 2015 | 2016 | Вкупно/мкд |
| Куманово | 2.736.196 | 3.189.803 | 13.294.971 | 19.220.970 |
| Липково | 547.964 | 2.358.291 | 5.066.541 | 7.972.796 |
| Кратово | 1.183.540 | 3.420.702 | 2.304.283 | 6.908.525 |
| Крива Паланка | 1.262.646 | 1.871.233 | 3.152.503 | 6.286.382 |
| Старо Нагоричане | 650.549 | 1.789.805 | 1.768.820 | 4.209.174 |
| Ранковце | 0 | 2.247.674 | 1.631.320 | 3.878.994 |
Врз основа на претходниот преглед, и од разговорот кој беше направен со Ѓорѓи Петрушевски, вработено лице во СИПР на 12.06.2017 година, добиена е информација дека средствата се распределуваат по општини врз основа на претходен договор на седници на Советот, на кои градоначалниците непосредно се договараат кои проекти и во кој износ ќе бидат финасирани на ниво на регион. Притоа, проектите се пред сè инфраструктурни, за поврзување помеѓу две соседни општини, или активности од кои корист ќе имаат поголеми целни групи на население. Од разговорот е констатирано дека нема некои пишани правила за сразмерна распределба според број на население, површина или пак за подрачја кои што се третираат како специфични подрачја.
Со одлука на Владата на РМ (Сл.Весник 33/2014 година), во СИПР е донесена Одлука за определување на подрачја со специфични развојни потреби за периодот 2014-2018 година.[9]
За оваа намена се доделени следните средства:
| година/мкд | 2014 | 2015 | 2016 | 2017 |
| Доделени средства за специфични подрачја и развој на селата |
12.027.295
|
26.385.800 |
51.233.010 |
53.307.216[10] |
За специфични развојни потреби по години во СИПР добиени средства имаат општините:
| Општина | 2014 | 2015 | 2016 | Вкупно/мкд |
| Куманово | / | / | / | / |
| Липково | 1.400.000 | 2.300.000 | 3.000.000 | 6.700.000 |
| Кратово | 355.000 | / | 1.000.000 | 1.355.000 |
| Крива Паланка | 165.800 | / | / | 165.800 |
| Старо Нагоричане | / | / | / | / |
| Ранковце | / | / | / | / |
Доделени средства за развој на селата по години[11] во денари:
| Година | 2014 | 2015 | 2016 |
| Доделени средства за развој на селата во сите 8 плански региони |
6.013.648 |
10.192.900 |
25.118.635 |
Како забелешка може да се воочи тоа што, иако има законска одредба во која се вели дека сите плански региони добиваат еднаква сума за развој на селата, која во 2014 година по плански регион е 751.706 денари, а во 2015 година е 1.274.113 денари, во 2016 година тоа не е случај. Така, во 2016 година, Скопскиот, Полошкиот, Вардарскиот и Североисточниот плански регион имаат добиено по 3.202.063 денари, а Југоисточниот има добиено 3.013.444, Источниот 3.052.354, Пелагонискиот 3.067.501 и Југозападниот плански регион 3.177.084 денари.
Од овие средства,за развој на селата во Североисточен плански регион, по општини, се добиени следниве износи:
| Општина | 2014 | 2015 | 2016 | Вкупно/мкд |
| Куманово | / | / | / | / |
| Липково | 439.956 | 926.278 | 1.937.063 | 3.303.297 |
| Кратово | / | / | 845.600 | 845.600 |
| Крива Паланка | 91.750 | 347.835 | 419.440 | 859.025 |
| Старо Нагоричане | / | / | / | / |
| Ранковце | 220.000 | / | / | 220.000 |
Евидентно, некои општини немаат капацитет и посветеност за искористување на средствата кои се доделуваат за развој на селата. Општина Липково предничи на овој план во искористување на средствата за специфични развојни потреби и развој на селата, додека Општина Куманово и Општина Старо Нагоричане за оваа намена немаат добиено воопшто средства. Во оваа категорија спаѓа и Општина Ранковце која има добиено само 220.000 денари во2014 година. Како заклучок може да биде и тоа што овие средства се многу мали и можат да бидат користени само за активности од помал обем или подготовка на делумна техничка документација. За активности од инвестицонен обем се потребни поголеми суми, со што би се почувствувале видливи и реални резултати.
Добиени средства од проекти од меѓународни донатори по општини:
| Општина | 2014 | 2015 | 2016 | Вкупно |
| Куманово | / | 23.865.611 | 2.890.500 | 26.756.111 |
| Липково[12] | 8.194.007 | 1.671.209 | 6.692.020 | 16.557.236 |
| Старо Нагоричане | 28.680.525 | 1.107.000 | 31.260.511 | 61.048.036 |
| Ранковце | / | / | 11.533.500 | 11.533.500 |
| Кратово | 4.396.000 | 18.373.924 | / | 22.770.424 |
| Крива Паланка[13] | 5.961.133 | 5.197.242 | 3.430.655 | 14.589.030 |
Општините во СИПР, во периодот на разгледување немале проекти преку јавно привантно партнерство(ЈПП). Пред периодот на разгледување, Општина Крива Паланка, во 2010 и 2011 година, има имплементирано две активности преку ЈПП и тоа за изградба на деловно административен објект и изградба на 5 мали хидро електрани на цевководите за водоснабдување од Калин Камен и Станечка Река.
Партиципативост на НВО во креирање и имплементирање на политики за рамномерен развој
За да се добијат показатели за вклученоста на НВО во имплементацијата и креирањето на локални политики за регионален развој, беа интервјуирани вкупно 26 организации и тоа: 6 организации од Куманово, по 5 организации од Липково, Крива Паланка и Кратово, 3 организации од Старо Нагоричане и 2 организации од Ранковце.Организациите кои беа опфатени во истражувањето одговараа на унифициран анкетен прашалник.
Притоа, организациите од Куманово[14] се жалат на тоа дека општината не практикува средби и состаноци со нив на кои ќе ги вклучи во своите активности, или ќе ги информира за распределбата на средства од буџетот на општината. Општината на некои организации им обезбедува бесплатен канцелариски простор, а други можат да ги користат услугите од општинската сала и опремата која се наоѓа во неа. Општината има Одделение за социјална заштита, со кое соработката треба да се интензивира во следниот период. Таа е основач на ЛАГ „Абер 2015“. Организациите генерално не се информирани за начинот на носењето на развојните програми, не учествуваат во креирањето на буџетот, ниту пак имаат информација за тоа кога и како се распределеуваат средствата за НВО, или пак за извешатаите по однос на тоа како се трошат буџетските средства. Некои од организациите иако постојат и повеќе од 20 години до сега не добиле никакви средства од локалната самоуправа. Инаку, тие сметаат дека имаат капацитет и експертиза за она што го работат и многу поточна евиденција за она што го работат (млади, лица со пречки во развојот, родови прашања, немнозински етнички заедници, земјоделие, локален економски развој). Некои од нив се членки на мрежи и коалиции и имаат огромно членство и потенцијал. Некои од нив велат дека општината има свој мал круг на организации со кои соработува и само нив им доделува финансиски средства. Предност би било ако се формира коалиција од невладини организации кои можат да понудат поширок опфат на активности и соработка со организации на национално и интернационално ниво. Општините сè уште декларативно ги третираат како партнер, и ги канат на средби само кога тоа треба да биде прикажано во јавноста, но не и како реален партнер во имплементација на активностите.
Организациите од Липково[15] велат дека немаат заеднички средби со претставници од општината. Средбите се сведуваат на формалност и тоа речиси секогаш е пред избори. Од неодамна во с.Матејче има отворено канцеларија која е како заеднички центар за НВО. Според дел од анкетиранте организации, општината, за да се справи со своите неистомисленици, паралелно на постоечките здруженија, формира свои здруженија, преку кои се обидува да направи баланс и да ја промени генералната слика. Нема јавни повици за распределба на буџетски средства и не се информирани како се трошат истите. Во општината не се организираат буџетски форуми. Здруженијата сметаат дека без лобирање тешко може да се дојде до финансиски средства,па затоа на некој начин се демотивирани да аплицираат на повиците кои се објавуваат од Владата или од некој друг донатор. Определени организации имаат членство од над 150 лица, поседуваат експертиза во хуманитарни активности, одговор при катастрофи, земјоделие и аграрна политика, човекови права, родова проблематика, и сл. До сега имаат остварено соработка со организации од Шведска, Холандија, Швајцарија, Србија,Словенија, Германија, Косово, како и со поголем број на дипломатски претставништва во земјава. Перспективата ја гледаат во инвестирање и искористување на локалните ресурси и потенцијали.
Здруженијата со кои беше контактирано во Крива Паланка[16] сметаат дека општината ги кани на средби само кога има интерес од тоа или кога во јавноста или пред донаторите треба да се покаже некаков вид на соработка и партнерство. Според поголем дел нив, општината сака да има целосна контрола на сè, па добрите граѓански иницијативи наместо да ги поддржи самостојно да се развиваат, таа ги присвојува, а онаму каде не може да го има тоа, паралелно стимулира формирање на нови здруженија. Во една таква ситуација, кога се форсира партискиот над општиот интерес, се формира Младински совет кој постои е само на хартија и нема никакви реални активности кои би биле од интерес на младите во градот. Општината организира буџетски форуми, на кои главна целна група се пенизонерите и вработените во општинската администрација и јавните институции. Таа доделува средства на нетранспарентен начин преку лични и поединечни барања, без објавување на јавен повик. Организациите сметаат дека општината треба да биде промотор на активностите на невладиниот сектор, да делегира определени надлежности од областа на алтернативниот туризам, промоција на културно-историското и природното наследство, производство на здрава храна и промоција на планинскиот туризам. Од друга страна ставот на некои организации е самокритички, дека тие не се наметнуваат како сериозен фактор на локално и регионално ниво, за што е потребно организирање во мрежи и коалиции.
Здруженијата од Кратово[17] сметаат дека општината има потенцијал за развој, кој недоволно е стимулиран. Заштитените подрачја на природата, културно-историското и природното наследство, како и старата архитектура и традиционална кујна, можат да бидат од огромно значење и развој на овој регион. За жал, најголемите суми наменети за НВО, се доделуваат на спортски здруженија и на месните заедници за организирање на локални настани[18] без објавување на јавен повик за распределба на овие средства. Независен граѓански сектор речиси и да нема. Општината има организирано буџетски форуми во два наврати. Има обиди за преземање на започнати активности, како што е формирањето на Локален младински совет кој потоа се амортизира со вклучување на партиски претставници. Општината дава поддршка во изнајмување на бесплатен општински простор при организација на настани. До поактивните организации доставува покана за разгледување на буџет, но не ги кани организациите при креирањето на локални програми, краткотрочни и среднорочни стратегии и развојни програми. Не ги информира организациите за усвоените завршни сметки, а месните и урбаните заедници се целосно нефункционални. Општината не учествува на јавни настани кои се организираат од страна на граѓанските организации.
Организациите од Ранковце[19] велат дека општината е расположена за соработка, имаат средби на нивно инсистирање, а исто така ги отстапува техничките и административните капацитети. Не практикуваат буџетски форуми, немаат информации околу постапките за носење на буџет и распределбата на средства од ставка 463. Исто така, не учествувале во партнерски активности.
Во Општина Старо Нагоричане[20] граѓанскиот сектор е недоволно екипиран. Дел од организациите кои работат се регистрирани во Куманово, а територијално ја покриваат и Општина Старо Нагоричане. Од нив добивме информација дека општината нема стратегија за развој и соработка со невладините организации. Неповолната финансиска состојба не им овозможува активности кои ќе бидат потпомогнати финансиски. Една организација добива минимална финансиска помош за организирање на традиционална манифестација, но тоа е далеку од она што се реално потребите. Другите или добиле некоја минимална сума и тоа пред десетина години, или воопшто не добиле средства од општинскиот буџет. Организациите се жалат на тоа дека нема транспарентност во прераспределба на финансиските средства за НВО, како и редовни информативни средби на кои заеднички ќе се гради консензус околу приоритетите на локално ниво. Има иницијатива да се формира нова организација „Михајло Пупин“, која ќе ги промовира природните и културно-историските потенцијали на регионот. Организацијата има ограноци во Србија и Бугарија, и има големо членство од академски граѓани, што треба да се искористи во насока на регионалниот развој на општината и регионот во целина.[21]
Препораки и заклучоци
Со отстранување на причините од субјективен или објективен карактер при имплементација на Законот за рамномерен регионален развој, ќе се отвори можност за: реален рамномерен и одржлив развој на целата територија на Република Македонија, намалување на диспаритетите меѓу, и во рамките на планските региони, подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани, зголемување на конкурентноста на планските региони преку јакнење на нивниот иновациски капацитет, оптимално користење и валоризирање на природното богатство, човечкиот капитал и економските особености на различните региони, зачувување и развивање на посебниот идентитет на планските региони, како и нивна афирмација и развој, ревитализација на селата и развој на подрачјата со специфични развојни потреби и поддршка на меѓуопштинската и прекуграничната соработка на единиците на локалната самоуправа во функција на поттикнување на рамномерен регионален развој. Од друга страна, ќе се укаже на потребата за зајакнување на слабите алки, и зацврстување на веќе постоечките.
Со ова истражувањесе воочија дел од постоечките разлики, и се даваат насоки, препораки и сугестии за нивно надминување. Од шест општини кои фигурираат во СИПР, две се соочуваат со сериозни предизвици за нивниот опстанок, тековно подмирување на обврските и нормално функционирање. Блокираните сметки, немањето на реални инвестиции, пропаѓањето на постоечката, и неинвестирањето во нова инфраструктура, миграцијата на населението, невработеноста и други проблеми, се само дел од реалните проблеми со кои се соочуваат речиси сите општини. Ова, во голема мера, наместо кон намалување, води кон зголемување на веќе постоечките диспаритети помеѓу општините од еден ист регион. Тоа, пак, продуцира разлики помеѓу самите региони, што наведува на фактот дека се потребни ургентни промени и во Законот за рамномерен регионален развој, но и поголема посветеност на државата во надминување на постоечките сосотојби.
Заклучоците кои следат во продолжение на ова истражување, се резултат на познавањето на приликите во СИПР, долгогодишната соработка со ЕЛС; НВО и бизнис секторот во регионот, одговорите на барањата за пристап до информации од јавен карактер кои беа доставени до надлежните институции, како и унифицираниот анкетен прашалник кој беше дизајниран специјално за потребите за ова истражување, а беше наменет стриктно за граѓанските организации кои егзистираат во овој регион.
Препораките за подобрување на состојбите се:
- Неопходно е поттикнување на економскиот раст во СИПР преку отворање на мали капацитети за преработка на земјоделски култури, шумски плодови, млеко и млечни производи.
- Итно е потребно да се алоцираат средства од буџетот на РМ за подобрување на инфраструктурата (патна, водоводна, комуналната, енергетска, комуникациска) во руралните средини.
- Потребно е да се изработат студии и валоризација заодделниподрачја, одржливо искористување на локалните потенцијали и брендирање на производи.
- Зголемување на квотата на средства наменети за регионален развој, за подрачја со специфични развојни потреби и развој на селата.
- Поголема промоција на културно-историското, природното и традиционалното наследство во регионот.
- Креирање на инвестициони поволности за привлекување на домашен и странски капитал во сферата на енергетиката, рударството, земјоделието и алтернативен туризам.
- Развој на соработката помеѓу планските региони и прекуграничната соработка.
- Да се амортизира доминантната улога на ЕЛС и да се гради партнерски однос на општините со бизнис секторот и граѓанските организации.
- Да се инвестира во човечките капацитети и ресури во рамки на ЕЛС за подготовка на кавалитетни проекти и искористување на средства наменети за регионален развој.
- Да се формираат експертски тимови и консултанти на ниво на плански регион кои ќе имаат менторска улога во процесот на подготовка на апликации.
- Да се развијат и вклучат дополнителни форми и можности за граѓанско учество во статутите на општините, со цел да се создаде обврска за нивно користење и да се задржи одговорноста на локалните власти.
- Ревидирање на статусот на урбаните и месните заедници во нови законски рамки и по можност регистирање како самостојни правни субјекти со печат и штембил, кои ќе имат можност самостојно да аплицираат за средства во БРР и други владини и донаторски институции.
- Неопходно е да се обезбедат услови за забрзување на процесот на децентрализација.
- Да се создадат услови и механизми за јасна разграниченост меѓу политичките партии и јавните активности, за да се ограничи можноста за злоупотреба на општинските фондови во политички цели.
- Да се овозможи полесен пристап до веќе постоечките алатки за граѓанско учество од страна на граѓаните и граѓанските организации, преку нивно подобрување.
- Да се зголеми учеството на граѓаните во органите на локалната самоуправа. Ова може да се изведе со дополнување на членови во постоечките комисии.
- Да се создадат услови и механизми за јасна разграниченост меѓу политичките партии и општинските активности, за да се ограничи можноста за злоупотреба на општинските фондови за активности на политичките партии.
- Општините многу малку ги користат можностите за регионален развој преку имплементација на проекти со ЈПП. Поради тоа е потребно креирање на реални партнерства со бизнис секторот и градење на меѓусебна доверба.
- Планските региони сѐ уште не се одликуваат со динамичен и одржлив развој за што е потребно да се креираат специфични и конкурентни активности помеѓу самите региони.
- Потребна е поголема демографска, економска и социјална кохезија помеѓу планските региони и општините, во рамки на секој плански регион.
- Креирање на човечки ресурси и капацитети за развој на специфични подрачја и развој на селата.
- Вклучување на стручни институции и експерти при подготовка и имплементација на активностите.
- Градење на функционални структури за линковско поврзување на урбаните со руралните средини.
- Потребно е инвестирање во подготовка на техничка документација која изискува поголеми финансиски средства.
- Одржливо искористување на локалните ресурси и потенцијали со акцент на заштита на животната средина.
- Инфраструктурните проекти, пред сè патните правци, по можност да се изведуваат во една, а не да се цепкаат во две, три и повеќе фази.
- Креирање специфична и автентична понуда на пазарот на прехранбената и туристичката понуда.
- Поголемо искористување на капацитетите во сферата на земјоделство, сточарство, лов и
риболов. - Регионално поврзување на нашите региони со општините од соседните држави, Бугарија и Србија со модерна инфраструктура: с.Огут кон Општина Трговиште(Р. Србија) и с.Голема Црцорија кон с.Голеш (Р.Србија).
- Постоечките механизми за граѓанско учество не се лесни за користење и не овозможуваат земање предвид на потребите на различни групи на граѓани кои ги застапуваат тие.
- Учеството на граѓаните да не се гледа само како процес на информирање, туку како процес на взаемно решавање на поважни општествени прашања.
- Граѓаните се демотивирани да бидат активни граѓани, бидејќи често сеизманипулирани, и нивните иницијативи се заобиколени или присовоени за лична партиска или друг вид промоција.
- Граѓанските организации не се чувствуваат доволно моќни и стручно да влијаат врз прашањата поврзани со благосостојбата на граѓаните.
- Општините треба да развиваат свои механизми за вклучување на граѓаните согласно околностите во заедницата.
- Подобрување на партнерствата со граѓанските организации. Формирање на мрежи и коалиции што ќе ја зајакне експертизата и човечките ресурси кои би биле понудени.
- Промена на донаторските политики во насока на доделување на поголеми средства кон невладиниот сектор, што пак ќе придонесе за негово зајакнување долгорочна одржливост.
- Да се развијат дополнителни форми на граѓанско учество во статутите на општините, со цел да се создаде обврска за нивно користење и да се задржи одговорноста на локалните власти.
Библиографија
- Објава на соопштенија на Владата на Република Македонија од официјална веб страна vlada.mk
- Службен гласник на Република Македонија бр. 23 од 31.01.2014г; бр.118 од 06.08.2014 г; бр. 67.27.04.2015; бр. 198 од 12.11.2015г; 86 од 4.5.2016г и бр.99 од 20.05.2016г. slvesnik.com.mk
- Повици на БРР за распределба на средства за подрачја со специфични развојни потреби и развој на селата (објавени на веб страната на БРР) brr.gov.mk
- Профил на Североисточен плански регион http://www.northeastregion.gov.mk/Default.aspx?LCID=239
- Стратегија за рамномерен регионален развој 2009-2019 година
- Трансфери на општините до НВО за 2016 година http://opendata.mk/Home/TekstualniDetails/39?Category=1
- Анализа на постоечките практики на користење на механизмите за консултација со граѓаните во креирањето на локалните политики и нивната ефикасност – Издавач ФЛРЗ Штип – Невенка Лонгурова Гирова 2017год. http://frlz.org.mk
- Месните самоуправи основна клетка во процесот на демократско одлучување –РЦОР Кратово Заклучоци од тркалезна маса одржана во Март 2017год. regionalencentar.org.mk
[1] „Попис на население, домаќинства и станови во Република Македонија од 2002 година“
[2] Попис на население 2002 година – Завод за статистика на РМ
[3] Биро за регионален развој
[4] Владимир Пешевски, Вицепремиер на Влада на Р Македонија, прес 10.02.2016 год. – www.vlada.mk
[5] Извор БРР- преку пристап до информации од јавен карактер
[6] Извор БРР- преку пристап до информации од јавен карактер
[7] Извор БРР- преку пристап до информации од јавен карактер
[8] Писмен допис од СИПР, врз основа на барање за пристап до информации од јавен карактер бр.0302-36/1 од 30.05.2017год.
[9] Содржината е достапна на следниот линк http://www.slvesnik.com.mk/Issues/6728a112b9b5482984a6f83bc6770323.pdf
[10] Објавен повик на БРР за 2017 година за региони со специфични развојни потреби и развој на селата
[11] Одговор од БРР врз основа на барање за пристап до информации од јавен карактер 0302-35/1 0302-35/2 од 30.05.2017год.
[12] Интервју со Џемал Мемемти, раководител на сектор за финасии во Општина Липково, направено на 09.06.2017г. во ЕЛС Липково.
[13] Одговор на барање за пристап до информации од јавен карактер бр.18-1135/2 од 29.06.2017год.
[14] Кумановка, Даја, Центар за интеркултурен дијалог, Инклузива, ЛАГ Абер 2015, Рурална коалиција
[15] Илирија, Искреност, Силвана, Агрокултура, Информативен центар на заедницата
[16] ЗГ Цик Цак, РЦЦ Спектар, ЗГ Егри, ЗПСК Руен, Норгес Вел
[17] Извор, РЦОР, Центар за карпеста уметност, ОЖ Спектар, ЗГП Пчелар
[18] Трансфери на општините до НВО за 2016 година, http://opendata.mk/Home/TekstualniDetails/39?Category=1
[19] ЗГ Еко-Славишки и Флорезон Центар за еколошка демократија
[20] Српска заедница Ст. Нагоричане, Козјачија во срцето, Еко тимеколошка канцеларија на Ст. Нагоричане
[21] Интервју со Љубиша Цветковиќ, вработен во ЕЛС Старо Нагоричане, спроведено на 19.06.2017 г.
