Имајќи ја предвид ситуацијата на Балканот и предизвиците поврзани со примената на меѓународните документи чии потписнички се и земјите наследнички на поранешна Југославија, се укажа потреба за ширење на знаењето за меѓународните документи и нивната примена во рамките на националните правосудни системи како и пред меѓународните и европските судски инстанци.
Соочувајќи се со бројните закони усвоени во транзицискиот период во услови кога секоја од поединечните земји тежнее кон полноправно членство во ЕУ, но и со структурните недостатоци, правниот систем се уште се соочува со потешкотии кога станува збор за соодветната примена и заштита на човековите права. Разбирајќи дека треба да се преземат чекори за запознавање и поврзување на судството со темата на заштита на човековите права, во 2000 година беше инициран проект под наслов „Дообука на правниците во транзициските земји на југоисточна Европа“. Главната цел на проектот беше да им овозможи на правниците кои работат во различни бранши во правосудството и правната професија да се запознаат со стандардите во областа на заштитата на човековите права, да станат свесни за нивната важност и да се стекнат со неопходното знаење со кое би го штителе владеењето на правото и заштитата на човековите права.
Имајќи предвид дека најдобриот начин за подобрување на владеењето на правото и заштитата на човековите права може да се оствари преку официјалните судски органи, учесниците на семинарите беа внимателно селектирани судии, обвинители и нивни заменици, судски советници, адвокати и други судски службеници од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора и Македонија, како и претставници на меѓународни/локални НВОи, канцелариите на народните правобранители, релевантните министерства и владини институции, центрите за тренинг на судии, здруженија на судии/обвинители, итн. Во осумте години на имплементација на проектот повеќе од 850 учесници ги поминаа тренинзите понудени во рамките на проектот.
Целта на проектот беше (преку предавања, работилници, симулации на судења и слично) учесниците да се здобијат со знаење и вештини кои ќе им овозможат да ги споделат новите информации со пошироката целна група; да им даваат совети на владините институции, НВОи и слични други организации совети во својство на експерти за човекови права; да бидат извори на информации за медиумите во областа на законодавните и судските реформи, соодветната администрација на судовите, промоцијата и заштитата на демократијата, владеењето на правото и човековите права; како и подобро да ја разбираат и учествуваат во работата на невладиниот сектор и професионалните здруженија.
Покрај Форум - Центарот за стратегиски истражувања и документација, проектот го спроведуваа Белградскиот центар за човекови права од Белград, Србија, Центарот за човекови права при Универзитетот во Сараево, Босна и Херцеговина, Легалис - Здружение за промоција на човековите права и владеењето на правото од Загреб, Хрватска, Акција за човекови права од Подгорица, Црна Гора, како и Норвешкиот центар за човекови права од Осло. Проектот беше имплементиран со сесрдна финансиска и стручна поддршка од страна на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка, преку канцеларијата на Норвешката народна помош во Белград.
За подетални информации околу поединечните семинари, документи и слично, ве молиме да ја посетите веб страницата на проектот www.seelawyers.net.