31.07.2009

Коридор 8 - перспектива на една стратегиска идеја, тринаесет години подоцна

Коридорот 8 навлегува во своето тинејџерско доба. Во периодот од тринаесет години неговата актуелност се движи од скалила на огромна популарност и огромен интерес за негова реализација до негова маргинализација, за повторно да биде ставен во фокусот на јавноста.

Очигледно е дека неговата стратегиска важност не може, но што е уште поважно и не смее да биде маргинализирана затоа што за Коридорот 8 е карактеристична една одредена трансформациска специфика и димензија која му дава и голема значајност. Таа трансформациска димензија (која е присутна и кај другите коридори, но не со таков капацитет како кај Коридорот 8 ) е во тесна корелација со културното поврзување кое оди во пакет со инфраструктурното, безбедносното и економското поврзување што се случува по линијата на Коридорот 8.

Но, каква е перспективата на овој паневропски коридор кој треба да ги поврзе Бари и Варна преку Албанија и Македонија, за да преку Црното Море продолжи да се поврзува со азискиот дел од светот? Во секој случај, генерално, перспективата треба да се разгледува низ две димензии како перспектива за негова физичка реализација, но и димензија која се однесува на целокупната корист која со себе ја носи реализацијата од поврзувањето по трасата од Коридорот 8. Одговорот за првата перспектива тешко се прецизира, затоа што динамиката и големината на инфраструктурните зафати зависат од голем број на варијабли од социо-економски и политички карактер, додека на втората перспектива која е поврзана со користа никој не може да и го оспори мултидимензионалниот корисен карактер.

Тековна состојба - (пред услови, предизвици и проблеми)

Актуелната ситуација во која се планираат и реализираат сите тековни активности околу Коридорот 8 се одвива на најразлични меѓународни нивоа и претставува навистина сложен процес. Ова е процес кој може да се спореди со склопување на мозаик бидејќи мора да се склопат, отворат и затворат многу прашања и актуелни теми од економски, политички и безбедносен карактер. Нивото на соработка помеѓу владите на земјите кои се наоѓаат по линијата на овој коридор е релативно високо и коректно од политички аспект. Ова, несомнено, е и поради една навистина едноставна и логична причина, а која се однесува на тоа дека постои взаемна и повеќекратна корист за сите земји засегнати од реализацијата на овој проект. Вo изминатиот период исто така се забележува дека нивото на политичка соработка сепак не е диктирано само од ракурс на интересите околу овој коридор, туку пред сè заради други интереси и причини (НАТО и ЕУ интеграции, историски околности, други локални интереси и сл.). Во одредени периоди може да се рече дека дури интересите околу Коридорот се на последно место на политичките приоритети. Во контекст на идните предизвици, целокупната реализација на Коридорот 8 е од динамички карактер кој упатува на тоа дека и во моментот кога инфраструктурно ќе биде заокружен со сегашната претпоставена и планирана инфраструктура, Коридорот 8 нема да биде затворен како класичен проект. Сето ова е поврзано со потребата од тековно одржување на сите инфраструктурни елементи, а уште повеќе од предизвикот поврзан со потребата за константно усовршување и софистицирање на целокупниот сет од инфраструктурни сегменти кои се составен дел од коридорот. Верувам дека овој неоспорен факт во целост е респектиран и земен во предвид од сите активни чинители кои повеќе или помалку се вклучени во реализацијата на овој, условно кажано, атипичен проект. Реализацијата на секој проект, а особено проекти од ваков карактер, со себе носи и проблеми од најразличен тип кои неопходно треба да бидат менаџирани на начин кој ќе значи нивна елиминација на најефикасен начин. Генерално, Секретаријатот со седиште во Бари им помага на земјите да развиваат проекти за заокружување на сетот инфраструктурни димензии на Коридорот 8, истовремено спроведувајќи ги и потребните активности за изнаоѓање на фондови за реализација на активностите. Поконкретно, овој Секретаријат е задолжен да ги води сите помошни активности на Управниот комитет на Коридорот 8 и тоа од техничка помош, организирање на состаноци на Управниот комитет, помош при идентификација на проекти за коридорот и нивно промовирање пред Европската комисија и финансиските институции, супервизија на проекти, промовирање на заемна соработка со останатите паневропски коридори, дефинирање на услови и спецификации поврзани со тендерските постапки, како и останати звршни процедури и остварување на контакти со приватниот сектор и истражување на можности за воспоставување на јавноприватни партнерства за одредени инфраструктурни проекти. Иако најголемиот дел од проблемите ги менаџира Секретаријатот со седиште во Бари, секоја од земјите вклучени во неговата реализација, а кои имаат дадено бланко поддршка на Коридорот 8, треба да вложат дополнителни напори преку кои ќе ги минимизираат евентуалните проблеми кои се можни, очекувани или неминовни. Најважни од сè сепак се визијата и антиципирањето на проблемите и елиминирањето на нивните негативни влијанија. За сè друго, а најмногу за фондовите, постои простор со заеднички сили на сите земји вклучени во проектот да се излобира и со релаксирана, правилна политика и стратегија истите да бидат добиени.

Бенефит „pro“: Македонија - инвестициска дестинација

Реализацијата на Коридорот 8 со сите негови составни димензии позитивно би се одразила во промовирањето на Македонија како инвестициска дестинација, а уште повеќе доколку паралелно се работи на реализацијата и на другиот паневропски Коридор 10 кој исто така поминува низ нашата држава. Комбинирањето на ефектите и комплементарноста на овие два коридора во голем степен ќе ја подобри инвестициската слика и стратешката позиција на Република Македонија. Претворањето на Република Македонија во инвестициски рај и инвестициско чудо на Балканот за жал никако да се оствари. Во текот на 2007 година тогаш новата Влада на премиерот Груевски амбициозно иницираше и влезе во неколку проекти како регулаторна гилотина, воведување на рамни даноци, олеснето и забрзано регистрирање на фирми и некои слични мерки, преку кои сметаше дека ќе ги подобри инвестициската и претприемничката клима. Европската Унија, меѓутоа, не беше многу воодушевена од отворањето технолошко-индустриски развојни зони, посебно поради стимулациите и олеснувањата кои се нивен составен дел, а се во колизија со отвореноста на пазарот и неговата перфектност. Иако во основа се работи за добри мерки, помпезно најавуваните резултати изостануваат веќе три години по ред. Ова е поради фактот што овие мерки не се комбинирани со реално здрави и иницирачки политики кои инвеститорите би ги препознале. Инвеститорите не препознаваат мерки на атрактивна инвестициска клима, ставајќи особен акцент на изразената инфраструктурна имперфектност. Краткиот заклучок е дека, во поглед на промовирањето на инвестициските можности, се работи фасада, шминка без притоа да бидат поставени соодветни темели, во ситуација кога општопознато е дека една од првите работи кои ги калкулираат странските инвеститори во своите прединвестициони анализи е инфраструктурниот развој на една земја. На овој план веќе подолго време држиме незавидно standby ниво. Кога се насочуваат напорите кон јакнење на инвестициската клима, не треба да се испушти од предвид дека инвеститорите високо ја вреднуваат пристапноста до пазарите, квалитетот на човечките ресурси и нивната мобилност, стабилноста на енергетската инфраструктура, како и перформансите и капацитетот на телекомуникациската инфраструктура. Изостанувањето на сериозни, стратегиско-плански поддржани напори кои би ги унапредиле горе-наведените сегменти би резултирало со ”од во празно” во поглед на инвестициската клима. Дополнително, преку Коридорот 8, во Македонија ќе се олесни и достапноста до пазарите и ќе се овозможи подеднакво да се мотивираат инвестициите кои се ориентрани кон суровинскиот ревир, како и инвестициите ориентирани кон потрошувачкиот ревир што значително и сериозно ќе го прошири спектарот на инвестициски можности.

Анимирање на клучните stakeholder-и

Сите оние кои имаат потенцијал да влијаат на одлуките, како и оние кои што се под влијание на одлуките треба бидат анимирани на начин кој ќе гарантира дека процесот да биде воден на најдобриот можен начин преку изнаоѓање на најдобри можни решенија. Процесите кои се дел од решенијата имаат системски карактер и нивното водење во правец на постигнување на синергиски ефект е од круцијално значење.

Овие процеси се и процеси за акцелерирање при генерирање решенија и можат да бидат погледнати низ две призми:

1. Македонија и останатите земји кои ги поврзува коридорот Тој процес е потежок за антиципирање бидејќи вклучува доста политички моменти, иако номинално постои генерален консензус околу стратешката потреба за реализација на Коридорот 8. Во овој контекст, се добива впечатокот дека кога се работи за прашања од регионален интерес, македонската страна вообичаено настапува латерално, дезавуирајќи ја можноста да се вклучи како иницијатор. Значи, општ впечаток е дека од наша страна се настапува реактивно, најчесто се ”следи” наместо да се ”предводи”. ”Комотната” позиција на неми набљудувачи треба да ја претвориме во позиција на активни учесници во процесот. Уште повеќе, не смее да се дозволи практиката Коридорот 8 да се третира ad hoc, најчесто сведен на ниво на дневно-политичка тема во предизборие. Иако, проактивниот пристап по прашањето Коридор 8 е изискува многу напори, истиот не е луксуз, така што Македонија би требало поенергично да се вклучи во акцелерирање на процесот. Енергичноста и иницијативноста на Македонија треба да се манифестираат преку заложбите за изнаоѓање на адекватни стратегиски партнери кои во одредени случаи би имале интерес да вложат во конкретни инфраструктурни проекти, било целосно или преку кофинансирање од буџетски средства од капиталните расходи. Овие трошења треба да бидат крајно продуктивни и исплатливи за нашата држава со генерирање на повеќеслоен ефект. Во овој контекст треба да се користи и адутот дека на територијата на Република Македонија се сечат коридорите 8 и 10 со што претставуваме земја-крстосница во која се сечат поврзувањето на запад со исток и поврзувањето на север со југ. Ова е факт кој дополнително ја зајакнува нашата позиција како од аспект на олеснета пристапност до пазарите, така и од безбедносен и политички аспект. Тоа е отворена шанса да се зголеми бројот, а воедно и подигне квалитетот на инфраструктурните елементи кои ќе постојат по трасата низ нашата територија.

Регионалната соработка е de facto клуч за успехот. Во системот наречен Коридор 8 индивидуалното дејствување е корисно единствено само доколку се работи на зајакнување на интерните перформанси кои се во позитивен, компатибилен однос со заедничките интереси поврзани со Коридорот.

Фактичката состојба на регионалната соработка по ова прашање упатува на констатацијата дека директните земји учесници од регионот очекуваат некој надворешен релевантен одлучувач да се стави во улога на обработувач и иницијатор на регионалната соработка и катализатор на процесот. Процесите на донесување на корисни и апликативни решенија треба да се одвиваат синхронизирано и координирано од страна на секоја земја која се наоѓа на трасата од Коридорот 8. Неопходноста од синхронизација и координација произлегува пред сè од опасноста за појава на тесни грла во проектирањето, опасност која дополнително е оптоварена и со различниот степен на развиеност на тековната инфраструктура во секоја од земјите.

2. Домицилни stakeholder-и

Потребно е да се направи типологија на сите домашни stakeholder-и (централна власт, локални власти, големи компании, помали фирми, консултантски куќи, сојузи, комори, здруженија, банки, специфични кадровски профили, групи на јавен притисок, население...) и да се артикулираат особено корисните и поддржувачките stakeholder-и на Коридорот 8. Најдобро би било доколку оваа активност за идентификација на домашните stakeholder-и се води преку матрица на stakeholder-и во која тие ќе бидат класифицирани како: корисни, поддржувачки, маргинални и неподдржувачки. На овој начин, точно би можеле да се разработат и применуваат адекватни стратегии спрема секоја група на stakeholder-и што ќе придонесе да се постигнат најкорисни ефекти. Без тенденција во оваа анализа поединечно да ги разгледуваме сите групи на stakeholder-и и стратегиите кои би требало да се применат кон секоја од нив поодделно, само како пример може да биде земена користа и профитот кој може да го инкасира македонската градежна оператива која влегува во групата на поддржувачки stakeholder-и.

Во овој контекст, неминовно под лупа ќе биде ставена домашна задача на македонската влада за инфраструктурен развој со ветените, предвидени осум милијарди евра за наредните седум години преку:

  • - буџетски пари
  • - концесии
  • - странски фондови

Дополнително, низ временската димензија, ќе се утврди дали станува збор за ”набилдана” и амбициозна или реално остварлива идеја.

Трансформациската улога на Коридорот 8

Коридорот 8 има силно изразен трансформациски капацитет кој најмногу се рефлектира врз поттикнувањето на локалниот економски развој, трансформирањето на локалните економии и создавање на економски конкуренти локалитети. Ова е компатибилно со современите светски тенденции за менаџирање со комплексни структури. Повеќе економски конкурентни локалитети во рамките на своите интерни капацитети создаваат предиспозиции за зајакната, одржлива и конкурентна национална економија.

Всушност, Коридорот 8 ќе биде ставен во функција на стратегиска артерија за стратегиска корист и динамичен локален економски развој. Според својата физичка структура, Коридорот 8 е сет на инфраструктурни димензии:

  • - патна инфраструктура;
  • - железничка инфраструктура;
  • - телекомуникациска инфраструктура;
  • - модернизација на аеродроми и пристаништа (зголемување на нивната пропустна моќ и опслужување);
  • - нафтовод АМБО (и покрај помпезните најави за негова реализација уште во 2006 година, истион сè уште стои во stand by со неизвесна иднина);
  • - останати потенцијални инвестиционо-инфраструктурни можности (гасификација, нуклеарни централи и обновливи извори на енергија).

Во контекст на гасификацијата фактот дека Република Македонија е заобиколена од НАБУКО е евидентен и актуелен проблем кој по нашата држава може и ќе има единствено негативни импликации од аспект на стеснување на делокругот на развојни можности. Иако Македонија историски, традиционално и тековно не е голем корисник на гас, сепак постојат неколку крупни проекти во најава (како на пример ГАМА за кој постои неколкугодишен спор околу нерасчистена сопственост помеѓу Владата и Макпетрол), но и проекти чија реализација во иднина е поврзана со стратегиската пристапност на нашата земја до гас. Имајќи ја предвид новата констелација на односи поврзана со промената на енергетската мапа на Европа, најверојатно ќе постојат импликации врз политичките и економските потези кои Владите и големите енергетски компании ќе ги влечат на пократок или подолг рок.

Позитивниот импакт од сите димензии на овој коридор е во тесна корелација и со квалитетот на живот. Ова значи дека одмрзнувањето на стагнантните процеси и динамизирањето на сите активности поврзани со реализацијата на Коридорот 8 реално ќе биде почувствувано од владите, компаниите и секако од жителите кои географски припаѓаат на целокупниот простор од коридорот. Се очекува да се создадат огромен број на директни работни места кои ќе бидат вклучени во реализацијата на работни задачи од најразличен тип. По овој основ најголем ангажман и побарувачка ќе има за градежните инженери и работници, електро и машинските инженери, архитектите, проектните менаџери, консултантските куќи и некои останати работни профили. Во никој случај не смее да се изгуби од предвид ниту позитивниот верижен ефект кој оди во пакет со започнување на инвестиции од ваков карактер, односно т.н. постинвестициски инвестиции. Се очекува дека ќе се создадат голем број индиректни работни места, до и дека ќе постои можност за отпочнување на голем број индиректни бизниси. Постои најава и интерес за реализација на голем број супконтракторски договори за ангажирање на македонските компании. Истото ова се однесува и на останатите земји кои се вклучени во проектот. Огромна размена на искуства и имплементирање на стратегиски know-how ќе се случува помеѓу земјите од регионот, но и помеѓу нив и САД и Европа. Во овој контекст, треба да се напомене и безбедносната стабилизација како и зајакнатата културна интеракција кои на регионот му нудат една посреќна и посигурна иднина.

Политички или економски мотивирана инвестиција?

Изминатите тринаесет години ја потврдуваат каузалната поврзаност помеѓу економските и политичките варијабли кои го детерминираат овој процес. Во овој контекст, особено интересно е сознанието за постоење еквивалент помеѓу мотивите за овој проект и факторите од кои зависи неговата реализација, што всушност кореспондира со, условно кажано, атипичните специфики и природа на ваков мултидимензионален проект. Тоа се различните бројни категории економски и политички детерминанти. Не може класично да се измери дали преовладуваат политичките или економските моменти, тие некако одат во пакет и имаат нераскинливо меѓусебно влијание.

Во контекст на политичката волја особено битно е влијанието и притисокот на лоби групите, вклучувајќи ги и САД и нивниот интерес за безбедносна, економска и политичка стабилност. Економските интереси и мотиви за инвестирање како и широкиот спектар на корисници на бенефитите главно беа објаснети во делот кај трансформациската улога на Коридорот 8. Во прилог на ова, особено е важна и има влијание конкуренцијата за фондови помеѓу десетте коридори, бидејќи кога станува збор за странските фондови сите црпат средства за реализација од речиси исти извори. Таа конкуренција за фондови понекогаш е јавна, а понекогаш и латентна. Тука економскиот момент се испреплетува со политичкиот најмногу од аспект на лобирањето и моќноста на стратешките партнери. Но аспектот на политичката мотивација најмногу се врзува со потребата за успешно интегрирање на регионот во европските текови, но и создавање на стратешки ”мост” на Европа со азискиот дел преку Црно Море. Сето ова е надополнето и со постигнување на одржлива стабилност вклучувајќи ја и безбедносната стабилност на овој регион, која во значителна мера е во фокусот на САД и на европските влади.

Коридорот 8 и неговиот ”пат” во време на светска економска криза или светската економска криза на ”патот” на Коридорот 8?

Иако операционализацијата на проект од ваков карактер кореспондира со практикување на макроекономски и генерално холистички пристап, vis-àvis светската економска криза со која се соочуваме, неопходно е овој пристап да се надополни и модификува со претприемнички приоди. Влијанието на светската економска криза реално ги миноризира можностите за отпочнување со реализација на инвестициските зафати во Коридорот 8. Евидентен е недостатокот од средства и фондови кои тековно се замрзнати, а своевремено на бројните донаторски конференции и со потпишување на низа меморандуми за соработка беа предвидувани за финансирање на коридорите. Се забележува дека расте скептицизмот и кај дел од оние инвеститори кои имаат расположливи средства, иако некои од нив традиционално се познати и како вложувачи во високо ризични инвестиции. Во прилог на недостатокот од средства се и генерално рестриктивните буџетски политики на владите, типични за услови на рецесија. Оттаму, може да се заклучи дека навистина постојат фактори кои светската економска криза ја испречуваат на ”патот” на Коридорот 8 и реално го лимитираат реализирањето на овој проект. Погледнато низ претпримничка призма, пречката претставува предизвик, а неприликата создава прилика. Историјатот на светските економски кризи упатува на сознанието дека во такви околности всушност јакнат иновациите и инвенциите како решенија, амортизери и можни излези. А ”патот” на Коридорот 8 отвора можност за широк спектар на иновативни и инвентивни инвестиции особено во делот на енергетската инфраструктура. Доколку во перспектива би се реализирале инвестиции од таков тип, тие неминовно би продуцирале повеќеслојна економска корист. Според тоа, расходите во македонскиот национален буџет би требало да бидат позиционирани во оваа насока наместо кон непродуктивни трошења кои немаат капацитет да создадат нови вредности. Но секако за тоа се потребни политичка волја, стратегиска визија и адекватен хеуристички дух.

Препораки

  • - суштинско враќање на Коридорот 8 на листата политички приоритети на Република Македонија;
  • - критично унапредување на инфраструктурната имперфектност во насока на реално подобрување на инвестициската клима;
  • - анимирање на сите релевантни чинители во насока на изнаоѓање на најдобри можни решенија за реализација на Коридорот 8;
  • - претворање на „комотната“ улога на неми набљудувачи во иницијатори и активни чинители во процесот. Енергичноста и иницијативноста на Република Македонија да се манифестира преку конкретни заложби за изнаоѓање на адекватни стратегиски партнери;
  • - унапредување на регионалната соработка за реализација на Коридорот 8 на ниво над веќе потпишаните меморандуми за соработка со соседните држави, преку синхронизирано и координирано донесување на корисни и апликативни решенија во секоја земја која се наоѓа на трасата на коридорот и преземање на „сопственоста“ врз процесот;
  • - класификација на заинтересираните страни и разработка на стратегија за нивно суштинско вклучување во реализацијата на проектот;
  • - крај на непродуктивните трошења, особено кога ќе се земе предвид дека истите се прават во време на светска економска криза.

Назад до кратки анализи

Назад до CPPD