Школа за активно граѓанство
Почнувајќи од 2012 година, ФОРУМ-ЦСИД ја реализираше Школата за активно граѓанство, како дел од Проектот за граѓанско општество на УСАИД.
Во рамките на Школата за активно граѓанство, секоја година беа обучувани по 60 млади претставници на формални и неформални граѓански организации. Слушатели на Школата за активно граѓанство беа млади луѓе на возраст од 18-35 години. Најголемиот дел од нив беа претставници на граѓански организации и неформални групи. Тие ја посетуваа Школата за активно граѓанство со цел да стекнат знаења и вештини за реализирање на граѓански иницијативи и акции, како и за да ги научат техниките со кои би можеле да ја зголемат својата партиципативност во динамичните општествени текови.

Секоја генерација на Школата за политика се спроведуваше во три модули, од кои третиот модул претставуваше еднодневна средба каде учесниците од една генерација имаа прилика да ги споделат стекнатите искуства со учесниците од претходните групи на Школата за активно граѓанство.
При селекцијата на кандидатите за Школата за активно граѓанство секогаш во предвид беше земан етничкиот и родовиот баланс на групата, како и вклученоста на лицата со попреченост.
Оваа школа е базирана на искуствата кои ги стекна Форум ЦСИД во текот на седумте години (2003-2010) на организирање на Школата за политика, во чии рамки беа обучени околу 250 претставници на политичките партии, верските организации, медиумите и граѓанскиот сектор за разни актуелни и константни феномени на политичките дискурси (мултикултурализам, дипломатија, популизам, национализам, односи со јавност, одржлив раст, политички маркетинг, социјални теми…)
Програмите за модулите на Школата беа внимателно подготвувани од тимот на ФОРУМ-ЦСИД заедно со предавачите. Содржините беа обмислувани така што се инсистираше на тоа тие да отстапат од некои наметнати анахрони рамки, да содржат што повеќе актуелни прашања и теми и воедно да бидат доволно стимулирачки за размислување и дискусија.
Концептот на предавање, по кое ќе следува дискусија како и работа во помали групи на соодветната тема, се покажа многу успешен. Слушателите имаа простор за да го апсорбираат пренесеното знаење, да бидат поттикнати на размислување и на поставување на прашања, за на крај да можат во рамките на работата во групи да го имплементираат сето тоа.
На сесиите на Школата слушателите имаа прилика да слушаат предавања од граѓански активисти, универзитетски професори, новинари и други истакнати лица од општествениот живот, и да научат како суштински да се ангажираат во општеството и да ги применат стекнатите искуства во рамките на своите идни иницијативи и активности. Секои шест месеци нови триесет млади граѓани се запознаваа со основите поими на граѓанското општество, со структурата и местото на граѓанскиот сектор во општеството, со методологијата за планирање и реализација на граѓански акции, со разликите меѓу партиското и политичкото итн.

Целта на обуките на Школата беше луѓето кои веќе имаат некакво искуство во граѓанскиот сектор, да ги обноват знаењата за постоечкиот контекст, што се обидувавме да го реализираме преку предавања на теми поврзани со општеството заедно со институционалната рамка, како што се Устав, закони, институции, како и други чинители на демократските процеси, какви што се: политичките партии, медиумите итн. Понатаму, нашата цел беше слушателите на Школата да се дооспособат за воспоставување на поактивен однос, не само кон тоа што е нивен непосреден интерес/цел, туку и да развијат капацитети за согледување и вклучување во обезбедување на базичните вредности на секое општество како што се слобода, еднаквост, човекови права и слободи. Во Школата инсистиравме на тоа дека принципот на сојузништво со други организации и граѓани е еден од појдовните и дека секоја цел на легитимно организирање подразбира широк спектар на сојузништва.
Имајќи го во предвид она што го дефиниравме како најширок контекст во кој дејствува еден граѓанин/организација, преку симулирање на одредени состојби, ги поттикнувавме слушателите на Школата за активно граѓанство да бидат креативни во изнаоѓањето на методи со кои ќе ја оствара зацртаната цел. Притоа инсистиравме на тоа никако да не ја заборават врвната цел на секоја граѓанска иницијатива или акција, а тоа е општата добросостојба.
Нашите согледувања и впечатоци од генерациите на слушатели на Школата за активно граѓанство се дека на почетокот од циклусот обуки, беше забележителна изразита аполитичност на слушателите. Таа состојба забележа извесни подобрувања по неколку генерации. Како причини за аполитичноста на слушателите би можеле да се наведе тоа дека голем дел од слушателите на почетокот на обуките сметаа дека ангажманот во граѓанскиот сектор не подразбира занимавање со политика и дека тоа е тема на која што ексклузивно право имаат единствено политичките партии. Овој општоприсутен феномен беше нешто на што обрнавме сериозно внимание во рамки на сесиите на Школата. Имено, активно работевме на тоа да ги разраничиме поимите политичко и партиско, инсистирајќи на тоа дека сферата на политичкото се протега во речиси сите ангажмани на граѓаните и граѓанските организации и иницијативи. Многумина од слушателите на Школата за активно граѓанство ден денес ја истакнуваат важноста од поуките за оваа дистинкција.
Нашите впечатоци исто така говорат за потебата од активно, дополнително, неформално образование на младите во Република Македонија. Имено, независно од степенот на образование на слушателите (а речиси 90 % од нив беа факултетски образовани), ним им недостигаат основни познавања за некои елементарни и универзални термини, како структура на општеството, или човекови права, слобода на изразување, говор на омраза итн.
Она што за нас беше од голема важност во реализирањето на овој проект, беа евалуациите на слушателите. На крајот на секој модул тие имаа можност усно, а и во индивидуални анонимни евалуации, да ги искажат своите впечатоци и коментари за обуката, како и своите забелешки но и предлози и насоки за подобрување.
Впечатоците на најголемиот дел од слушателите на Школата за активно граѓанство се неизмерно позитивни. Тие во своите евалуации ја истакнуваа важноста на оваа Школа, велејќи дека го надополнила она што во рамките на моето формално образование не биле во можност да го научат, ги проширила нивните видици, и имала влијание во формирањето на ставови за некои општествени случувања и процеси. Тоа што биле дел од Школата за активно граѓанство резултирало со подобрување на нивните комуникациски вештини и придонело за запознавање со активностите на други невладини организации, како и запознавање, поврзување и размена на информации со многу различни луѓе, со кои можеби би немале прилика да се запознаат. Многу од слушателите го истакнаа и тоа дека покрај теоретската наобразба, сознанијата здобиени од вежбите и работата во групи имаат практична примена во нивните секојдневни животи. Многумина од нив, за време, но и по завршувањето на обуките во Школата за активно граѓанство, спроведоа свои автентични иницијативи и акции, а неколкумина од нив стартуваа и свои граѓански организации.
Особено при спроведувањето на акции осмислени и реализирани од алумнистите дојдоа до израз дел од идеите и методологиите за граѓански активизам промовирани во обуките од страна на врвните предавачи со големо искуство во борба за поправедно и поактивно општество.
Школата за активно граѓанство на долг рок успеа да креира една поинаква, покритична структура во рамките на самиот граѓански сектор. Некои од најистакнатите граѓански активисти во Република Македонија во изминатите четири години биле дел од Школата за активно граѓанство и истите тие биле иницијатори или директно биле вклучени во реализацијата на некои многу важни граѓански акции и иницијативи, формални или неформални.
Имајќи во предвид дека во досегашниот период беа обучени околу 250 млади од речиси сите поголеми општини во Македонија, имаме солидна основа да веруваме дека влијанието на обуките на Школата за активно граѓанство ќе биде почувствувано во најголемиот дел од државата, како и меѓу граѓанските организации кои и во следниот период ќе бидат носечкиот столб на прогресивните идеи во општеството.

