ВО ИЗДАНИЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ЦЕНТАР ЗА МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА (МЦМС) НЕОДАМНА БЕШЕ ОБЈАВЕНА ЗБИРКА НА СТУДИИ НА СЛУЧАЈ ПОВРЗАНИ СО СПРОВЕДУВАЊЕТО И ПОСТИГНУВАЊАТА НА ОХРИДСКИОТ РАМКОВЕН ДОГОВОР. ЕДНА ОД ТИЕ СТУДИИ ПОДГОТВИ И ФОРУМ ЦСИД, ЧИЈА СОДРЖИНА ЈА ОБЈАВУВАМЕ ОВДЕ ВО ЦЕЛОСТ.

АПСТРАКТ

Меѓуетничкиот дијалог во Општина Куманово е во голема мера резултат на заедничките напори на лидерите на локалните политички и невладини организации да се надминат етничките тензии и конфликти кои постојат во општеството, како и да се создава порелаксирана клима за решавање на локалните проблеми со проекти кои се во функција на соживотот. А кога лидерите на заедниците се посветени да ги развиваат меѓуетничките односи, се очекува и граѓаните да ги следат нивните примери.

Придобивките од Охридскиот рамковен договор за развојот на локалната самоуправа почнуваат поконкретно да се чувствуваат по 2005 година, кога се пристапи порешително со процесот на децентрализација. Овие придобивки ги анализираме преку четири случаи на употреба на двојното мнозинство во Советот на Општината Куманово, како примери за процесите на донесување одлуки. Може да се заклучи дека недоминантните заедници кои се претставени во органите на одлучување, благодарение на желбата за интегрирање и за учество во општинските структури, ги унапредија своите права, а промоцијата на нивниот идентитет се почитува и поддржува.

ВОВЕД

Оваа студија се занимава со влијанието на Охридскиот договор врз донесувањето на одлуките на локално ниво кои се однесуваат на правата на недоминантните етнички заедници. Темата ја анализираме преку случајот на Општината Куманово, каде дијалогот и соработката меѓу политичките претставници на доминантните етнички заедници доведе до донесување на одлуки кои ги зголемуваат нивните права.

Општината Куманово е најголемата општина во Република Македонија, во која според последниот попис од 2002 година живеат над 105.000 жители. Според етничкиот состав, населението на Куманово го сочинуваат 59,58% Македонци, 26,44% Албанци, 8,75% Срби, 4,12% Роми, 0,28% Турци, 0,14% Власи итн. (Стратегиски и акционен план за локален одржлив развој на Општина Куманово, УНДП, 2006, стр. 14).

Со ваквиот етнички сооднос, Општината Куманово во голема мера ја рефлектира состојбата на застапеноста на етничките заедници на ниво на државата, каде според последниот попис живеат 64,18% Македонци, 25,17% Албанци, 3,85% Турци, 2,66% Роми, 1,78% Срби, 0,84% Бошњаци, 0,48% Власи, што ја прави оваа општина податлива за изведување заклучоци од еден конкретен случај за поопштите состојби во државата.

Охридскиот Рамковен Договор предвиде дека мултиетничкиот карактер на македонското општество ќе најде свој одраз во јавниот живот (точка 1.3. од Рамковниот договор), развојот на локалната самоуправа ќе биде од суштествено значење за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците (точка 1.5. од Рамковниот договор), а во општините каде одредена заедница сочинува најмалку 20% од населението на општината, јазикот на таа заедница ќе се употребува како службен јазик, дополнително на македонскиот. Во однос на јазиците на кои зборуваат помалку од 20% од населението во општината, локалните власти демократски ќе одлучат за нивна употреба во јавните тела (точка 6.6. од Рамковниот договор).

Општината Куманово е еден одличен пример колку се почитува духот на Рамковниот договор на локално ниво, десет години по неговото потпишување. Според Статутот на Општината Куманово донесен во 2003 година, предвидено е за прописите кои се однесуваат на културата, употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20 % од граѓаните на Општината, утврдувањето и употребата на Грбот и Знамето на Општината, да се усвојуваат со мнозинство гласови од присутните членови на Советот, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на Советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Општината (Статут на Општина Куманово, 2003, член 27). Во општината покрај македонскиот јазик, во официјална употреба е и албанскиот јазик, како јазик кој го користат најмалку 20% од жителите на Општината (Статут на Општина Куманово, 2003, член 134). Минатата година Советот на општината одлучи во својата работа да го употребува и српскиот и ромскиот јазик, а ако во Советот бидат избрани претставници на некоја друга етничка заедница, можна е употребата и на дополнителни јазици.

МЕТОДОЛОГИЈА

Податоците во оваа анализа се произлезени од анализа на медиумски содржини и официјални документи од Општината Куманово и државни закони, како и од интервјуа со претставници на локални политички партии и невладини организации.

АНАЛИЗА НА ТЕМАТА

Посматрајќи ги од денешен аспект резултатите од донесувањето на Охридскиот рамковен договор, евидентно е дека тие имаат свои фази и дека неговата примена, а со тоа и влијание на донесувањето на одлуките во локалните заедници одеше чекор по чекор. Денес резултатите се практично “опипливи” и создаваат клима на оптимизам за понатамошно релаксирање на односите во мултиетничките и мултиконфесионалните средини. Рамковниот договор станува применлива алатка во релаксирање и решавање на меѓуетничките проблеми на локално ниво.

Првата фаза на неговата примена може да се смести во хронолошката рамка од 2001 година до 2004 година. Овој период генерално се карактеризира со се’ уште голема недоверба помеѓу заедниците, која при неговото спроведување често резултирала со блокирање на иницијативи и нанесување на политичка штета на другите етнички заедници – често и намерно.

Оваа фаза може да се илустрира низ неколку активности на невладината организација “Дром” од Куманово, која чекор по чекор се обидуваше и успеа, раководејќи се од Охридскиот рамковен договор да ги зголеми правата на ромската заедница. Ахмет Јашаровски од оваа организација во Куманово објаснува (интервју, 9.6.2011 г.) дека до 2004 година се уште се чувствувале последиците од меѓуетничкиот конфликт и биле присутни меѓуетнички проблеми и меѓусебна недоверба. Помалите етнички заедници немале доволно храброст да постават некои свои барања или да се спротивстават на барањата на двете најголеми етнички заедници, македонската и албанската. Нивното присуство во овој период практично не било забележително, додека, според Јашаровски, Албанците излегувале постојано со серии на барања. Истовремено барањата на помалите заедници биле игнорирани. Според нивните активности и опсервации, по овој период почнале полека да се насетуваат придобивките од меѓуетничкиот дијалог и Охридскиот рамковен договор, со што помалите заедници, како ромската, се охрабриле рамноправно да постават некои свои барања пред советот на општината.

Слични се констатациите и на политичката партија СНСМ (Српска напредна странка во Македонија). Претставникот на оваа партија во Советот на Општина Куманово, Ѓорѓе Полиќ (интервју, 9.6.2011 г.), тврди дека од 2001 до 2005 година, кога е покренато прашањето за употреба на српскиот јазик во локалната самоуправа, правилото за гласање со двојно мнозинство било злоупотребувано од страна на припадниците на албанската заедница. Во тој период тие ги блокирале обидите да се воведе српскиот и јазиците на некои други етнички заедници во службена употреба. “Евидентно кај нив постоеше отпор мотивиран наводно од некои повисоки национални интереси, со образложение дека доколку го поддржат таквиот предлог на српската етничка заедница, тоа ќе им нанесе политичка штета во односите и врските со Косово”, вели Полиќ. Според него, сепак поддршката за други активности, како што се културата, одбележувањето на некои важни датуми за српската заедница, функционирала без поголеми проблеми.

Втората фаза започнува во 2005 година, кога почнуваат да се чувствуваат ефектите од децентрализацијата и кога и другите етнички заедници се охрабруваат и почнуваат, следејќи го Рамковниот договор, со своите иницијативи да влијаат на локалните политики и на донесувањето на одлуките на локалното ниво. Во оваа фаза чекор по чекор почнува посилно да се чувствува духот на помирување, за што свое влијание има и Комисијата за односи меѓу заедниците, кој станува советодавен фактор во креирањето на политиката и донесувањето на одлуките на локалното ниво. Работата на членовите на оваа Комисија е волонтерска, но тие се вклучени во консултациите и креирањето на амбиентот кој треба да биде во полза на донесувањето на некои одлуки на локално ниво, важни за заедниците и соживотот.

Претставниците на сите заедници со кои разговаравме за потребите на оваа студија оценуваат (интервјуа, 2011 г.) дека Комисијата за односи меѓу заедниците функционира добро и имаат полна согласност и меѓусебно разбирање. Тие работат околу одбележување на некои датуми и манифестации за зачувување на националниот идентитет на одредените заедница. Се обидуваат да воспостават некој паритет. На пример, ако за албанската заедница се доделат 1 милион денари за разни манифестации, тогаш за српската да се доделат 300.000. Според Ахмет Јашаревски (интервју, 9.6.2011 г.), од НВО ДРОМ, со Комисијата за односите меѓу заедниците се подигнало нивото на свесноста за проблемите во помалите заедници. Дел од нив се однесувале на Ромите.

Во текот на 2006 и 2007 година, со десетмесечна упорна работа во рамките на Декадата на Ромите подготвен е документ како да се унапреди и подобри положбата на Ромите во областа на здравствената заштита и образованието, со стратегија за реализација. Со таа стратегија Ромите се вклучиле во изработка на планот на општината за Локален економски развој. За разлика од претходниот период кога присуството на Ромите во јавниот и политичкиот живот не се ни чувствувало, тие сега, заедно со Албанците и другите заедници, станале партнер на Локалната самоуправа, а нивните предлози влегле како составен дел на планот за Локален економски развој, за кој гласале сите советници. Потоа уследило и отворање на Ромски информативни центри кои локалната власт ги вклучила како составен дел на урбаните и месните заедници и делумно ја финансира нивната работа.

Слични се и оценките на Зекрет Казимовски (интервју, 9.6.2011 г.), член на Советот на Општина Куманово од СДСМ, но сепак смета дека и покрај големиот напредок во однос на правата на Ромите во Општина Куманово, постои уште еден проблем кој треба наскоро да се реши, а тоа е фактот што од околу 115 вработени во општинската администрација, нема ниту еден Ром.

Иако поделеноста по етничка основа е сè уште изразена, на локално ниво е создадена политичка клима во која Рамковниот договор се посматра како документ за поголемо интегрирање на сите заедници во донесувањето на одлуките на локалното ниво, а не како документ кој ги регулира односите само помеѓу Македонците и Албанците. Но, сепак, кога е во прашање правичната застапеност на останатите заедници во институциите на системот (не само во локалната администрација, туку и во подрачните единици на државните органи – Центарот за социјални работи, Основниот суд, Агенцијата за вработување, Секторот за внатрешни работи, Здравствениот дом итн.) според податоците во публикацијата на ЦРЗ “Дром” Куманово “Заедно за развој на Општина Куманово”, објавена во рамки на проект на УНДП во 2011 година, евидентно е дека постои дискриминација кон помалите заедници и дека приоритет за вработување секогаш се дава на Македонците и Албанците.

И во партијата СНСМ, сметаат дека од 2005 година Рамковниот договор станал попрактична алатка за остварување на правата на малите етнички заедници. Сепак тие сметаат дека тоа не е резултат на напредокот на демократската свест и добрата волја на албанските партии, или круна на Рамковниот договор, туку дека тоа е резултат на “склопени коцки” или политичко пазарење. Претседателот на општинскиот огранок на СНСМ во Куманово, Ѓорѓе Полиќ (интервју, 9.6.2011 г.), посебно нагласува дека припадниците на албанската заедница треба да разберат дека Рамковниот договор не се однесува само на Албанците. Тој инсистира на целосна примена на Рамковниот договор, не му оспорува никому право на праведна застапеност, но истото тоа го бара и за Србите. Според Полиќ поделеноста помеѓу заедниците е сè уште видлива, законите за употребата на јазиците не се доволно јасни, прашањето за именување на улиците и за поставување на споменици постојано се одлага, со образложение дека би можело да повреди нечии национални чувства. Тој признава дека во Куманово има доволно улици поврзани со поновата српска историја, но ако се прави потполна измена на имињата на улиците или ако се стави сето тоа на преиспитување, Србите ќе бараат реципрочно да се вградат некои други значајни личности од историјата, како на пример на Кралот Петар Први Ослободител.

За разлика од претставниците на ромската и српската заедница, кои тврдат дека придобивките од Охридскиот рамковен договор поспоро се остваруваат во праксата на локално ниво, претставниците на албанската заедница се задоволни од подобрените односи меѓу заедниците во периодот по потпишувањето на овој договор.

Фериз Дервиши (интервју, 9.6.2011 г.) од партијата Нова Демократија вели дека во Куманово уште пред 2001 година била формирана Комисија за меѓуетнички односи, и тој бил нејзин претседател. Според Законот за локална самоуправа од 1995 година, во советот на единицата на локалната самоуправа во која во мнозинство или во значителен број живеат припадници на националностите се образува комисија за меѓунационални односи во која има претставници од секоја националност која е застапена во единицата на локалната самоуправа (Закон за локална самоуправа, член 25, Службен весник на Република Македонија бр. 52/95). Куманово е една од ретките општини што формирала ваква комисија и во тоа време се донесени некои битни одлуки за зачувување на мирот, бидејќи иако на пет километри од Куманово имало конфликт, во Куманово немало ниеден посериозен инцидент. Особено кога се појавил проблемот со запирањето на водата, а десет дена Куманово било без вода, благодарение на ангажманот на членовите на оваа комисија водата била пуштена. Според објаснувањето на Дервиши, на почетокот на септември 2001 е изведена слична успешна акција кога со два автобуси беа однесени Македонци во Матејче да го посетат манастирот и без проблеми се вратиле назад. Тој објаснува дека во Советот на Општината немало поголема бариера и недоразбирања или блокади со употребата на двојното мнозинство. Во 2006 едногласно е донесена одлуката за службената употреба на албанскиот јазик, додека во однос на одлуката на Советот на локалната самоуправа за употреба на српскиот и ромскиот јазик на седниците на Советот, тој вели дека не би било етички тој лично да бара да се спречи нешто за што во претходниот период сметал дека и нему му било неправедно забрането. Смета дека иако Рамковниот договор е некаква рамка за релаксирање на односите меѓу заедниците, политичките пазарења станале негов пропратен елемент, како во случајот со донесувањето на одлуката за употреба на ромски и српски јазик на седниците на Советот.

Според Дервиши, употребата на албанското знаме во Општина Куманово не било предмет на барање, бидејќи според законите таква употреба е можна само во општините во кои една етничка заедница има над 50% од населението. Тоа прашање неколкупати е спомнато во неформални разговори, но не постои волја од спротивната страна. Меѓутоа, постигната е согласност доколку се гради споменик на бранителите од 2001, да се изгради и споменик на учесниците во ОНА. Усвоена е без проблеми и програма за одбележување на историски датуми. Дервиши укажува дека општината финансиски помага организирање на културни настани и одбележување на историски датуми на сите етничките заедници. Како лоша практика вели дека постојат одвоени училишта, дека младите се поделени, но според него генерално во Куманово не се нарушени меѓуетнички односи.

Зија Саити (интервју, 9.6.2011 г.), советник од партијата ДУИ во Општина Куманово, смета дека со одминување на времето и постепено релаксирање на меѓунационалните односи, Охридскиот договор добивал сè поголем легитимитет како начин за надминување на проблемите. Тоа го илустрира со пример дека во 2008 година Советот требало да донесе петгодишна програма за културно-историски монументи. Во рамките на оваа програма советниците од ДУИ предложиле да се изгради спомен обележје за паднатите борци на ОНА во 2001 година. Македонците истовремено побарале и изградба на спомен обележје за паднатите бранители од 2001 година. Комисијата што ја подготвила програмата била едногласна да се изградат и двете спомен обележја, а Советот донел едногласна одлука (при што се гласало и со двојно мнозинство) да се прифати оваа програма и да се градат двете спомен обележја. По оваа одлука останува да се формира Комисија за реализација на програмата. Во однос на идејата да се постави албанско знаме пред седиштето на Општина Куманово, смета дека тоа е добра идеја која ќе ја зголеми меѓуетничката доверба на локално ниво, а не му пречи да има и српско и ромско знаме пред општината. Во минатиот мандат на локалната власт имало иницијатива да дојде на дневен ред предлог одлука за промена на имиња на улици и училишта, но бидејќи тоа се случило пред локалните избори, се одлучило да се почека по изборите за такво нешто. Според него постојат улици со имиња како “Нова Југославија”, “Маршал Тито”, кои што се идеолошки називи и тие треба да се сменат за да бидат прифатливи за населението кое живее таму.

Сепак, во однос на менувањето на имињата на улиците, Претседавачот на Советот на Општина Куманово, Виктор Цветковски (интервју, 9.6.2011 г.), смета дека тешко ќе се постигне согласност за именување на некоја улица со име на некој од албанските херои од конфликтот во 2001 година. Заради избегнување на такви потенцијални раздори, Куманово е прва општина во Македонија која донесе одлука за именување на новите улици со бројки. Но, останува да се види дали ќе се најде мудро решение и за подигнувањето на спомен обележјата за македонските бранители и за албанските учесници во конфликтот од 2001 година.

ЧЕТИРИ ПРИМЕРИ ОД КУМАНОВО

Во однос на општината Куманово ќе наведеме четири случаи на употреба на двојното мнозинство, преку кои ќе се илустрира еволуцијата на меѓуетничката соработка за донесување на одлуките кои се од повеќестрано значење за етничките заедници.

  1. 1. Одлука за прогласување на албанскиот јазик за официјален јазик во Општина Куманово.Оваа одлука е донесена консензуално во Советот на Општина Куманово во 2006, и таа е во согласност со одредбите на Рамковниот договор и Законот за локална самоуправа (2002), со оглед на тоа што во Куманово живеат над 20% Албанци. Тогашниот Совет, кој бил избран за периодот 2005-2009 година, го сочинувале 19 Македонци, 9 Албанци (6 од ДУИ, 2 од ДПА и 1 од ПДП), 3 Срби (2 од коалицијата на СДСМ со ДПС и 1 од СРС). Иако уште од Законот за локална самоуправа од 1995 година било предвидено во општините во кои во мнозинство или во значителен број живеат граѓани припадници на националности, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо во службена употреба да биде и јазикот и писмото на националноста која е во мнозинство или во значителен број (Закон за локална самоуправа, член 89, Службен весник на Република Македонија бр. 52/95), сепак не се создале услови албанскиот јазик да биде воведен во службена употреба. Според зборовите на секретарот на Општина Куманово, Оливер Спасовски (интервју, 30.6.2011 г.), советниците Албанци имале разбирање за техничките и буџетските недостатоци во општината, но по 2005 година и зголемените надлежности од процесот на децентрализацијата во Македонија, се стекнале услови и се реализирала и оваа законска обврска на општината. Исто така, по 2005 година се зголемил и бројот на Албанци во општинската администрација и во локалниот совет. Ако во 2004 од 48 вработени во администрацијата, само тројца биле Албанци, а во Советот биле избрани 4 Албанци (3 од ДПА и 1 од ПДП), по 2005 бројот на вработени Албанци во администрацијата се зголемува на над 20, а во Советот се избрани 9 Албанци
  2. 2. Одлука за донесување на програма за спомен обележја, со која е предвидено подигнување на спомен обележје на бранителите од 2001 година и спомен обележје на учесниците во Ослободителната народна армија.Оваа одлука Советот ја донел во 2008 година откако советниците Македонци и Албанци предложиле да се изградат посебни спомен обележја за паднатите бранители од 2001 година и за паднатите борци на ОНА во 2001 година. По доаѓањето на новата гарнитура на Советот, по локалните избори во пролетта 2009 година, новиот Претседавач на Советот Виктор Цветковски (интервју, 9.6.2011 г.) пушта барање за толкување на Законите за локална самоуправа и за меморијалните споменици и спомен обележја од Законодавно-правната комисија во Собранието на РМ, министерствата за локална самоуправа и за култура. Законот за локална самоуправа предвидува се’ што се однесува на културата да се гласа со двојно мнозинство, додека не е назначено со тој лекс специјалис за споменици дека понатамошната постапка ќе оди со двојно мнозинство. Министерството за култура ги упатува на одговор од министерството за локална самоуправа, од каде им одговараат дека согласно Законот за спомен обележја и меморијални споменици, програмата е единствен документ кој што се носи со двојно мнозинство, а во понатамошната постапка не е потребно двојно мнозинство
  3. 3. Одлука за основање на Средно општинско училиште – Гимназија “Сами Фрашери” – Куманово, во која средношколците ќе можат да учат и на албански јази
  4. 4. Одлука за употреба на српскиот и ромскиот јазик во работата на Советот на Општина Куманово.Овие две одлуки се донесени на иста седница на Советот, одржана на 4 мај 2010 година, откако претходно бил постигнат договор меѓу речиси сите советници (единствено советникот на ДПА не гласал за одлуката за воведувањето на ромскиот и српскиот јазици во работата на Советот). Во новиот Совет избрани биле 22 Македонци (8 од СДСМ, 7 од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ, по 1 од ЛДП, НСДП, ВМРО-НП, СДПМ, ВМРО ДП и ТМРО ВЕП и од група избирачи), 6 Албанци (3 од ДУИ, 2 од Нова Демократија, 1 од ДПА), 4 Срби (2 од СДСМ, 1 од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ и 1 од РССМ) и 1 Ром (од СДСМ). Србите барале да се воведе српскиот јазик во работата на Советот уште од 1996 година година, но таква точка на дневен ред во Советот на Општина Куманово тогаш не е ставена. Таквата иницијатива во 2005 година наишла на спротивставување од страна на советниците Албанците. Од друга страна, предлогот за воведувањето и на ромскиот јазик во работата на Советот е во духот на напорите за подобрување на правата на Ромите во рамки на Декадата на Ромите, но и од идејата дека односите ќе бидат порелаксирани кога во една конфликтна ситуација меѓу два “играчи” (во случајов Србите и Албанците) ќе се внесат нови “играчи”. Кога се создала една констелација Албанците да бараат нешто од другите заедници (воведување гимназија на албански јазик), демократскиот капацитет надвладеал и се создала политичка клима во која сите ќе бидат добитници. Ставени се овие барања во пакет, и се изгласани во Советот.Со ова Општината Куманово е првата општина во Македонија во која во работата на Советот се употребуваат четири јазици, а доколку во иднина биде избран советник од друга етничка група, може да се употребува и неговиот мајчин јазик во работата на Советот. Советниците во општината се горди на фактот што во Куманово секогаш разумот преовладувал, што секогаш биле пионери во мултиетничкиот дијалог, како во случајот во 2001, кога го изолирале конфликтот и немало ескалации на состојбите, а во овие дваесет години немало посериозни инциденти, сквернавења на споменици и слични немили настани како во другите градови во Македонија. Понекогаш преговорите за донесување на одлуки важни за етничкиот идентитет добиваат форма на политички пазар и уценувања, но може да се забележи дека тоа е дел од општата политичка култура во партискиот живот во Македонија.

    Како што беше претходно потенцирано, Куманово е пионер во Македонија и со одлуката за именувањето на новите улици со бројки, нешто што во други случаи во општините често доведува до тензии поради потребата да се именуваат улиците со имиња на претставници на националните херои, кои можеби на претставниците на другите етнички групи им создаваат непријатни чувства. Може да се заклучи дека соживотот во една општина во голема мера зависи и од политичката клима во локалната власт, бидејќи доколку, како во примерот со Куманово, политичките лидери работат на проекти кои се во функција на соживотот, и граѓаните ќе ги следат.

ЗАКЛУЧОЦИ И ПРЕПОРАКИ

ПОДОБРУВАЊЕ НА МЕЃУЕТНИЧКИТЕ ОДНОСИ ВО КУМАНОВО

Во изминатите десет години претставниците на политичките партии кои потекнуваат од различните етнички заедници нашле начини како да соработуваат за да донесат одлуки од корист на сите побројни етнички заедници и таквата соработка продолжува да се развива и понатаму, истовремено зајакнувајќи го идентитетот на секоја заедница посебно.

Од нашето истражување може да се заклучи дека односите помеѓу етничките заедници во Куманово се традиционално солидни, а уште повеќе се подобрени со почитувањето на одредбите на Рамковниот договор.

Посветеноста на политичките лидери да ги развиваат меѓуетничките односи врз база на взаемна соработка придонесува за порелаксирани односи меѓу граѓаните од различните етнички заедници во Куманово.

ОД ДОГОВОР НА МАКЕДОНЦИТЕ И АЛБАНЦИТЕ КОН ДОГОВОР ЗА СИТЕ

Овој договор сè повеќе ги охрабрува помалобројните заедници да инсистираат на поголема застапеност во системските институции и на интегрирање на сите заедници во донесувањето на одлуките на локалното ниво. Сепак, кај помалите заедници договорот сè уште се доживува како документ кој ги регулира односите само помеѓу Македонците и Албанците.

ДВОЈНОТО МНОЗИНСТВО И КОНСТРУКТИВНО РАЗРЕШУВАЊЕ НА ПРОБЛЕМИТЕ

Во Куманово одлучувањето со двојно мнозинство е употребено четири пати вклучувајќи и за чувствителни прашања како на пример културно-историски споменици. Не е постигната согласност за менување на имињата на улиците.

Примерот од Куманово покажува дека кога не постои доволно волја или храброст претставниците на една етничка група (А) да прифатат некои одлуки кои се од корист на некоја друга етничка група (Б), тогаш е подобро донесувањето на таквите одлуки да се поврзат со други одлуки кои ќе бидат од корист и на етничката група (А), за на крајот сите заедно да чувствуваат дека добиле од взаемната поддршка и соработка.

КУМАНОВО КАКО ПОЗИТИВЕН ПРИМЕР

Како општина која во една микро-средина ја рефлектира состојбата на ниво на државата во однос на етничкиот сооднос на населението, треба да се истакнат ваквите позитивните примери на соработка меѓу лидерите на различните етнички заедници во Куманово во рамките на придобивките од Охридскиот договор во правец на градење доверба и соживот.

БИБЛИОГРАФИЈА

Стратегиски и акционен план за локален одржлив развој на Општина Куманово, УНДП, Куманово, 2006 Охридски рамковен договор, Адреса: http://siofa.gov.mk/mk/dokumente/Ramkoven_dogovor.pdf Статут на Општина Куманово, Службен гласник на Општина Куманово број 13/03 Закон за локалната самоуправа 1995, Службен весник на Република Македонија, бр. 60/1995 Закон за локалната самоуправа 2002, Службен весник на Република Македонија, бр.5 /2002 Закон за меморијалните споменици и спомен обележја 2004, Службен весник на Република Македонија, бр.66/2004 Одлука за основање на Средно општинско училиште – Гимназија “Сами Фрашери”- Куманово, Службен гласник на Општина Куманово број 8/2010 Одлука за употреба на српскиот и ромскиот јазик во работата на Советот на Општината Куманово, Службен гласник на Општина Куманово број 8/2010 Заедно за развој на Општина Куманово, Куманово, ЦРЗ “Дром”, 2011

ПРИЛОГ: ИНТЕРВЈУА

Ахмет Јашаревски, 2011, Учеството на невладините организации во Куманово во процесите на одлучување во Општината. Интервјуто е направено од Слаѓан Пенев и Александар Писарев. [лице в лице]. Куманово, 9.6.2011

Зекрет Казимовски, 2011, Учеството на политичките претставници на ромската заедница од Куманово во процесите на одлучување во Општината. Интервјуто е направено од Слаѓан Пенев и Александар Писарев. [лице в лице]. Куманово, 9.6.2011

Зија Саити, 2011, Учеството на политичките претставници на албанската заедница од Куманово во процесите на одлучување во Општината. Интервјуто е направено од Слаѓан Пенев и Александар Писарев. [лице в лице]. Куманово, 9.6.2011

Фериз Деривши, 2011, Учеството на политичките претставници на албанската заедница од Куманово во процесите на одлучување во Општината. Интервјуто е направено од Слаѓан Пенев и Александар Писарев. [лице в лице]. Куманово, 9.6.2011

Ѓорѓе Полиќ, 2011, Учеството на политичките претставници на српската заедница од Куманово во процесите на одлучување во Општината. Интервјуто е направено од Слаѓан Пенев и Александар Писарев. [лице в лице]. Куманово, 9.6.2011

Виктор Цветковски, 2011, Улогата на раководството на Советот на Општината Куманово за вклучување на претставниците на етничките заедници во процесите на одлучување во Општината. Интервјуто е направено од Слаѓан Пенев и Александар Писарев. [лице в лице]. Куманово, 9.6.2011

Оливер Спасовски, 2011, Учеството на раководството на општинската администрација во Куманово во процесите на одлучување во Општината. Интервјуто е направено од Слаѓан Пенев. [лице в лице]. Скопје, 30.6.2011

ОВАА СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ Е ОБЈАВЕНА ВО ИЗДАНИЕТО НА МЦМС: ОХРИДСКИОТ РАМКОВЕН ДОГОВОР, СТУДИИ НА СЛУЧАЈ