Сатански стихови
Цела недела размислував како да излезам од стереотипната оценка на нашето не толку убаво секојдневие. И да не ја истурам преголемата горчина која ја чувствувам во душата, нанесувајќи така уште поголема штета на онаа што веќе е направена.
Овде не се работи за судирот помеѓу верско-конфесионалното мнозинство и малцинство, Македонци и Албанци (или како што некој „милува“ да каже Шиптари), Христијани и Муслимани и слично, туку за некои сосема релевантни начела кои ја откриваат суштината на нашето битисување. Тука не би требало да постои компромис и било каков обид сè ова да се оправда и да се завитка во обланда.
Да се разбереме, Македонија не е теократија – не е ни Исусова, ни Алахова, не е ни Будина, ни Шивина. Во Македонија правата на верниците мораат да се почитуваат. Но, во правата на верниците не спаѓа нивното право на „неверниците” да им одредуваат како ќе живеат, што ќе јадат, што ќе читаат, со кого ќе легнат во кревет и со кого ќе се разбудат на сабајле… Исто како што немаат право за себе да велат дека се чесни затоа што се верници. Значи ли тоа дека атеистите не се чесни?
Аналогија: Ти имаш право да не јадеш свинско поради верско убедување, јас немам право на тоа да те присилувам, но ни ти немаш право мене да ми забраниш да јадам свинско! Твоите табуа не се мои табуа. Јас можеби имам други табуа, или можеби немам никакви табуа.
Еден од нашите социолози минатата недела со право го постави прашањето: “Кој ја овластил власта просторот наменет за сите да го сакрализира?”
Во овој случај не постои ништо што не може принципиелно да се реши. Меѓутоа нашата “демократска јавност” е уплашена, заплеткана како пиле во кучина, пелтечи, мижи, исплашена, а и сама не знае од што и затоа и не разбира за што се работи. Тажно е ограничена и затворена во провинцијализам и сè мери со локални тесногради авлиски аршини, дели на мнозинство и малцинство… С р а м о т а! Се сеќавате ли на „Сатанските стихови”, на „Данските карикатури“? Сега и ние добивме нешто слично, структурално, можеби не така димензионално, но сепак злокобно, бидејќи очигледно повикува на линч.
Стануваме ли држава во која ќе биде нормално, според личната проценка, да се стрелаат оние кои мислат спротивно од диригираниот став? Повиците “Шиптари, клети Турци, педери, неверници”… упатени од нашите сограѓани до нашите сограѓани, покажуваат дека во етничката карта на Македонија македонската авангарда секогаш страдала од самите Македонци.
Зад стаклото на „бурекџилницата” излезе тој злокобен повик. Меѓутоа, очигледно е дека сето тоа не излезе само од неговата глава, бидејќи да се смисли таква генијална глупост сепак е потребен еден поголем труст на мали мозоци. И што е сега со оние кои бегаат од одговорност и упатуваат лажни жалопојки?
Во секој случај работата е сериозна преку секоја мера. Ако сите кои се спротивставија на една сулуда одлука се навистина издајници, тогаш ние живееме во опасна реалност. Но, ако обвинувањата се простачка, безобѕирна, беспризорна, безобразна, неказнива и глупа лага, тогаш работите стојат многу по сериозно. Тоа е амбиент на хаос во кој опстанокот е обезбеден само за оние кои се под закрилата на контролорите на полицијата и на судовите.
Според она што можев да видам уличните групи „крстоносци“ имаа полна слобода на движење, одлично разработен стратегиски план и доволно големо ниво на алкохол да „не забележат” дека пред нив стои полиција. Го слушнав еден залутан полицаец како низ шепот вели: “Никој нормален не се спротивставува на мирни демонстранти…кога е нормален”.
Во таква ситуација граѓаните ниту знаат ниту можат да знаат кој е на нивната страна. Губат доверба во сопствениот избор и во реалноста во која живеат, затоа што очигледно дека не можат да ги контролираат своите избрани претставници, ниту смеат да помислат на било кој начин да ги отповикаат. Така народните избраници стануваат неуништлива напаст и тешка последица на погрешниот избор.
Изјавата на Оливер Димитриоски од Македонска студентска унија дека неколку турканици, неколку шлаканици, две тупаници и клоци не се насилство може да биде нов прилог во политичката теорија дека „демократијата е и кога ќе ги истепате или ќе се обидете да ги линчувате своите политички неистомисленици”.
Прст на чело треба да стават и професори и попови и оџи и новинари и полицајци и нивните генерали. Мултикулутрализамот е минлив пат до просветеноста која е трајна, ако не верувате прочитајте ја и Библијата и Куранот и Талмудот – зошто да не. Затоа што повеќе ништо не е нормално ниту ќе биде како што било. Темелите на нашиот заеднички дом се сериозно расклатени и во овој миг не ни се потребни говорници кои и понатаму палат, туку мајстори кои ќе ја обноват куќата.
Александар Писарев
