Промовиран Документ за јавни политики за непосредно учество на граѓаните во одлучувањето на локално ниво
На 29 септември 2020 година, Форум – Центар за стратешки истражувања и документација (ЦСИД) од Скопје поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество промовираше “ДОКУМЕНТ ЗА ЈАВНИ ПОЛИТИКИ ЗА НЕПОСРЕДНО УЧЕСТВО НА ГРАЃАНИТЕ ВО ОДЛУЧУВАЊЕТО НА ЛОКАЛНО НИВО“. Документот е креиран врз основа на истражување за користењето на формите за непосредно учество на граѓаните во одлучувањето на локално ниво, кое Форум ЦСИД го спроведе во соработка со локални партнери од седум плански региони во рамки на активноста „Активни граѓани за добро владеење“.

Поголемиот дел од партнерите вклучени во оваа активност, се соочиле со проблемот на демотивација за активизам или недоволна верба во можноста граѓаните да влијаат на одлуките на властите. Причината за оваа појава, партнерите ја наоѓаат во законските одредби кои пропишуваат висок процент на потпишани граѓани за поддршка на граѓански иницијативи и други облици на непосредно одлучување на локално ниво. Токму заради овие причини, Документот за јавни политики содржи јасни препораки за поголемо и непосредно учество на граѓаните во одлучувањето, меѓу кои се :
- намалување на цензусот за распишување референдум на локално ниво на најмногу 10% од регистрираните гласачи на ниво на единиците на локалната самоуправа;
- намалување на цензусот или воопшто да не е потребен цензус за да некој референдум биде прогласен за успешен;
- оставање на можност за собирање на потписи за иницирање собири на граѓани преку користење на обрасци добиени од Државната изборна комисија, но без обврска на граѓаните да одат во подрачна единица на Државната изборна комисија, туку потписите да ги собираат лица овластени од иницијаторите;
- спроведување на нов попис, кој ќе го покаже реалниот број на населението;
- поттикнување на свеста и потребата од перманентен граѓански ангажман по принципот на солидарност со секој ангажман што во себе содржи разумна цел.

