Лидерот на најголемата опозициона партија пред неколку дена најави дека СДСМ интензивно се подготвува(ла) за Локалните Избори во 2013-та (!?) и дека се планира(ло) успешен настап, односно победа. А доколку тоа се случи (?) СДСМ ќе бара(ла) вонредни, предвремени парламентарни избори на кои “ненародната власт“ ќе биде срушена!

Толку и така од опозицијата. Ајде да видиме како изгледа “таа работа“ доколку ја претвориме, односно расчлениме на нејзините составни делови.

Значи, Локалните Избори ќе се случат, според календарот на настани, во Март, а најверојатно во почетокот на април 2013-та, или броено од денес, а изразено во месеци, после 14 месеци! А во денови? Во денови тоа се точно 430 (со букви: четиристотини и триесет) дена! Убаво е да се прават долгорчни планови бидејќи се доказ за сериозност, темелност, одговорност. Освен нели, доколку 430дена, или 14 месеци и не се така којзнае колкаво долго време. А Јас велам: Како за КОЈ? За мене 14 месеци се многу! А за ВАС? Познавам луѓе, граѓани на оваа земја, на кои денот им е месец, неделата година, а годината еден век!

Но, добро. Одиме понатаму. Кон средината на м.Мај, во 2013-та, финалните резултати на тие избори ќе бидат познати, успехот (“планот“) постигнат и ќе следи провоцирање на предвремени избори. Според Уставот на РМ и според некаква најбрза динамика на случувања, а под претпоставка дека “ситуацијата“ ќе биде зрела и за тоа ќе биде добиена согласност на Собранието, тие избори не можат да се одржат, во најбрз рок велам, пред месец септември, првата, или втората недела. Велам, оваа е математика на некој на кого МУ СЕ БРЗА! Конкретно мене, а ВАМ? Ви се брза, или Ви е сеедно кога ќе се случи падот на ненародниот режим? Одговорете си сами на себе. Правењето на вакви математики не е тешко. Но, не заборавајте каде и како живеете и КОЈ и КАКО ја владее оваа земја. Но, го “пикиравме“ м.Септември 2013 (прва половина) како период во кој дефинитивно, демократски, воспитано, или како што народов вели, “со арно“ ќе се поздравиме со режимов ( на македонски јазик: ВЛАДЕЕЊЕТО) на Груевски. А тоа е, како време 14+4 (со букви:четиринаесет плус четири) месеци. Или, да не се пазариме многу ГОДИНА И ПОЛОВИНА, најмалце! Не е многу. А? Или пак ќе речете: Како за КОЈ?

Е ова, како за КОЈ, е многу интересна работа. За Груевски и тајфата, според ова како досега работеа, соема доволно, та дури и “фазла“ од она што им треба! Дотогаш, во Август/септември, ќе наполнат точно СЕДУМ ГОДИНИ како се на власт, или во веселава македонска транзициона математика (тогаш во 2013-та), од 22 години независнот смо Груевски лично, ќе има 11 години владеење (4 години како министер, на кое “слабо“ се сеќава, а најчесто “не е бил присатен“, а и никој не го потсетува на тој период, а камоли да го истражува, а потоа и СЕДУМ години како Премиер). Не е многу, особено ако зад тоа владеење останат некакви РЕЗУЛТАТИ! Нели?

А резултатите и сега се видливи, а некои предвидливи. А ШТО планира Груевски и тајфата, се знаеше уште во 2006-та, а тоа беше: РАСТУРАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА. НО, ајде да видиме што е тоа што е видливо, за граѓанството и, по се изгледа, на делови на опозицијата.

Во видливото, највидливо е дека Македонија е земја во која се живее најмизерно на светот. Додуша, САМО 30% од населението, а и тоа е сомнително, со оглед на тоа што, така е напишано во, верувам веќе заборавивте, во писанијата на “Економист“-Лондонски!

Потоа, Македонија е ДЕЛУМНО СЛОБОДНА земја! Според Фридом Хаус, американскиот! Ова е барем лесно и јасно. Кој вели пак дека ТРЕБА ДА БИДЕМЕ ЦЕЛОСНО СЛОБОДНА ЗЕМЈА? Некаква американска организација. И во полу-слобода се живее, или како би рекол оној Декарт, да беше меѓу нас: Ако го читам ова, што ОВОЈ го пишува, значи, слободен сум! Особено ако на тоа можам да одговорам ТАМУ НЕКАДЕ-со пцости и клевети!

Продолжувам цитирајќи го еден мој ФБ пријател: ОВИЕ КУПИЈА СЕ! ОВИЕ ЗАТВОРИЈА СЕ! А за осумнаесет месеци, јас ова го додавам, ОВИЕ ЌЕ ОТЕПААТ СЕ, а и ЌЕ СЕ ДОГОВОРАТ со секого. А последново го велам затоа што ВЕСТИТЕ за размената на срдечности помеѓу бароните на подземјето и политиката, обоени и обединети со боите на кој друг, ако не на парите, патуваат многу брзо и не се никаква тајна!

Одиме понатаму: Македонија е одамна економски колабирана, презадолжена и како држава и како поединечни граѓани, а лагите на власта дека “ни оди добро со оглед на околностите“ многу брзо ќе се покажат како безобразни лаги со куси нозе. Власта лаже, бидејќи секако е тука за да го донесе големиот Тресок после кој ќе следи библиското потонување, во која прилика, сите криминалци се надеваат, ТИЕ НЕМА ДА БИДАТ ТУКА! Волкаво трошење, крадење, ваков зулум (намерен), ваква деструкција на вкупното ткиво на општеството (национално, историско, идентитетско, политичко и којзнае уште какво) не е можно заради тоа што владетеливе биле, од милина речено, “аџамии“. Тоа се прaви со намера, план, а ОВИЕ покажаа дека за планирање на вакви злосторнички активности, ги бива! Тоа дека на Македонија и се случува Злосторничко здружување заради уништување на државата речено е и напишано повеќепати и на повеќе места и што е најважно, кажано на многумина “важни“ и “најважни“, да ми простите, во опозицијата! Овие испљувоци на транзицијата, на генетиката, на историјата, а би било комплимент да ги наречеме мангупи, тука се за да ја уништат Македонија. Камен на Камен да не остане, освен некое парче бронза кое ќе сведочи за една распадната цивилизација во која царувала расипаноста вгнездена во елитите кои владееле, или се обидувале да владеат со неа. Ах, да. И народ кој слепо ја следел својата овчешка философија дека ТАКА ТРЕБА ДА БИДЕ и дека ЈАС ништо не можам да сменам, а ТИЕ, гнасиве, се мнозинство.

Да резимирам. По 18 месеци овде НЕМА ДА ИМА НИШТО и таа ГАРАНЦИЈА дека по 18 месеци ќе се случи нешто (!?) за Груевски е ПОДАРОК каков што за Нова Година никој, та дури и најблиските, не му принесол! Како НЕКОЈ да му рекол: Терај си, договорена е! Биди си рајат 18 месеци!

Се разбира, за да не му робуваме на песимизмот, а и да не им дозволиме на дежурните (опозициски) загари да лајат, по угледот на миркалатасмиленкојанко школата, а купени од опозициското подземје, а како резервна варијанта, со мали шанси, помислувам дека реченото за тоа дека ТОГАШ И ТОГАШ ЌЕ ВИ Е…. МАЈКАТА е всушност тактички потег, за да се успие власта и НИЕ, вака ербапи какви што сме: ДА ГИ ФАТИМЕ НА СПИЕЊЕ!

Сега засега ни останува да ги броиме деновите, неделите, месеците и да се кладиме: Кој прв ќе ни звони на вратата: Локум или ЗВЕР!?

Ѓунер Исмаил, политички аналитичар