Кратка информација за авторот
Владо Анчев има завршено студии по Социологија на Филозофскиот факултет во Скопје во 2002 година. Оттогаш е активно вклучен во граѓанскиот сектор. Бил соработник во неколку локални и меѓународни невладини организации. Учествувал во голем број истражувачки и развојни проекти од областите: локален развој, намалување на сиромаштијата, човекови права, труд и работни односи, неформално образование, итн.

Кратко резиме
Целта на ова истражување е да се добијат основни информации за капацитетите на центрите за развој на планските региони за пристап до „небуџетските средства“ на финансирање, првенствено фондовите од ЕУ и другите меѓународни извори, како можни извори на финансирање на центрите, наведени во Законот за рамномерен регионален развој. Поттикот за избор на оваа тема на истражување се различните иницијативи за овозможување поголема финансиска самоодржливост на центрите за развој на планските региони, иницијативи кои во изминатиот период доведоа до измени и дополнувања на Законот за рамномерен регионален развој. Со истражувањето беше планирано да бидат вклучени податоци од сите осум центри, но беа обезбедени податоци само од пет центри, од кои беа добиени примарни податоци, преку прашалник и интервју. Во извештајот даваме краток вовед во концептот на РРР и некои позначајни податоци за буџетското финансирање, како и податоци за важноста од развивање на капацитетите на центрите, по што следува краток дел со најважните податоци за секој од петте центри, од кои податоци се извлекуваат дадените заклучоци.

Вовед
Рамномерниот регионален развој во македонското општество е релативно нов концепт. Неговото законско регулирање е воспоставено со првата верзија на Законот за рамномерен регионален развој (понатаму во текстот: ЗРРР) од 2007 г., кој понатаму ќе има три измени и дополнувања (во 2013, 2014 и 2015 година).
Иако регионалниот развој е содржан во концептот за развој и пред овој период, денешната институционална структура на регионалниот развој се заснова на ЗРРР, со неговите измени и дополнувања.
Во Членот 2 од ЗРРР се дефинира Рамномерниот регионален развој како „процес на идентификување, поттикнување, управување и искористување на развојните потенцијали на планските региони и подрачјата со специфични развојни потреби заради намалување на диспаритетите во степенот на развој во, и меѓу планските региони“, а понатаму и Планскиот регион се дефинира како „функционално-територијална единица воспоставена за потребите на планирање на развојот и за реализација на политиката за поттикнување рамномерен регионален развој“.
Извршувањето на стручните работи од значење за развојот на планските региони во ЗРРР (Член 24) е предвидено со основање на центри за развој на планските региони, кои што во согласност со статистичката поделба на осум плански региони, ги има и во ист број – осум центри за развој на планските региони.
Една од најзначајните теми за центрите за развој на планските региони, а со тоа и за РРР, е финансирањето на овие центри, а токму финансирањето и самоодржливоста на центрите беа причината за иницирањето на неколкуте измени и дополнувања на ЗРРР.
Зајакнувањето на самоодржливоста во функционирањето на центрите е од особено значење за зајакнување на нивната улога и за приближување во поголема мера до одредени успешни европски модели на управување на регионалните центри, кои што се базираат на принципите на партнерство и соработка.
Според ЗРРР (Член 27), извори на финансирање на регионалниот развој се:
– Буџетот на Република Македонија,
– буџетите на единиците на локалната самоуправа,
– фондовите на Европската унија,
– други меѓународни извори,
– донации и спонзорства од физички и правни лица и
– други средства утврдени со закон.
За потребите на ова истражување го користиме терминот „небуџетски средства“ кој што се однесува на последните четири можни извори на финансирање (фондовите на ЕУ, други меѓународни извори, донации и спонзорства од физички и правни лица и други средства утврдени со закон), иако во одредени случаи постојат модели на финансирање и ко-финансирање каде што се комбинираат изворите и нема јасна граница за тоа што е буџетско, а што небуџетско финансирање.
Целта на истражувањето е да се добијат податоци во која мера центрите за развој на планските региони имаат изградено капацитети за пристап и користење на фондовите на ЕУ и другите меѓународни извори, и да се даде краток преглед во која мера центрите остваруваат приходи и по последните два наведени можни извори на финансирање во ЗРРР („Донации и спонзорства од физички и правни лица“ и „Други средства утврдени со закон“).
Со истражувањето беа опфатени сите осум центри за развој на планските региони, кои беа контактирани за учество во истражувањето, а податоци преку интервјуа или пополнети прашалници беа добиени од пет центри. Временската рамка на периодот за анализа е петгодишниот период од 2012 – 2016 година.

Финансирањето и капацитетите на центрите за развој на планските региони
Политиката за РРР е практично невозможна без, од една страна, континуираната поддршка на центрите за развој на планските региони од државата, а од друга страна, финансиската поддршка од други недржавни начини на финансирање, во најголема мера поддршката од меѓународните фондови за развој.
Буџетската финансиска поддршка на центрите за развој на планските региони се заснова на ЗРРР, каде што е утврдено финансирањето на центрите од Министерството за локална самоуправа, Бирото за регионален развој и единиците на локалната самоуправа во состав на регионите.
Имајќи го предвид буџетското финансирање, податокот кој што треба да се истакне е дека за реализација на политиката за РРР од Буџетот на РМ годишно би требало се издвојуваат средства во висина од најмалку 1% од БДП, но според некои релевантни анализи овој износ не е достигнат во ниту една година од донесувањето на Законот, иако извештаите на Владата оперираат со податоци кои се движат од приближно 1% до 3,25% од БДП.
Разликата во проценката на независните извештаи и на владините извештаи е во однос на тоа дали средствата од буџетот на РМ се доделуваат врз основа на сте¬пенот на развиеност на планските региони (како што е предвидено во ЗРРР) или врз основа на вкупното издвојување за регионален развој (што е продолжување на политиката за развој на недоволно развиените подрачја, која постоеше пред донесувањето на ЗРРР).
Покрај буџетските средства, значаен сегмент во финансирањето на центрите се и небуџетските средства, од кои најзначајни се средствата од ЕУ фондовите и другите меѓународни извори.
Веќе неколку години во граѓанското општество е актуелна дебатата околу ИПА фондовите на ЕУ и административниот (институционалниот) апсорпциски капацитет на државата за нивното искористување. Анализите направени на оваа тема го потенцираат административниот апсорпциски капацитет на државата како основна причина за вкупниот низок капацитет на државата за искористување на фондовите ИПА.
Апсорпцискиот капацитет се дефинира како „ниво до кое одделна држава, членка или кандидат за членство во ЕУ, е способна да ги искористи овозможените (алоцираните) финансиски средства од буџетот на ЕУ, но тоа да биде направено на начин коj ќе даде значителни резултати (т.е. на ефективен и ефикасен начин).
Важноста на развојот на капацитетите на релевантните институции од областа на РРР е наведена во Стратегијата за регионален развој на Република Македонија 2009-2019 година, каде што развивањето на капацитетите се определува како „значајна детерминанта за добивањето/искористувањето на средствата од планските региони“.
Еден од приоритетите во Стратегијата (приоритетот 2.7), е и подигнувањето на капацитетите на институциите, каде некои од предвидените мерки, меѓу другите, се: квантитативно и квалитативно екипирање на центрите, континуирано усовршување на човечките ресурси, обезбедување специфични обуки, итн.

Методологија
Во периодот мај – јуни 2017 беше спроведено прибирањето на податоци, при што беа користени примарни податоци. Податоците беа добиени преку инструмент – прашалник, при што во контакти со центрите им беше понудено да го пополнат прашалникот и да го испратат во електронска форма, или да биде спроведено полуструктурирано интервју со истите прашања (со евентуално дополнување на бараните податоци).
Контактирани беа сите осум центри за развој на планските региони, од кои пет центри дадоа одговори (беа спроведени две интервјуа, а од три центри одговорите на прашалникот беа добиени по електронска пошта).
Податоците беа добиени од следните центри, односно плански региони: Пелагониски, Југоисточен, Североисточен плански регион (пополнет прашалник во електронска форма), и Вардарски и Скопски плански регион (интервју).
Во продолжение ќе ги прикажеме податоците кои ги добивме со истражувањето.

Центар за развој на Пелагониски плански регион
Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион (ЦРППР) во моментов фунционира со шест вработени лица и редовно аплицира на достапните отворени фондови. Според изјавата на вработените во центарот, нивната процена е дека искористеноста на ЕУ фондовите и на другите меѓународни фондови од страна на ЦРППР е на значително високо ниво.
ЦРППР за петгодишниот период (2012-2016) има приходи од вкупно 225.369.381 денари. Од нив, приближно 56% се буџетски средства, 27% се проекти од фондови на ЕУ, 16% од други меѓународни фондови и 1% приходи од други средства утврдени со закон.
Во апсолутни бројки, буџетските средства изнесуваат 125.402.503 денари, проектите финансирани од фондови на ЕУ изнесуваат 61.264.700 денари, проектите од други меѓународни донатори 36.395.928 денари, и приходите од други средства утврдени со закон 2.306.250 денари.
Во однос на финансирањето од програмите на ЕУ, ЦРППР во периодот 2012–2016 има спроведено два проекти (двата во периодот 2012-2014) и двата во вкупна вредност од 61.264.700 денари. Двата проекта се од ИПА прекуграничната соработка Македонија –Грција.
Во однос на проектите од други меѓународни извори, во периодот 2012–2016, ЦРППР има имплементирано вкупно 12 проекти во вкупна вредност од 36.395.928 денари. Во овие 12 проекти за целокупниот петгодишен период се: три проекти поддржани од УСАИД, три проекти од децентрализираната соработка Македонија-Нормандија, два проекти од УНДП, два проекти од Германската програма за развој – ГИЗ, и по еден проект од Амбасадата на Холандија и Јапонската развојна соработка.
Што се однесува до приоритетните области на регионот, ЦРППР во наведениот период има имплементирано проекти од скоро сите области (економски развој, инфраструктура, животна средина, земјоделство и рурален развој, туризам, култура и спорт), освен од областа на образованието.
ЦРППР нема остварено приходи по пат на донации и спонзорства од физички и правни лица.
Во однос на други средства утврдени со закон, Центарот има остварено средства за дадени консултантски услуги на субјекти од приватниот сектор и тоа во 2014 г. во износ од 1.076.250 денари, и во 2015 г. во износ од 1.230.000 денари.

Центар за развој на Југоисточен плански регион

Од податоците кои ги добивме за ЦРЈИПР произлегува дека во петгодишниот период 2012–2016, Центарот остварил приходи по сите основи во износ од 302.175.747 денари. Од нив, 22% се буџетски средства, 15% средства од проекти поддржани од ЕУ фондови и 63% од други меѓународни донатори.
Забележлив е високиот процент на приходи од други меѓународни извори, а причината за тоа е високиот износ за проектот „Вода за сите : Управување со сливот на река Струмица“, добиен во 2015 г. и кој што сѐ уште е во фаза на имплементација, а кој изнесува 168.758.000 денари, а е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Односно, во вкупниот износ кој што ги сочинува овие 63%, износот за овој проект е високи 88%, што ја објаснува ситуацијата зошто уделот од други меѓународни извори има највисок процент.
Во апсолутни бројки, буџетските средства изнесуваат 65.553.953 денари, проектите финансирани од ЕУ фондови изнесуваат 45.575.805 денари, и проектите од други меѓународни донатори, 191.045.989 денари.
ЦРЈИПР во наведениот период има спроведено шест проекти со помош од фондови на ЕУ, сите од ИПА програмата Прекугранична соработка, од кои пет со Бугарија и еден со Грција.
Во однос на проекти од други меѓународни извори, во наведениот период ЦРЈИПР има вкупно седум проекти, од кои два проекти од Швајцарската агенција за развој и соработка, три проекти од Германската програма за развој – ГИЗ, и по еден проект од УСАИД и УНДП.
Според изјавата на вработените во ЦРЈИПР, нивната процена е дека искористеноста на средствата од ЕУ фондовите и другите меѓународни донатори е на високо ниво.
Во однос на приоритетните области, најголем дел од проектите на ЦРЈИПР поддржани од меѓународните фондови за развој се од областа на животната средина, потоа од инфраструктурата, економскиот развој, туризмот, културата и спортот, а во најмала мера се спроведени проекти од областа на земјоделството и руралниот развој.
Во периодот 2012–2016, ЦРЈИПР не остварил приходи по можните извори на финансирање со донации и спонзорства од физички и правни лица и други средства утврдени со закон.

Центар за развој на Североисточен плански регион

ЦРСИПР во периодот 2012–2016 има спроведено шест проекти од различни програми од ЕУ фондовите, од кои најголем дел, четири проекти, се од ИПА програмата Прекугранична соработка Бугарија – Македонија, еден проект е од четвртата компонента на ИПА – Човечки ресурси, а еден проект е од програмата „Европа за граѓаните“.
Во однос на поддршката од останатите донатори, освен програмите на ЕУ, Центарот соработува со Германската програма за развој – ГИЗ (со која во периодот 2012–2016 има реализирано три проекти), а по еден проект има спроведено со донации од УСАИД, УНДП, како и програмата за билатерална соработка Словенија – Македонија, финансиски поддржана од Република Словенија.
Генерална оцена е дека користењето на средствата од фондовите на ЕУ и другите меѓународни донатори на Центарот, за наведениот период, е во задоволителна мера.
Центарот има четири вработени лица, но според изјавата на раководителот, тоа е недоволно и најголем предизвик е овозможување на нови вработувања во центарот.
Што се однесува до приоритетните области, најголем дел од реализираните проекти се од областа на економскиот развој, потоа од областа на туризмот, културата и спортот, од земјоделството и руралниот развој, и еден проект од областа на образованието.
Во однос на изворите на финансирање – донации и спонзорства од физички и правни лица и други средства утврдени со закон, Центарот досега не остварил приходи по тие основи.

Центар за развој на Вардарски плански регион
Генералната оцена за користењето на фондовите од ЕУ на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион (ЦРВПР), за периодот 2012–2016, е дека е тоа во недоволна мера.
Во 2013 г. имаат добиено првично одобрување за спроведување проект на повикот на ИПА програмата, за Прекугранична соработка Македонија – Грција, но не е имплементиран, бидејќи не е потпишан договор. Истиот е имплементиран само од грчка страна. Причините за нереализацијата на овој проект не се познати, бидејќи одлуката да не биде потпишан договор со македонската страна, односно со Центарот, била донесена од телото кое било одговорно за финансирање на соодветните проекти.
Проект кој што е поддржан од третата компонента на ИПА програмата (регионален развој), а кој што моментно се реализира, е проектот за регионална депонија, за кој што средства се добиени преку Министерството за животна средина. Центарот досега не поднел апликација за четвртата и петтата компонента од ИПА програмата.
Освен фондовите на ЕУ, Центарот има повеќегодишна соработка со различни донатори, како УНДП (со кој се реализирани повеќе проекти), Германската програма за развој – ГИЗ, Јапонска програма за развој, Швајцарска агенција за соработка и развој, итн.
Генерална оцена е дека поддршката од останатите меѓународни донатори за периодот 2012–2016, е во задоволителна мера (по слободна процена околу 90% од поднесените апликации се прифатени).
Во моментот Центарот има осум вработени од различни образовни профили, од кои четири се во редовен работен однос, а четири се ангажирани на проекти. Најголем проблем со кој што се соочува ЦРВПР е обезбедување финансиски средства за задржување на постоечките вработени и отворање нови работни места.
ЦРВПР досега не остварил средства по можниот извор на финансирање – донации и спонзорства од физички и правни лица, а единствен приход по можниот извор на финансирање – други средства утврдени со закон, е износот кој Центарот го добива од регионалната Стопанска комора (која користи канцеларија во истиот објект), за режиски трошоци (струја, одржување и сл.). Износот е помалку од 30.000 денари за цела година.

Центар за развој на Скопски плански регион
Центарот за развој на Скопскиот плански регион (ЦРСПР) го покрива најразвиениот од сите осум региони и следствено на тоа добива најмалку буџетски средства од сите центри за плански развој.
Во периодот 2012–2016 Центарот нема спроведено ИПА проект, а единствен проект за кој добивме информации, а се однесува на фондовите од Европската Унија, е проектот „Сековиа“ од Програмата за Југоисточна Европа (SEE Programme), во кој што центарот е еден од десетте партнери од тринаесет европски земји.
Во однос на финансирањето од други меѓународни извори, во периодот 2012–2016 Центарот бил финансиран од билатералната развојна помош од Република Словенија, Германската програма за развој – ГИЗ и УНДП.
Центарот има пет редовно вработени и едно лице ангажирано на проект, а според процена од вработените, Центарот има потреба од нови вработувања.
Во периодот 2012–2016, ЦРСПР не остварил приходи по можните извори на финансирање од донации и спонзорства од физички и правни лица и други средства утврдени со закон.

Заклучоци

Уделот на фондовите на Европската унија и другите меѓународни извори е од извонредна важност за финансиската одржливост на центрите за развој на планските региони.
Од податоците кои ги добивме од петте центри, би можеле да заклучиме дека сите позначајни донаторски агенции присутни во Македонија ги подржуваат проектите на центрите за развој на плански региони, од што произлегува дека рамномерниот регионален развој е важна тема во нивните работни програми.
Во овој извештај направивме дистинкција помеѓу средствата од фондовите на Европската унија и другите меѓународни извори, со оглед дека се прикажани во ЗРРР како различни извори на финансирање, иако постојат различни начини на комбинирање на финансирањето (некои меѓународни донатори добиваат средства од фондови на ЕУ, кои потоа ги регрантираат и сл.).
Како особена значајна програма би ја истакнале ИПА програмата Прекугранична соработка, за чиешто учество кај некои од центрите се забележува висока успешност, додека кај некои постои потреба од зајакнување на капацитетите за искористување на истата.
Што се однесува до капацитетите на центрите, тие може да се каже дека се микро работни средини, со мал број на вработени, кој се движи меѓу четири и осум вработени лица.
Кај сите центри е силно изразена потребата од човечки капацитети, односно нови вработувања и задржување на постоечките вработени. Буџетските средства кои што центрите ги добиваат за тековно работење им овозможуваат мал број редовни вработувања (вработувања на неопределено време), додека останатите ангажмани се најчесто на определено време.
Во таа смисла, со зголемувањето на бројот и обемот на добиените проекти, центрите се јавуваат и како работодавачи за вработувања на определено време или ангажмани по договори, преку ангажманите на проекти, во најголема мера финансирани од ЕУ и други меѓународни фондови.
Вработените во центрите се со соодветна стручна подготовка, но постои континуирана потреба за активности како обуки, размена на искуства, бидејќи тие се одговорни за подготвување проектни апликации до донаторите. Центрите вообичаено не користат надворешни експерти – консултанти од различни области за подготовка на апликации, освен по исклучок.
Од петте центри од кои добивме податоци, ниту еден нема остварено приход по можниот извор на финансирање „донации и спонзорства од физички и правни лица“, иако како можност е предвидено во ЗРРР.
По можниот извор на финансирање „други средства утврдени со закон“, центрите вообичаено не остваруваат приходи, или остваруваат во сосема мали износи. Индикативен за овој извор на финансирање е Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, кој има остварено приходи од давање услуги на фирми од приватниот сектор.

Библиографија
• Закон за рамномерен регионален развој „Службен весник на Република Македонија” бр.63/07, 187/13 и 43/14 и 215/2015
• Користењето на фондовите на ЕУ во Република Македонија: ефикасност, влијание и апсорпционен капацитет, збирка на студии, Институт за европска политика (ЕПИ), 2013
• Политиката за рамномерен регионален развој во Македонија: цели, предизвици, трендови, Слаѓан Пенев и Борче Треновски, Фондација Отворено општество Македонија, 2017

• Стратегија за регионален развој на Република Македонија 2009-2019 година, „Службен вес¬ник на РМ“ бр. 119/2009