Градинката и основното училиште “Даме Груев” во Градско добија сензорна градина
Денес, 26 јуни 2019 година, во дворот на градинката и основното училиште „Даме Груев“ во Градско беше отворена сензорна градина, прва од ваков вид во основно училиште во нашата држава. Oваа градина е наменета за зголемување на сетилните вештини и психомоториката кај децата од предучилишна возраст па сé до периодот на адолесценција. Сензорната градина претставува еден вид училница на отворено која што овозможува стимулација од широк спектар на сите сетила и е особено корисна за децата со посебни потреби.
Акцијата беше иницирана и реализирана од студентки на Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје и Економскиот факултет при Европскиот универзитет во Скопје, жителки на општина Градско, во соработка со тимот на Форум – Центар за стратешки истражувања и документација (ЦСИД) од Скопје. Средувањето на теренот за изградба на сензорната градина го помогна и Општина Градско, а во иницијативата со свој придонес се вклучи и основното училиште.

Градоначалникот на Општина Градско, Роберт Башовски, изјави дека со голем предизвик општината ја поддржа иницијативата и со сите сили, финансиски и логистички, заедно со директорката на училиштето „Даме Груев“, Ленче Стојанова, помогнаа да се реализира сензорната градина и изрази задоволство што токму во Општина Градско е отворена ваков тип на училница од отворен тип која е меѓу првите во нашата држава.
Акцијата „Активни граѓани за добро владеење“ на Форум ЦСИД од Скопје е поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
Со оваа акција, ФОРУМ-ЦСИД се стреми да ги информира и поттикне граѓаните да влијаат на процесот на донесување одлуки на локално ниво за што беа организирани обуки за претставници на локалните самоуправи од сите плански региони во Република Македонија, младински здруженија, маргинализирани групи, образовни институции, медиуми. Обуките во рамките на оваа акција се наменети за сите кои покажуваат интерес за проширување на своето знаење на теми поврзани со мониторинг на локалната самоуправа и активирање на граѓани за решавање на локални проблеми. По обуките, учесниците добиваат можност да реализираат локални иницијативи за подигнување на свеста за решавање на тековните проблеми во нивниот регион или заедница.

